Македонија
Иако им ги вратија пасошите, членовите на Левица не можат да излезат од државата
Иако Основниот суд Скопје 1 пред два месеца им ги врати пасошите на членовите на партијата Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, сепак, тие сѐ уште не можат да ја напуштат државата, бидејќи забраната за излез од државата е сѐ уште на сила на граничните премини.
Савески обвини дека полицијата се изживува со нив и дека ги користи сите бирократски механизми за да не можат да излезат од државата.„Додека претставници на режимот кои се осомничени за сторен крупен криминал и крадење на народот на Република Македонија шетаат слободно, режимот води постапки против борците против криминалот. Иако Судот на претходното рочиште пред цели два месеца нас ни ги врати пасошите, односно ја укина мерката за забрана за излез од државата, полицијата ги користи сите бирократски менанизми, цели два месеца да не ја тргне забраната за излез од државата за мене и за колегата Владимир Куновски. Тоа го сметаме за изживување од страна на полицијата, но нека не берат гајле, нас не можат така лесно да не скршат“ изјави Савески.Сега Судот повторно ќе ја извести полицијата да ја тргнат забраната за патување за членовите на Левица кои се обвинети дека учествувале во демолирањето на Народната канцеларија на претседателот на протестите на 13-ти април против одлуката за аболиција.Денешното рочиште беше одложено бидејќи Судот немал добиено известување за прекршочните постапки коишто се водат за овој настан. „За целиот овој настан се водат прекршочни и кривични постапки што секако има своја импликација во однос на натамошно барање на штета, за претрпената штета, кој е огласен виновен во однос на некаква солидарна одговорност. Ние сметаме дека секако не се виновни, но тоа прашање е прилично битно за обвинетите“, изјави Сашо Дукоски, адвокат на обвинетите. Институциите проценија дека при демолирањето на канцеларијата на Претседателот, била направена штета од од над 500 илјади денари.Савески и Куновски повеќе од еден месец поминаа во куќен притвор којшто им беше укинат пред два месеца, а се товарат за кривично дело учество во толпа што ќе стори кривично дело./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во период од 08.30 до 15.00 часот корисниците, од Ул.Чаирска (општина Чаир)
· во период од 09.00 до 12.00 часот корисниците,од Горно Соње Ул.7 и Ул.9 (општина Сопиште)
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на патниот правец Куманово – Крива Паланка, до 100 метри на патните правци Делчево – Македонска Каменица и Катланово – Велес и од 100 – 150 метри на патните правци Градско – Неготино и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе добие нов лик
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера вечер, преку социјалните мрежи порача дека кејот на Вардар ќе добие нов лик.
Тој заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, изврши обиколка на кејот на реката Вардар.
„Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации.
Кејот ќе добие нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, нова урбана опрема, како и модерни фитнес зони на отворено, достапни за секој граѓанин.
Со проектот се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата“, напиша Ѓорѓиевски.

