Македонија
ГАК: На клиника доаѓаат најтешките случаи, бројките за смртност на бебињата се извадени од контекст
На Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во Скопје доаѓаат најтешките случаи од оваа област во државата, а единствено тука има Одделение за интензивна неонатална нега и терапија. Бројките за смртност на новороденчиња на ГАК изнесени во јавноста се вадат од контекст.
Тренд се прави врз основа на едногодишна, петгодишна или повеќегодишна анализа и податоци, а не врз база на податоци за седум дена, изјавија лекари од оваа Клиника на прес-конференција по објавувањето на документи во јавноста дека на оваа Клиника за шест месеци починале 82 бебиња, а за две недели 20 бебиња.
„Многу е лошо кога се вадат од контекст одредени бројки. Бројките кога се презентираат треба да бидат експлицитни врз основа на едногодишна или повеќегодишна статистичка обработка. Смртноста на бебињата е намалена на 8,5 во 2015 година, во споредба со 13 отсто во 2013 година“, рече за МИА Драган Тантуровски, раководител на онколошкото одделение на Клиниката.
На новинарско прашање, д-р Тантуровски рече дека Клиниката и тој ништо не кријат од јавноста и оти не знае врз која основа е правена статистиката. Увид, како што кажа, се прави врз основа на податоци од една или пет години, тренд не се прави врз основа на седум дена.
Тој најави правна разрешница за изнесувањето на медицинска документација од болницата.
„Искрено жалам што се случуваат настани на оваа Клиника кои не се примерни за ниедна институција со вакво реноме односно излегување на официјална медицинска документација која е професионална тајна и затоа Клиниката има правна служба која адекватно ќе одговори“, рече Тантуровски.
Примариус д-р Снежана Јанчевска, раководител на Одделението за интензивна неонатална нега и терапија истакна дека во Одделението на секое бебе му се посветува посебно внимание, оти некогаш тоа работи и над своите капацитети. Предупреди дека треба да се биде крајно внимателен кон статистичките обработки.
„Работиме и со екстремно недоносени деца. Најзастапени се оние кои се под 27-ма односно под 25-та гестациска седмица, дури и 21 гестациска седмица. За жал смртноста се случува во семанаталниот период што значи во првата седмица од животот на детето што е огледало на условите во кои што се наоѓало кога било фетус односно било плод“, рече Јанчевска.
Според неа, минатата година биле изнесени сите податоци во врска со перинаталната и неонаталната смртност во Македонија во период од пет години со сите детали и обработки на причините. За оваа година, таа најави дека, извештајот преку релеватните установи ќе и биде достапен на јавноста. Лани на ГАК имало околу 5.800 породувања./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

