Скопје
Потпишан договор за проширување на булевар Борис Трајковски од Стаклара до Пинтија
Договорот за проширување на булевар Борис Трајковски од влез во фабрика Стаклара до населба Пинтија беше потпишан во понеделник.
Договорот го потпишаа Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерот за финансии, Зоран Ставрески и претставници на компаниите од конзорциумот „ДГ Бетон АД”, „Бауер БГ” и „Понстрој инженеринг ЕАД”.
Проширувањето и реконструкцијата на третата фаза од улица Борис Трајковски ќе се врши на потег од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри, додека вредноста на реализацијата на овој проект изнесува 228.164.592 денари со вклучен ДДВ, или околу 3,7 милиони евра.
Новиот булевар „Борис Трајковски” ќе биде со 4 сообраќајни ленти, со вкупна ширина од 13,7 метри, пешачки патеки од двете страни, како и велосипедска патека за двете насоки на левата страна од булеварот. Градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе се искористат за изградба на нова атмосферска канализација по должината на улицата, ќе биде извршена заштита и дислокација на постојните подземни инсталации (електрични и телекомуникациски), а ќе биде поставено и целосно ново улично осветлување. На новиот булевар ќе се постават нови семафори и ќе биде поставена целосно нова хоризонтална и вертикална сигнализација.
„Со реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, што значително ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници со сообраќајот“, изјави градоначалникот Трајановски.
Средствата за реализација на овој капитален проект се обезбедени преку долгорочно домашно задолжување на Град Скопје, кој потпиша Договор за под-заем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка. Под-заемот треба да се враќа во период од 13 години, со грејс период од 3 години, започнувајќи од датумот на потпишување на овој Договор за под-заем.
„Сакам да го изразам своето задоволство за потпишувањето на овој договор со кој ќе се реализира уште еден голем капитален инфраструктурен проект што ќе го подобри животот на граѓаните“, изјави министерот Ставрески.
Градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе траат 18 месеци. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

