Македонија
Ќе се вработуваат нови 600 полицајци, имало недоволно полицајци, а големи ризици
Министерството за внатрешни работи распиша јавен опглас за вработување на 600 полицајци, бидејќи бројот на вработени полицајци бил недоволен, а безбедносните ризици биле големи.
Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков на прес-конфеецнија изјави дека ризиците од безбедносни закани и тероризам, мигрантската криза како глобален предизвик чиј втор бран се очекува во наредните месеци, бараат соодветен ангажман.„Како резултат на овие предизвици со кои се соочува не само нашата земја и земјите во регионот, но и целиот свет, се јави потреба од нови полициски службеници кои ќе го пополнат и подмладат постоечкиот кадар во Министерството. Претходните генерации селектирани по највисоките европски стандарди и критериуми ги оправдаа нашите високи очекувања и веројатно се најдобрите засилувања на полицискиот состав. Нивниот број во овој момент на безбедносни ризици, не само што е недоволен туку Република Македонија заостанува во однос на бројот на полициски службеници по жител, во однос на земјите во регионот и пошироко. Настојувањето е да се следат препораките и просекот на 300 униформирани полициски службеници на 100.000 жители прифатен од најдобрите европски практики“, изјави Чавков.На прашање зошто МВР го објавува огласот во момент додека траат преговорите во Пржино и пред избори, Чавков вели дека процесот во Пржино и работата на МВР не треба да се мешаат.„Независно од текот на овие процеси, МВР треба да функционира и треба да ја извршува основната функција, а за да го правиме тоа, потребно е да вршиме соодветно и навремено пополнување на своите редови. Доколку се распишат избори, нема да има можност за распишување на конкурси, нема можност за селекции и ќе се изгуби цела година и јазот што го имаме сега ќе биде уште поголем. Таа е основната причина зошто огласот се распишува сега“, изјави министерот.Кандидатите кои ќе аплицираат на конкурсот како и досега ќе поминат повеќе нивоа на селекција односно: административна селекција, проверка на моторички способности, психолошки тест, писмено тестирање, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи се со цел обезбедување на континуиет и задржување на високите стандарди при избор на полициски службеници.При спроведување на селекцијата на пријавените лица им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности.По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас. По завршување на основната обука, Министерството за внатрешни работи со кандидатот за полицаец кој успешно ја завршил и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување.Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе ЛИЧНО, во рок од 15 дена не сметајќи го денот на објавување, односно денешниот ден, во едно од определените места за пријавување, и тоа: Сектор за внатрешни работи Скопје, Полициските станици Гази Баба, Бит Пазар и Карпош како и Секторите за внатрешни работи Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица и Штип.Министерството за внатрешни работи ги охрабрува сите полнолетни државјани на Република Македонија кои немаат наполнето 25 години да аплицираат на конкурсот и на сите кандидати им посакуваме многу успех./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓански организации за борба против корупцијата бараат итно донесување на Законт за заштита на укажувачи
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара итно донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачи.
„Платформата на граѓански организации за борбата против корупцијата изразува сериозна загриженост поради бавниот процес на донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачи. Иако Платформата активно учествуваше во работната група формирана од Министерството за правда и беа одржани 15 состаноци и две јавни дебати уште во декември 2023 година, процесот и понатаму неоправдано доцни“, се наведува во соопштението.
Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија нотира дека Законот за заштита на укажувачите сè уште треба дополнително да се усогласи со ЕУ acquis и да обезбеди соодветни механизми за спроведување. Се предупредува дека индивидуите кои пријавуваат неправилности може да се соочат со вознемирување, отказ или други последици, што ја поткопува ефективноста на Законот. Според Платофмрата, ова укажува на сериозната потреба од итно донесување на Предлогот на Закон кој е подготвен, но две години не е во процедура за донесување.
„Сметаме дека со носењето на вакво законско решение, со кое се подобрува статусот и заштитата на укажувачите како вредна алатка против корупцијата, ќе се пристапи кон подобрување и функционирање на уште еден механизам во борбата против корупцијата, а за што креаторите на политики и носителите на јавни функции искажуваат недвосмислена заложба“, се наведува во соопштението.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата каде се отфрлаат и поништуваат сите аранжмани и политики на владата на Заев поврзани со мигрантите
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците од коалицијата, поднесе до Собранието на Република Македонија, Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради ширењето страв и паника кај населението, од страна на СДС и грубата политичка пропаганда од страна на опозицијата, со конструкции лаги и измислици во однос на измислената тема од страна на СДС за мигрантите, ВМРО-ДПМНЕ поднесе Резолуција со која се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
Со Резолуцијата се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
Со Резолуцијата се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада на Зоран Заев, поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
Воедно се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
Со Резолуцијата се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
Со оваа Резолуција се потврдува дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста и сигурноста на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

