Скопје
Започнаа градежните работи за изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“
Започнаа градежните работи од првата фаза од изградбата на булевар “Христијан Тодоровски Карпош” во Скопје.
„Во првата фаза новиот дел од булеварот “Христијан Тодоровски Карпош”ќе се гради на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до после крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“ во должина од 1000 метри. Новиот булевар ќе биде со вкупна ширина од 40 метри, каде истиот ќе се состои од 6 сообраќајни ленти, велосипедски и пешачки патеки од двете страни на булеварот и средишно зеленило. На новиот дел од булеварот “Христијан Тодоровски Карпош” ќе биде поставена нова водоводна мрежа, нова атмосферска канализација со профил од Ф 600, како и изградба на нова и реконструкција на постоечката фекална канализација. На новиот булевар ќе биде поставено ново улично осветлување, каде ќе се постават 76 столба во висина од 10 метри, а ќе биде поставена нова хоризонтална и вертикална сигнализација. За реализацијата на првата фаза на овој капитален проект, Град Скопје ќе издвои 160 милиони денари или околу 2,6 милиони евра, додека градежните работи ќе траат 13 месеци“, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Претседателот на Владата на РМ Груевски го поздрави почетокот на градежните работи на овој важен проект со кој значително ќе се подобри одвивањето на сообраќајот во овој дел од Скопје.
„Со изградбата на новиот булевар “Христијан Тодровски Карпош” ќе се даде нова сообраќајна алтернатива за жителите на Бутел, бидејќи сега се создава сообраќајно згустување и метеж на улицата “Бутелска”. Со изградбата на овој булевар ќе се надмине оваа состојба и е вистинско решение за сообраќајните проблеми за жителите на Бутел, Чаир, Радишани и Чучер Сандево, а воедно ќе се добие и ново поврзување со обиколницата“, изјави Груевски.
За реализацијата на првата фаза на овој капитален проект, Град Скопје ќе издвои 160 милиони денари или околу 2,6 милиони евра, додека за експропријација и расчистување на имотно-правните односи на трасата за двете фази Град Скопје издвои дополнителни 1,6 милиони евра.
Со реализацијата на овој проект, Градот Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, која ќе биде од големо значење за подобрување на сообраќајните врски и зголемување на безбедноста во сообраќајот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Викенд исполнет со празнична магија на „Патека на радоста“ во општина Илинден
Плоштадот во населеното место Марино за време на викендот беше центар на празнична магија, радост и заедништво, каде голем број граѓани од сите возрасти уживаа во новогодишната магија на „Патека на радоста“, во организација на општествено одговорни компании и под покровителство на Илинден, извести Општината.

„Настанот изобилуваше со богата и разновидна програма, наменета за сите возрасти, но со посебен акцент на најмладите жители: детски анимации, музички и сценски настапи, театарски претстави, како и кловновски и магионичарски изведби, кои создадоа ведра атмосфера и донесоа бројни насмевки кај посетители. Голем интерес и радост кај децата предизвика и пристигнувањето на Дедо Мраз, кое дополнително придонесе во будење на празничниот дух“, велат од општина Илинден.

„Вечерните часови беа исполнети со музички настапи на познати и млади македонски изведувачи и ди-џеи, како Јанг Дади, Таско и Пајак, кои создадоа одлична атмосфера. Празничната декорација, внимателно осмислената програма и позитивната енергија ја направија „Патека на радоста“ место за веселба, дружба и празнично сплотување.

Преку ваквите настани, Општина Илинден ја демонстрира својата континуирана посветеност на иницијативи што ја зближуваат заедницата и го збогатуваат културно-забавниот живот, притоа давајќи поддршка на општествено одговорни компании кои со своето ангажирање значајно придонесуваат за развојот на локалната заедница“, соопшти општина Илинден.

Македонија
(Фото) Герасимовски: Фантастична предновогодишна вечер на Боемска, центарци со позитивна енергија влегуваат во 2026
Со предновогодишната забава „Вечер под ѕвездите“, општина Центар симболично ја заокружи 2025 година и посака добредојде на Новата година.
Боемска улица синоќа беше преполна со расположени и весели скопјани кои се препуштија на празничната атмосфера, подготвена специјално за нив.

Уште на самиот почеток, вештите акробати и жонглери во ритамот на диско музиката на ди-џеј Александар Јорданов ги воодушевија посетителите со своите трикови и мајсторски точки, известуваат од Општината

Вечерта кулминираше со настапите на „Brass Brothers“ и „Либеро бенд“, чија енергична изведба на популарните хитови ја разигра публиката, која, и покрај студеното време, остана насмеана и во добро расположение.
На присутните им се обрати и градоначалникот Горан Герасимовски, посакувајќи им здравје, среќа и весели моменти во следната година.

„Ова беше навистина фантастична забава! Ви посакувам и во 2026 година да ве следи оваа иста позитивна енергија која вечерва заедно ја споделивме“, порача Герасимовски.

Вечерта заврши со спектакуларен огномет, кој ја најави магијата на претстојните празници.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)

