Манифестации
Шесто издание на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност
Шестото издание на Фестивалот за електронска музика и медиумска уметност „де:сонанц“ оваа година ќе се одржи од 22-ри до 25-ти октомври на различни локации низ градот.
Фестивалот ќе биде отворен во 20 часот, во Кинотека на Македонија, со прикажување на најдобрите музички видеа од Германија за 2014 година, кои пред неколку месеци беа премиерно претставени на Фестивалот за краток филм во Оберхаузен.
Освен тоа, публиката ќе има можност да проследи селекција од 13 популарни, експериментални, политички и субверзивни, но пред сè забавни видеа од изминатите 15 години, кои се издвојуваат наспроти едноличноста на стандардните музички видеа направени за телевизиски потреби.
Музичката програма на фестивалот ќе започне истата вечер во 24 часот во Капан Ан со програмата „BTKRSH Night“, која се реализира во соработка со колективот BTKRSH, еден од најактивните и најиновативните електронски музички колективи во земјава.
Со свои сетови ќе се претстават германските артисти Opium Hum чии фантастични звучни пејзажи проширени со длабоки и менливи ритми создаваат состојба што може да се опише како „буден сон“ на кој совршено ќе се надоврзат мрачните и моќни техно звуци на Ancient Methods. Секако вечерта не би била комплетна без сетовите на Марчин и Андреас Херц од BTKRSH специјално подготвени за ова фестивалско издание, како и без визуелизациите на веќе реномираното виџејско дуо од Скопје „Лејзи Кидс Вижуалс“ (Lazy Kidz Visualz) кое ќе се погрижи за визуелниот израз на настапите.
На 23-ти октомври во Отвореното графичко студио во Музејот на град Скопје сите фанови на Берлинската музичка сцена ќе имаат единствена можност да ја проследат презентацијата на еден од нејзините најактивни и најпрогресивни членови Михаил Штангл алијас Опиум Хам, кој е иницијатор на резидент вечерите во Berghain – “N≠E” (“Not Equal”), ко-организатор на забавите Leisure System, водител на Boiler Room, ко-куратор на фестивалот CTM. Тој несебично ќе ги сподели своите искуства со локалните артисти, колективи и фанови.
Главната и последна фестивалска вечер ќе се одржи на 25-ти октомври во клубот Станица 26 каде покрај настапите на локалните артисти Томи Бојаџи и Ултериор ќе имаме несекојдневна можност да го проследиме концертот на еден од најактуелните и најпопуларни бендови од Германија, триото “Бранд Брауер Фрик“ кое ја фасцинира публиката ширум светот со својот уникатен звук добиен со симбиоза на класични инструменти и електроника. Нивната музика е провокативна, понекогаш и контрадикторна, не може да се опише, но грандиозна е кога ќе се доживее.
Фестивалот го организираат Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје и НВО Домино, а новина е приклучувањето на колективот BTKRSH кон фестивалскиот тим.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор
Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“.
Култура
Утре, во Трпејца, почнува 12. издание на манифестацијата „На зајдисонце“
Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид, од утре до 28 јули, 12. пат оваа туристичка населба и гостите ќе дишат во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Утре, четврток, на отворената сцена во Трпејца, од 20.30 часот, во името на покровителот, Општина Охрид, манифестацијата за отворена ќе ја прогласи заменик-градоначалникот Перчо Божиноски.
Приустните ќе може да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија, која се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
В петок во истиот термин публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видеопрезентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. В сабота навечер публиката ќе го гледа документарно-туристичкиот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20.30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
В понеделник, на 24 јули, во Трпејца ќе гостува бендот „3.0“ (три промили), а денот потоа е резервиран за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Вечерта е резервирана за прошетката „Со кајче по езерото“.
В среда, на 26 јули, од 19.30 часот, посетителите на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе може да учествуваат на атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Час подоцна, ќе следува интересната видеопрезентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца е резервирана за драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид, под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери ќе ја одиграат претставата „Пепелашка од Охрид“.
На крајот од дванаесеттото издание на „Зајдисонцето“, охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски ќе гостува со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески-Мац.
Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.