Филм
Почина познатиот филмски деец Љубе Петковски
Познатиот македонски филмски работник, доајенот на макеоднската кинематографија и директор на фотографија Љубе Петковски, еден од пионерите на домашната филмска уметност, почина на 91-годишна возраст во Скопје, соопшти во понеделникот Друштвото на филмски работници на Македонија
„Љубе Петковски, роден во Скопје 1924 година, по девет децении и нешто, од своето Скопје заминува во вечноста како еден од бардовите на македонската повоена кинематографија. тој заедно со ветеранската генерација, режисери, сценаристи, актери, монтажери, камермани, продуценти, во еден од најзначајните уметнички профили на филмската креативност“, се вели во соопштението на ДФРМ.
Како кинематографер, се истакнува во информацијата на филмскиот еснаф, Петковски беше во првите редови на основоположниците на македонската кинематографија, оставајќи зад себе во својот богат опус, многу филмови од кои и добар дел антологиски дела во жанровите на документаристиката и играниот филм, кои ќе останат трајно сведоштво за неговата голема уметничка и творечка личност. филмови со кои сите се гордееме и ќе го имаме во траен спомен, а бројните домашни и меѓународни награди остануваат како потврда за она што тој го оствари во своето уметничко-филмско творештво.
Љубе Петковски го завршил средното училиште во родното Скопје, за по Втората светска војна својата кариера, како млад филмски работник, да ја започне, во тоа рано пионерско време на македонската кинематографија, како асистент на тогаш искусните режисери од поранешните југословенски простори, како Жорж Скригин од Белград, Вјекослав Африќ од Загреб и Франце Штиглиц од Љубљана. Потоа тој професионално се усовршувал во Загреб и во Париз.
Петковски во „Вардар филм“, како еден од неговите основачи, започна како камерман на документаристот режисерот Кочо Недков, во првите уметнички документарци „Техника на народот“ и „Памук“, двата снимени во 1950 година. Оваа двојка подоцна одново се здружува во документарецот „Средновековни фрески”, реализиран во 1957 година.
Меѓутоа, претходно 1955 година станува многу плодна за Петковски кој беше снимател кинематографер во двата етнографски документарци на режисерот Ацо Петровски „Галичка свадба“ и „Дервиши“, како и документарецот „Ритам и звук“ на режисерот Трајче Попов. Во истата 1955-та година, заедно со колегата Бранко Михајловски, како кинематограферски тандем, го снимија партизaнскиот филм „Волчја ноќ“ во режија на гостинот од Словенија, Франце Штиглиц, што по „Фросина“, беше вториот целовечерен игран филм во продукција на „Вардар филм“.
Првичната наклонетост кон документаристичкиот реализам, како кинематографер, Љубе Петковски на најкреативен начин ја демонстрираво неговите два најдобри долгометражни документарни филма во кариерата, лауреатските „Скопје ‘63” на режисерот Вељко Булаиќ, посветен на катастрофалниот земјотрес во Сопје (освојувач на Златниот лав за најдобар документарен филм во Венеција во 1964 година) и „Тулгеш“ на Коле Манев, инспириран од голготата и масовниот егзодус на егејските Македонци во 1948 година, по граѓанската војна во Грција, од страна на грчките фашисти на режимот на Метаксас (освојувач на Големиот златен медал и- Гран при на Белградскиот мартовски фестивал во 1977 година).
Покрај овие два извонредни долгометражни документарни филмови, Петковски соработува и со режисерот Мето Петровски во неговите два високорангирани лауреатски документарци, „Вранештица“ од 1976 и „Голгота“ од 1979 година, а за вториот на фестивалот во полски Краков го освои признанието Бронзен змев за неговата снимателска креација.
Како дел од високата кинематограферска креативност на Љубе Петковски се и група најуспешни македонски целовечерни играни филмови, како „ Мирно лето“ од 1961 година, првиот игран филм режиран од македонскиот режисер Димитрие Османли, потоа двете историско-епски драми на белградскиот режисер Жика Митровиќ, „Солунските атентатори“ од 1961-ва и „До победата и по неа“ во 1966 година, двата снимени во црно/бела фотографија и ткн wide-screen техника.
Во големиот опус на Петковски се и двата играни филма на режисерот Бранко Гапо, „Време без војна” од 1969 и „Време води“ од 1980 година, две социјално-психолошки драми со критички акцент, во кои Љубе Петковски ја внесува неговата вештина за документаристичка реалност.
Своевиден кинематограферски врв во опусот на Петковски претставуваат и двата наградувани филма на режисерот Кирил Ценевски, „Црно семе“ од 1971 година, филм своевидно документаристичко сведоштво за страдањата на затворените и убивани македонски партизани од Егејска Македонија, по веќе спомнатата граѓанска војна, филм кој триумфираше на ценетиот на поранешните југословенски простори, па и пошироко, филмски фестивал во Пула, а ја освои наградата Жар птица на Московскиот фестивал, како и историската епска фреска од XI век „Јад“, за кој во 1975 на фестивалот во Пула Љубе Петковски беше награден со Златната арена за најдобра фотографија.
Како бард на македонската кинематографија од редовите на кинематограферите, во 1997 година на 18-от Фестивал на филмската камера во Битола, заедно со колегата Бранко Михајловски, станаа лауреати на Златната камера 300 за животно дело, со што Љубе Петковски заслужено влезе во клубот на великаните на фестивалот Браќа Манаки./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

