Култура
Министерката за култура во работна посета на Турција
Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска престојува во работна посета на Република Турција каде што во четврток наутро имаше официјално обраќање на втората конференција на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа која се одржува на темата „Зајакнување на културата за одржлив развој“.
Во своето обраќање пред присутните, министерката за култура потсети дека Република Македонија во 2014 година ја имаше честа да биде домаќин на првиот состанок на министрите за култура од Југоисточна Европа, на кој беше промовирана заедничката платформа која во иднина треба да резултира со проекти кои уште повеќе ќе ја унапредат и ќе ја интензивираат регионална соработка. Канческа-Милевска нагласи дека во Охрид беа донесени и два важни документа, Охридската декларација и Стратегијата за регионална соработка, со што нашата држава даде голем придонес во унапредувањето на заедничката платформа, финансирањето и менаџментот на проектите од областа на културата и културното наследство. Министерката за култура потенцираше дека во Република Македонија има големи очекувања од новата платформа и додаде дека оваа платформа, несомнено, ќе овозможи ефикасно решавање на сите отворени прашања и унапредување на културното дејствување на нашиот регион. „Длабоко сум убедена дека преку нашите партнерски односи и искуствата во рамките на досегашните и идните регионални проекти, ќе ги идентификуваме нашите потенцијали и потреби кои ќе резултираат со рехабилитација, промоција и одржливо управување на нашето заедничко културно богатство“, нагласи министерката за култура во своето обраќање.На министерската конференција во Истанбул, на која присуствуваат министрите за култура и други високи претставници на земјите од Jугоисточна Европа, Австрија и Италија, како и претставници на Европската Унија, Советот на Европа и Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, денеска се очекува да биде усвоена и заедничка декларација за „Заштита и одржливо управување на културното наследство”, како и да биде поддржана Резолуцијата на ОН 2199, како и предложениот проект на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција кој ќе се поднесе до Европската Унија за финансирање преку ИПА-фондовите и кој се однесува на регионалната борба против илегалната трговија со културното наследство. Министерката за култура во рамките на престојот во Република Турција денеска ќе оствари билатерална средба со министерот за култура и туризам на Република Турција, Махир Унал, а ќе го посети и Македонскиот културен центар во Република Турција, кој е сместен во репрезентативен објект лоциран на плоштадот Таксим, во срцето на Истанбул. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

