Компании
Потпишан договорот за концесија за рудниците Злетово и Тораница
Договорот за концесија на рудниците Злетово и Тораница, со кој почнува реализацијата на деловниот план на компанијата „Минстрој“, како и враќање на околу 1.000 рудари на работните места, во среда го потпишаа министерот за економија Дритон Кучи и претставниците на компанијата „Минстрој“.
Според најавите на новиот инвеститор се очекуваат и нови вработувања, зголемување на платите на рударите и покрупни инвестиции во нова и современа опрема. „Ми претставува задоволство потпишувањето на овој договор, кој ќе значи работа за над 1.000 лица и отварање на нови работни места. Уште позначајно е што за експресно кус рок успеа да се реши проблемот кој зад себе го остави фирмата која претходно стопанисуваше со овие два рудника, бидејќи новиот концесионер е запознаен со сите обврски што ги има со денешното потпишување на договорот, како што се неисплатените плати на рударите од претходниот концесионер, долговите кон државата и потребата од инвестирање во рудниците. Рестартирањето на двата рудника ќе значи многу и за локалниот економски развој, а двете општини Крива Паланка и Пробиштип ќе добијат 70 проценти од концесиските надоместоци“, изјави новиот министер за економија Дритон Кучи. Новиот инвеститор најави дека во мај ќе излезе првата руда од рудникот Злетово, а во меѓувреме ќе се подготови за рестартирање и рудникот Тораница. „По завршувањето на стечајната постапка наша цел беше во што е можно побрз временски период да се привлече нов инвеститор и да се вратат лицата на работа. Владата за само 6 месеци успеа да најде нов квалитетен и сериозен партнер. На 15 декември Владата донесе одлука да се раскине договорот со Индоминерали и метали, а веќе на 30 декември се започна со постапка за избор на нов концесионер. За таа цел беше формирана комисија, а ’Минстрој’ ја даде најповолната понуда. Крива Паланка, Кратово и Пробиштип ќе имаат голем бенефит, оти кај нив постоеше загриженост оти за голем број семејства ова е главен извор на финансирање, а исто така, ќе се раздвижи и локалната економија“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.Претседателот на Владата за споведување на изборите Емил Димитриев истакна дека со потпишувањето на денешниот договор се прави уште еден исчекор. „Денешниот чин е важен за нас како Влада, но уште поважен за жителите на овие места. Конечно решаваме еден голем проблем. За граѓаните е важно што новиот инвеститор ќе ги врати на работа сите илјада рудари , а ќе инвестира во нова современа опрема. Компанијата ’Минстрој’ е една од водечките во овој дел од Европа во рударскиот сектор, па сето тоа ни дава надеж дека рудниците ги очекува подобра иднина. Им посакувам успешна работа“, изјави Димитриев.На потпишувањето присуствуваа и претседателот на Владата Емил Димитриев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и потпретседателот за економски прашања Владимир Пешевски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
“Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати, благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
· Оперативната добивка на SEAT S.A. достигна рекордни 625 милиони евра, повратот од продажба достигна 4,4%, а прометот за минатата година се зголеми на 14,3 милијарди евра
· Нова инвестиција во брендот SEAT се новите освежувања на Ibiza и Arona, како и подобрувањето на Leon и Ateca
· Во 2024 година е планирано лансирањето на CUPRA Tavascan и CUPRA Terramar
SEAT S.A. ги претстави своите резултати за 2023 година заедно со својата стратегија за претстојните години. Минатата година, според Меѓународните сметководствени правила (МСФИ), оперативната добивка достигна рекордни 625 милиони евра, зголемувајќи се за 592 милиони евра (2022: 33 милиони евра). Ова претставува подобрување на повратот на продажбата од 4,1 процентен поен, од 0,3% на позитивни 4,4%. Годишниот промет исто така достигна историски 14,333 милијарди евра, 31,0% повеќе од 2022 година (10,941 милијарди). Овие резултати ја потврдуваат силата на компанијата и успехот на нејзината постојана стратегија за трансформација.
„Зад себе оставаме година во која SEAT S.A. ги објави најдобрите финансиски резултати во својата 73-годишна историја, осигурувајќи се дека нашата компанија продолжува на својот пат кон попрофитабилна иднина“, рече Вејн Грифитс, извршен директор на SEAT и CUPRA. „2023 година беше година на огромни контрасти за автомобилската индустрија, како и за нашата компанија, бидејќи продолживме да се движиме низ морето на несигурност додека ја претрпевме најголемата трансформација во нашата историја“.
„Во 2023 година, SEAT S.A. направи голем чекор на своето патување на трансформација: имавме за цел да направиме значително подобрување и тоа е она што успеавме да го направиме. Постигнавме рекорди на сите времиња во промет, оперативна добивка и оперативен готовински тек. Ова совршено ги одразува позитивните ефекти од растот на обемот на марката CUPRA и обновувањето на обемот на марката SEAT, како и важноста на напредокот што го постигнавме со нашата програма за подобрување на перформансите“, рече Дејвид Пауелс, потпретседател за финансии и ИТ во SEAT. С.А.
