Регион
Ердоган: Турција не паѓа лесно на вакви бунтови
Во 6.30 часот во саботта утрото турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоан по третпат од синоќа ѝ се обрати на нацијата од истанбулскиот аеродром „Мустафа Кемал Ататурк“ и им се заблагодари на граѓаните за покажаната поддршка во текот на ноќта, подвлекувајќи дека како претседател на државата се наоѓа на својата должност.
Асуде А. Кочан, од Истанбул
„Турција не е земја која така евтино ќе се прeдаде на вакви бунтови. Сѐ додека сме сплотени ќе можеме да постигнеме сѐ,“ истакна Ердоан. И притоа се обрати до лидерот на движењето „Хизмет“ во Пенсилванија, САД, исламскиот проповедник Фетулах Ѓул, кого го смета за одговорен за обидот за воен удар кој започна во петокот доцна попладнето.
„Доста е со непријателството што му го правите на овој народ“, рече Ердоан, порачувајќи „нема да бидете доволно моќни за да ја замешате оваа земја оттаму“.
„Не можат да го сварат растот на оваа земја и зајакнувањето на овој народ, но сакале не сакале тоа ќе се случи“, рече турскиот претседател кој соопшти дека воздухопловната компанија „Туркиш ерлајнс“ повторно започнал со своите летови.
„Сѐ додека не се нормализира состојба ќе бидеме заедно“, му порача на насобраниот народ пред аеродромот кој го поздрави со со скандирања „Турција се гордее со тебе“.
Турција мина мачна ноќ во текот на неуспешниот обидот за воен удар од страна на воената фракција која имала намера да ја собори владата и кој започна во петокот попладне со затворањето на двата моста преку Босфор и упад на истанбулскиот аеродром како и во државната телевизија TRT во Анкара. Во текот на ноќта беа извршени упади и обиди за преземање на контролата во телевизијата CNNTürk која за кратко време со интервенција на полицијата и притворање на припадниците на бунтовничката фракција за обидот за воен удар, повторно продолжи со програмата.
Рано изутрина и во зградата на TRT во Харбије во Истанбул полицијата имаше интервенција и притвори група војници. Премиерот Бинали Јилдирим и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоан во текот на ноќта неколупати ѝ се обратија на нацијата и повикаа народот да излезе на плоштадите и на улиците за да даде поддршка во одбрана на демократијата.
Реки од луѓе излегоа на улиците во заштита на единството и интегритетот на земјата. При едно од обраќањата на нацијата претседателот Ердоан изјави дека хотелот во Мармарис во кој претходно престојувал е бомбардиран и дека на патот за истанбулскиот аеродром бил направен обид за изолирање на неговиот авион. Ја повика нацијата на смиреност и поддршка во борбата со „паралелната државна формација раководена од Пенсилванија“.
Подвлече дека се покажало дека се работи, како што тврдеше, за терористичка организација која со оружје се обидела да ја преземе власта. Обидот за воен удар го нарече „предавнички потег“ кон татковината насочено кон влада која е дојдена на власт со гласовите на народот.
„Ова се случува пред одржување на седницата на Високиот воен совет и некои знаеја што точно ќе се случи и затоа презедоа еден ваков чекор. Пред кратко време на аеродромот имавме напад од Исламската држава и сега на истото место се расправаме со паралелната формација и над аеродромот летаат авионите ‘F-16”, истакна Ердоан.
Лидерите на опозицијата го осудија обидот за воен удар кратко по првите вести. Во текот на ноќта сѐ до утринските часови се слушаа во Истанбул и Анкара каде беа фрлени 4 бомби врз зградата на турскиот парламент кој беше бомбардиран четири пати во текот на ноќта. Премиерот Бинли Јилдирим во текот на ноќта ја повика бунтовната воена фракција да се откаже од „лудоста во која се впуштила“ и да си ги „ублажи казната“ која ќе следи.
Тој соопшти дека е притворен е убиен еден хунташки генерал. Официјално се наведува бројка од 60 жртви и повеќе од стотина повредени при судирите во разни престрелки.
Свикана е вонредна седница на собранието. Во шест часот изутрина во близина на дворецот на претседателот на Турција се фрлени две бомби од страна на „F-16“ авиони, а од регионот допираат истрели од судирите меѓу припадниците на власта и фракционата воена групација, додека сѐ уште нема информации за евентуални нови жртви. Во меѓувреме соборен е хеликоптерот кој го бомбардираше „Турксат“, при што загинаа 17 припадници на специјалните сили, а на Босфорскиот мост на кој има тенкови, во утринските часови војниците кои учествуваа во обидот почнаа да се предаваат.
Ситуацијата во земјата е сѐ уште неизвесна, над небото над Анкара летаат воени авиони и се слушаат истрели и бомбардирања./крај/мф/аак
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Бебе загина во пожар, пожарникарите успеале да ги спасат мајката и трите деца во Призрен
Едногодишно дете загина денес во пожар што избувна во станбена зграда во центарот на Призрен. Мајката на детето и уште три деца се спасени и се надвор од животна опасност. Главниот обвинител на Основното обвинителство во Призрен, Петрит Криезиу, изјави дека во моментот на пожарот, мајката и четирите деца спиеле во куќата.
