Скопје
Сопствениците на локалите на Кејот ја поздравуваат одлуката на Центар и бараат брзо наоѓање заедничко прифатливо

Сопствениците на угостителските објекти на Кејот на Вардар во центарот на Скопје, ја поздравија одлуката на градоначалникот и советот на општина Центар, со која се става забрана за градба на проектираната улица од страна на Град Скопје како времена мерка која ќе овозможи изнаоѓање на трајно и соодветно решение за сите граѓани, се вели во нивното соопштение до медиумите.
„Ги повикуваме сите засегнати институции (двата градоначалника, Трајановски и Жерновски) како и стручната јавност и граѓаните, активно да се приклучат кон оваа иницијатива за изнаоѓање на трајно решение бидејќи кејот е јавен простор кој го користиме сите. Изградба на планираната улица како што е моментално предвидена целосно би го уништила кејот и би го попречила слободнотo движење на граѓаните“, се наведува соопштението од сопствениците. Т
Притоа се потенци дека на ова „најмаркантно“ шеталиште дневно поминуваат повеќе од 10.000 (десет илјади) гости и туристи кој уживаат во уникатниот поглед на градот и знаменитостите. Велат дека отпорот кон оваа одлука наводно е огромен од граѓаните кој секојдневно ги уживаат благодетите на кејот „13-ти Ноември“.
Ова здружение ги претставува повеќе од дваесетина сопственици/закупци на локали на кејот како и повеќе од 500 вработени кои, според нив, директно се загрозени со првичната одлука.
„Со изведбата на улицата по одлуката на градот Скопје се наштетува и на работата на над илјада директни добавувачи/кооперанти“, се истакнува во соопштението потпишано од „Здружение на сопственици и закупци на деловните објекти на Кејот 13 Ноември Скопје“.
Се изразува и надеж дека „во соработка со градските и локалните власти ќе се изнајде заедничко решение прифатливо за сите“.
Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, претходно во вторникот до Советот на општината достави одлука со која се забрануваат градежни активности во опфатот помеѓу реката Вардар, улица „Вовјвода Васил Аџиларски“, улица „Димитрија Чуповски“, улица „Македонија“, плоштад „Македонија“ и Камен мост. Во овој реон спаѓа и Кејот на Вардар, а ако се усвои оваа одлука до истекот на оваа календарска година, сите градежни активности ќе бидат забранети.
Град Скопје реагираше на изјавата Жерновски поврзана со изградбата на пристапната улица со посебен режим на кејот „13 Ноември“. Според нив, станува збор за пристапна улица што ќе се гради на кејот „13 Ноември“, на потегот од улицата „Филип Втори Македонски“ до објектот на Телеком, и којашто е предвидена со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар.
Град Скопје истканува дека не е точно тврдењето на Жерновски дека станува збор за „транспортна улица” која се гради на кејот „13 Ноември“. „Станува збор за пристапна улица со посебен сообраќаен режим за која Град Скопје има законска обврска да издаде согласност, а ќе ја гради приватен инвеститор“, беше наведено во реакцијата од Градот.
Отаму појаснија дека станува збор за пристапна улица, која нема да биде сообраќајна и ќе биде уредена од плочки, а не од асфалт или слично на улицата „Никола Вапцаров“. За оваа пристапна улица ќе важи посебен режим за движење на моторните возила, поточно истата ќе биде достапна само за службените возила на Телеком, за достава на стока до околните угостителски објекти, како и за пристап на противпожарните возила и возилата на брза помош, кои и сега се движат по истиот простор./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Од 7.000 на 10.000 го зголемуваме надоместокот за новороденче“, најави Герасимовски

Кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, синоќа беше на терен, на средби со граѓаните „од врата до врата“. Во разговорите со центарци, тој најави дека во новата програма надоместокот за новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари.
„За 50% го зголемуваме надоместокот за новороденче, од 7.000 на 10.000 денари. Со оваа мерка ги поддржуваме центарските семејства.. Родителите добиваат поголема финансиска поддршка во најважниот период, кога се раѓа нов живот и започнуваат нови семејни предизвици. Ги зголемуваме субвенциите за сите категории на граѓани“, рече Герасимовски.
Тој, потенцираше дека развојот мора да продолжи, а концептот „За Центар што го сакаме“ е единствениот што нуди поквалитетен живот на центарци.
„Развојот мора да продолжи, а тоа ќе го постигнеме ако сите заедно се обединиме „За Центар што го сакаме“. Затоа, ве повикувам во недела, 19 октомври, масовно да излеземе на гласање и да го дадеме својот глас за бројот 5, за напредени модерен Центар“, порача Герасимовски.
На средбите со граѓани, тој ги презентираше и клучните проекти за вториот мандат, меѓу кои: модерен дом за стари лица на Водно, нова градинка во близина на Клиничкиот центар, набавка на две цистерни и пет метларки, ограничување на движењето на возилата во Дебар Маало за намалување на метежот, изградба на две монтажни катни гаражи, нов административно-граѓански објект, два покриени базени, како и воведување на „Центарска картичка“ со бројни поволности и попусти за жителите.
„Во изминативе години покажавме што значи одговорно и посветено водење на општина. Реализиравме проекти што го подобрија секојдневието, уредивме улици, зголемивме зеленило и создадовме подобри услови за младите и повозрасните,“ рече Герасимовски.
Македонија
Делови од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Божидар Рајковиќ. (Општина Аеродром)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Крчин. (Општина Карпош)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од ул. Пелистерска бр. 4. (Општина Карпош)
Македонија
По 61 година, учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.