ИНВЕСТИЦИИ ВО БРЕНДОТ НА SEAT
Гледајќи во иднината, SEAT S.A. ја има поставено вистинската стратегија за да го одржи профитабилниот раст на компанијата. Брендот SEAT ќе игра клучна улога во ова и компанијата ќе лансира подобрени plug-in хибридни и штедливи автомобили на SEAT.
Arona и Ibiza ќе добијат подобрување во 2025 година, а во следните месеци, марката ќе лансира нова и подобрена верзија на SEAT Leon, со технички и технолошки надградби. Понатаму, Ateca ќе биде подобрен и неговиот животен циклус ќе се продолжи.
„Го враќаме брендот SEAT таму каде што припаѓа, продолжувајќи го двоцифрениот раст од минатата година со нови инвестиции во брендот и неговите модели. Исто така, разгледуваме што можеме да испорачаме во електричниот свет под брендот SEAT. Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“, додаде Вејн Грифитс.
(ПР)
Економија
„Зегин онлајн“ е најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина за 2023 година
Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија вчеравечер се одржа Ecommerce Awards, избор на најдобрите во македонската е-трговија.
Компанијата Зегин со е-продавницата www.zegin.com.mk беше номинирана во неколку категории, а го освои првото место во категоријата „Најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина“, што претставува уште една потврда дека квалитетот, професионалноста, вложениот труд и љубов секогаш резултираат со успех.
Изборот на најдобрите е-трговци има за цел да ги препознае и награди најдобрите со што ќе придонесе за мотивација и охрабрување за уште подобра работа, да ја крене свеста за потенцијалот и да ја промовира е-трговијата, како и да ја зајакне конкурентноста и да охрабри унапредување на работењето кај постојните и идни е-трговци.
„Оваа награда, трета по ред претстаува уште еден доказ за успешноста на работењето на онлајн продавницата на Зегин- www.zegin.com.mk и е одлична мотивација за уште попосветена работа, поквалитетна понуда, како и позадоволни купувачи во иднина. Ви благодариме за лојалноста и довербата!“, велат од компанијата за наградата.
Манифестација за доделување на македонските Награди за е-трговија за 2023 година – E-commerce Awards, се одржа во присуство на членките на АЕТМ, поддржувачите и партнерите, жири комисијата и наградените е-трговци.
(ПР)
Економија
Тековните предизвици и можности на винските пазари и значењето на географските ознаки за македонското вино – теми во фокусот на регионалната конференција за вино
Како да се искористат актуелните трендови на глобалните вински пазари за подобро позиционирање на македонското вино, како да се зголеми препознатливоста на нашите вина, зошто е исклучително важно воведувањето географски ознаки на виното и какви придобивки ќе донесе овој процес. Ова се само некои од прашањата за кои се имаше дискусија на регионалната конференција за вино, што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и винарската визба „Тиквеш“, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
„За да се зголемат продуктивноста и додадената вредност на домашната винска индустрија, нејзината конкурентност и вредноста на извозот, како и нејзината отпорност на тековните предизвици, вклучувајќи ги и ризиците од климатските промени, неопходни се големи вложувања во знаење, во нови технологии и дигитализација, во организација, окрупнување на лозјата и создавање ефикасни кооперантски односи, како и во воведување нови правила, стандарди и механизам за државна поддршка и поголема регионална соработка. Сето ова мора да се заснова на научен пристап користејќи ги искуствата на развиените земји, кои поминале низ оваа трансформација и може да ни помогнат да го оствариме она што е нашата главна задача – зголемување на извозот на квалитетно вино, кое ќе биде препознатливо и ценето од потрошувачите во светот“, порача во своето воведно обраќање на конференцијата претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Во рамките на конференцијата се одржаа три работни сесии на кои реномирани експерти од Универзитетот „Гајзенхајм“ во Германија, професорите Јон Ханф и Силвија Димер говореа за состојбите на глобалниот пазар на вино, за спецификите на посебните пазарни нишки во Европа и за значењето на правните и техничките услови за извоз на вино. Една од поважните пораки што ја потенцираа експертите се однесуваа на важноста на заедничкиот настап на компаниите на пазарот истакнувајќи дека ваквиот пристап може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.
Поздравувајќи ја организацијата на оваа конференција, регионалниот советник за земјоделство во германската амбасада во Скопје, Франк Мулер, го нагласи значењето на соработката помеѓу здружението „Вина од Македонија“ и ГИЗ акцентирајќи дека за долгорочен одржлив развој на винската индустрија неопходна е соработка и со универзитетите бидејќи научниот пристап во воведувањето и примената на унифицирани стандарди за производство и пласман на висококвалитетно вино од регионот е повеќе од неопходен.
За најновите движења во интрарегионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан говореше и извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ, која ја нагласи неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.