„Денес, 30 декември, околу 10 часот наутро, добивме информација за пожар во кој горела куќа во центарот на градот, во близина на Домот на културата. За жал, имаме еден смртен случај. Мајка и нејзините четири деца биле во куќата. Три деца се спасени, додека едно дете, старо околу една година, починало“, рече Криезиу.
Според него, полицијата, пожарникарите, истражителите, противпожарните експерти и дежурниот обвинител веднаш по пријавата излегле на терен. Пожарот е ставен под контрола, но истрагата е сè уште во тек, бидејќи се собираат материјални докази што би можеле да фрлат светлина врз причината за пожарот.
– Пожарот сè уште не е целосно изгаснат за да можат да се извршат сите потребни вештачења. На лице место сè уште се собираат докази, а сите надлежни институции работат на утврдување на точните околности на овој трагичен настан – рече Криезиу.
Тој нагласи дека засега нема индиции дека пожарот е намерно предизвикан, но дека е прерано да се носат конечни заклучоци.
– До овој момент, не се сомневаме дека пожарот е намерно предизвикан. Може да има различни причини, но истрагата е во тек и само по вештачењето ќе можеме да зборуваме со сигурност – додаде тој.
Главниот обвинител потврди дека трите деца што беа спасени се надвор од животна опасност и изрази сочувство до семејството на жртвата.
Регион
До кога Бугарите ќе можат да плаќаат и во лева и во евра по 1 јануари 2026 година
За разлика од неограничената размена на лева за евра, плаќањата во обете валути, познати како период на двојна циркулација, се ограничени од 1 јануари до 31 јануари 2026 година.
Во текот на овој едномесечен период, левото и еврото ќе бидат во оптек истовремено, при што обете валути ќе имаат статус на законско средство за плаќање. Ова го објави Бугарската народна банка, пренесе бугарски „Фокус“.
После тоа, од 1 февруари 2026 година, еврото ќе остане единствена валута на Бугарија.
Луѓето ќе можат да продолжат да менуваат лева, доколку сè уште ги имаат, во БНБ, во комерцијални банки или во пошти (во населби каде што нема канцеларии на комерцијални банки).
Бугарија од 1 јануари влегува во еврозоната, и почнува да го користи еврото за плаќања во земјата.
Фото: pexels
Регион
Уапсен напаѓачот кој во Белград избоде жена пред внукот
Тихомир Крстиќ (44), повеќекратен повратник во извршување кривични дела, е уапсен под сомнение дека во саботата, 27 декември, во влез од зграда во Нов Белград нападнал жена и ѝ нанел девет убодни рани. Крстиќ има долга криминална историја и најчесто бил осудуван за разбојништва и кражби, при што чести негови жртви биле и деца, пишува „Телеграф.рс“.
Според сомневањата, Крстиќ ја нападнал жената околу 13 часот во станбена зграда во Нов Белград, и тоа пред нејзиниот внук. Ѝ задал повеќе убоди со нож, по што ја ограбил и побегнал. Според информациите на „Блиц“, повредената жена е во стабилна состојба и не е животно загрозена.
Таа здобила три убодни рани во пределот на десната клучна коска, една на левата страна, четири во левото рамо и една во главата. Лекарите констатирале и повреда на белите дробови. Жената е сместена на Одделот за интензивна нега, каде што нејзината состојба и понатаму се следи.
Криминалното досие на Крстиќ покажува дека ова не му е првпат да користи нож при закани. Уште во август 2011 година, од двајца малолетници одзел два мобилни телефони и 200 динари, заканувајќи им се: „Извадете од џебовите сè што имате, ќе ве избодам со нож и ќе пукам во вас!“
Само два месеца подоцна, во октомври истата година, повторно нападнал две момчиња. Им пришол и побарал да му позајмат мобилен телефон, а кога му рекле дека немаат кредит, ги замолил да му го покажат патот. Откако прифатиле да му покажат каде е автобуската станица, ги запрел на крстосница, извадил нож од левата патика и им наредил сè што имаат да го извадат од џебовите и да го остават, заканувајќи се дека ќе ги избоде. Едното момче му предало мобилен телефон, додека другото останало без пари, телефон, сребрено ланче, нараквица и рачен часовник.
По грабежот, Крстиќ им наредил: „Трчајте надолу, ако ве чујам, ќе ве стигнам и ќе ве избодам!“, по што момчињата побегнале. Само пет дена подоцна, украл мобилен телефон и од една жена, приоѓајќи ѝ одзади и истргнувајќи ѝ го уредот од рака додека разговарала.
Полицијата по Крстиќ трагала повеќе од 24 часа. Министерството за внатрешни работи во два наврати објавило негови фотографии, апелирајќи до граѓаните да пријават доколку имаат информации. Уапсен е на автобуска станица во Раковица, недалеку од зградата во која живеел.
Според неофицијални информации, Тихомир бил пуштен од затворот Забела пред околу два месеца. Живеел во Раковица со девојка која изнајмила стан. Соседите раскажале дека секогаш ја спуштал главата кога минувал покрај нив и дека постојано носел капа.

