Регион
Турција може да ѝ дозволи на Русија користење на базата Инџирлик
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу не ја исклучува можност Анакара да ѝ овозможи на Русија користење на воената воздухопловна база Инџирлик за операции против терористичката џихадистичка организација Исламска држава.
„Ќе соработуваме со сите оние коишто дејствуваат против Исламската држава. Од самиот почеток ја водиме таа борба, и ја отворивме базата Инџирлик за оние кои сакаат да учествуваат во неа. Зошто на ист начин не би можеле да соработуваме и со Русија? Исламската држава е непријател за сите нас, и со неа мора да се бориме. На повисоко ниво многу важно е воведување на таков механизам во практика и спречување на какви и да се несакани инциденти. За таа тема ги усогласивме ставовите со Сергеј Лавров“, изјави неговиот турски колега по должност – министерот за внатрешни работи Мевлут Чавушоглу во интервјуто за телевизијата TRT.
Воздухопловната база Инџирлик се наоѓа во јужната покраина Адана, и нејзиното функционирање во моментов се регулира со Договорот за воена и економска соработка меѓу САД и Турција, откако Анкара долго одбиваше да дозволи користење на базата од американските сили поради западното поддржување на курдските милиции во конфликтот во соседна Сирија.
Во моментов во базата Инџирлик се стационирани борбени воздухоплови на САД, Германија, Велика Британија, Катар и Саудиска Арабија, во рамките на меѓународната коалиција којашто од есента 2014 година изведува воздушни удари врз екстремната сунитска организација Исламска држава во Ирак и во Сирија.
Од друга страна, руската авијација којашто од септември 2015 година дејствува во Сирија против џихадистичките бунтовнички групи на повик на претседателот Башар ал-Асад, ја користи за своите операции базата Хмејмим во централниот дел од земјата.
Односите меѓу Русија и Турција се подобруваат откако неодамна турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган до својот руски колега Владимир Путин испрати писмо со извинување поради соборувањето на рускиот бомбардер и убиството на неговиот пилот во инцидентот кој се случи ланскиот ноември над сириско-турската граница.
Следните денови Путин телефонски му се јави на Ердоган по што го потпиша указот со кој се отстрануваат дел од санкциите наметнати на Турција поради инцидентот со авионот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Вучиќ: Дојдeте, стрелајте, направете го тоа, бидејќи во спротивно нема да можете да победите во Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ одговори на повиците за негова ликвидација со N1, пишуваат тамошните медиуми.
Тој на својот Инстаграм профил напиша:
„Тоа би бил единствен случај во историјата, стрелате во човек во чие време вработеноста беше на највисоко ниво, невработеноста на најниско ниво во историјата на Србија. Единствениот пат во историјата на Србија кога имавте стабилен девизен курс на националната валута. Го стрелате човекот во чие време, вашите плати беа највисоки во историјата. Пукате во човек во чие време вашите пензии беа највисоки во историјата. Пукате во човек во чие време беа изградени најмногу патишта. Го стрелате човекот во чие време беа изградени најмногу железници и брзи железници. Го стрелате човекот кој го изгради и го направи сето ова за вас. Со фактот дека вие, со најбесмислената реченица „тоа се наши пари“, се обидувате да релативизирате сè. Само не ме молите да бидам кукавица како вас и да носам превез на очите. Дојдете, пукајте, завршете го тоа, бидејќи поинаку нема да победите во Србија.“
Фото: депозитфотос
Регион
Нафталин предизвикал пожар во банка во Бугарија, гореле пари
Речиси 15.340 евра се запалиле и изгореле во касата на филијала на централната банка во Горна Орјаховица, Бугарија, јауваат локалните медиуми. 86.918 евра, кои исто така биле во трезорот, ги преживеале пламените јазици.
Инцидентот се случил доцна во вторникот попладне. Еден постар маж решил да внесе заштеда од речиси 2.045 евра на својата сметка за да може неговите пари автоматски да се конвертираат во евра по Нова година.
Се покажало дека човекот ги чувал парите во гардеробер, каде што имало и облека третирана со нафталински топчиња. Кога банкнотите биле внесени, тие имале кристали од репелентот, кој е многу токсичен и лесно запалив кога е изложен на топлина.
Банкнотите поминале низ машината за броење и, најверојатно, нафталинот се кренал во воздухот и влегол во клима-уредот. Оттаму, искра влетала во касата, но не ја забележале вработените во банката и парите во трезорот почнале да горат. Се појавил и чад, а откога касата била отворена и во неа влегол кислород, пожарот се разгорел.
Изгорела речиси 1/6 од вкупната сума во касата, која изнесувала приближно 102.264 евра. Нема повредени вработени. Пламенот бил изгаснат од пожарникари, а парите се осигурени. Износот на човекот што го депонирал – 2.045 евра – бил префрлен на неговата сметка – во евра.
Регион
Судот во Нови Сад ја прекина постапката против Горан Весиќ и уште двајца обвинети за падот на настрешницата
Вонстепениот совет на Вишиот суд во Нови Сад ја прекина кривичната постапка против поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, неговата поранешна помошничка Анита Димоски и поранешната директорка на Железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ, во случајот со падот на настрешницата на железничката станица.
Тие беа обвинети за тешко кривично дело предизвикување општа опасност.
Во своето образложение, судот наведе дека нема доволно докази за да се поткрепи основано сомнение дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се сметаат за одговорни.
Со одлуката на судот им е укината мерката за домашен притвор на Танасковиќ, Спремиќ, Гавриловиќ и Тодоровиќ. Со наредба на Врховниот суд на Србија во Белград, Анита Димоски и Горан Весиќ остануваат во домашен притвор.
Паралелно, судот во Нови Сад ги потврди обвиненијата против седум други обвинети во случајот со трагедијата на железничката станица.
На 1 ноември минатата година, 16 лица загинаа, а едно лице беше тешко повредено при падот на бетонската настрешница на неодамна реновираната зграда на станицата. Инцидентот предизвика масовни протести во Србија , предводени главно од студенти, кои бараа оставка на владата и закажување предвремени парламентарни избори.
Агенцијата Франс Прес прецизира дека одлуката на судот во Нови Сад не е конечна, а обвинителството веќе ја објави својата намера да поднесе жалба.

