Надворешна политика
Хан: Без одложување да се решат проблемите што го поткопуваат Договорот од Пржино
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/eu20komisija-1.jpg)
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата членови на Европскиот парламент кои посредуваа во решавање на македонската политичка криза, Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл во заедничка изјава, во четврток попладне изразија жалење што не можел да биде одржан состанокот во Виена, во петок, на 22 април.
„Актуелните проблеми со владеењето на правото во Скопје кои го поткопуваат Договорот мора да бидат решени без натамошно одложување. Тоа особено се однесува на претседателската амнестија и чекорите кои треба под итно да се преземат во подготовката на веродостојни избори кои би можеле да бидат признаени од меѓународната заедница“, пишуваат Хан и европратениците.„Сите остануваме силно приврзани и на располагање за поддршка на партиите. Сепак, потенцираме дека одговорноста за обезбедување на демократски напредок како и напредок на евро-атлантскиот пат останува на самите партии, од името на граѓаните на нивната земја. Сега е редот на нив да испорачаат и да го дефинираат патот напред“, се наведува во изјавата.„Повеќе пати рековме дека прекршувањето на Договорот од Пржино ќе има многу сериозни последици за земјата. Длабоко жалиме поради ретроградните чекори кои ја оддалечуваат земјата од нејзините аспирации кон влез во ЕУ. Во недостаток на натамошен напредок, сега сме принудени да размислуваме за натамошни чекори за исполнување на барањата кои беа поставени од Советот на ЕУ, Европската Комисија и Европскиот парламент.Ги нотираме и изјавите и акциите на граѓанското општество во државата и ја изразуваме нашата целосна поддршка за сите мирни напори да се обезбеди плурализам и слобода на мислење, кои се централни вредности на сите европски демократии“, се додава во изјавата./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/02/mucunski-viena.jpg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/mucunski-varheji.jpg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/Ukraina-1.jpg)
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.