Култура
Светска порака за Денот на театарот: Театарот треба да гледа таму каде гледањето е забрането
Меѓународните центри на мрежата на ИТИ го избраа светски реномираниот режисер на театарски претстави и опери, пољакот Кшиштоф Варликовски, кој ја напиша својата порака по повод Светскиот ден на театарот 27 март.
Театарот треба да гледа таму каде гледањето е забрането, порачува Кшиштоф во својата порака.„Денес постојано и секојдневно размислувам за писателите кој пред околу сто години визионерски, иако воздржано го опишаа самракот на европските богови, кои ја потонаa нашата цивилизација во до ден-денес неразјаснет мрак. Тука мислам на Франц Кафка, Томас Ман и Марсел Пруст. Денес кон оваа група на пророци би го додал уште Џон Максвел Куци. Нивното заедничко чувство за неминовниот крај на светот, не како планета, туку како модел на меѓучовечки односи, поредоци и бунтови, е сега со нас на многу изразен начин. Со нас кои живееме после крајот на светот. Во однос на злосторствата и конфликтите што потпалуваат и зафаќаат се` понови места, дури побрзо отколку сеприсутните медиуми, се во состојба да стигнат да ги покријат со своите прилози и извештаи. Овие пожари и онака брзо стануваат здодевни и неповратно исчезнуваат од медиумските известувања, а ние се чувствуваме беспомошни, преплашени, опколени. Веќе не знаеме да градиме кули, додека ѕидовите кои постојано ги создаваме не не заштитуваат пред ништо, напротив тие сами бараат заштита и грижа која ја јаде речиси цела наша животна енергија. И немаме веќе сила да се обидуваме да го согледаме тоа што се наоѓа зад капијата, зад ѕидините. А токму заради тоа би требало да постои театар и од тоа да ја црпе својата моќ. Да гледа таму каде гледањето е забрането“, се вели во дел од пораката.Македонската порака за Светскиот ден на театарот ја напиша режисерката Нела Витошевиќ.„Во време на општествена криза, театарот мора да ги препознае и демистифицира страните на конфликтот, да се обиде да разоткрие што лежи длабоко во сржта на мрачните задкулисните игри и да ја привлече кон себе некорумпираната, интелектуална сила на современото граѓанското општество во кое егзистира. Во такво време, тој несомнено мора да биде најстрогиот аналитичар и катализатор на прогресивните идеи. Да биде бунтовен и силен, слободен и бескомпромисен. Во услови кога театарот е насилно втурнат во политички игри за да стане пропагандна машинерија, тој го губи своето значење и основна функција. Тогаш театарските дејци, не смеат да покажат слабост и страв туку напротив, треба витешки, храбро и достоинствено со помош на мечот на вистината да тргнат во поход, да се спротистават и борат за негов спас и слобода. „Да се бориш со непобедливото, да одиш каде најхрабрите не се осмелуваат да одат и секогаш да веруваш во невозможното“, вели Дон Кихот објаснувајќи ги начелата на витештвото. Така и театарските уметници при обидот да се контаминира суштината на театарот, исто како Херакле, заштитени со своите театарски костими од смртоносните воздишки на многуглавата Хидра, мораат да најдат начин да го совладаат чудовиштето и да го заштитат својот интегритет. Во нивниот поход за одбрана, возобнување и зачувување на вистинските вредности, тие, како и Херакле, треба да ги отсечат сите отровни глави на Хидра, сите партизирани структури кои пуштиле корени и го затрулe волшебниот, чудесен простор на оваа сценската уметност“, порачува Витошевиќ.Театарот „Војдан Чернодрински“ вечерва од 19.30 часот со изведбата на претствата „Погребални игри“ од Џо Ортон, во режија на Југослав И. Кочоски ќе го одбележи 27 март, Светскиот ден на театарот. Се очекува пред публиката да бидат прочитани светската и македонската порака за театарот. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Култура
Прилепскиот дувачки оркестар повторно активен по 10 години
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новооформениот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот Прилепски дувачки оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, додека програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност.
Дејан Проданоски, градоначалникот на Општина Прилеп, присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар и истакна дека Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Притоа, тој истакна големо задоволство на фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на вакви оркестри е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност.
Култура
Холандија му врати на Египет украдена скулптура стара 3.500 години
Холандија во четвртокот му врати на Египет скулптура стара 3.500 години, откако украдениот артефакт повторно се појави на холандски саем за уметност во 2022 година.
Истрагата на холандската полиција и инспекторатот за културно наследство минатата година потврди дека скулптурата била украдена и незаконски изнесена од Египет, најверојатно за време на немирите на Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност.
Експертите веруваат дека артефактот, камена глава која првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. Таа прикажува висок функционер од времето на владеењето на фараонот Тутмос III, кој владеел од 1479 до 1425 година пред нашата ера.
Скулптурата била запленета во 2022 година на саем за уметност во Мастрихт. Галеријата за трговија со уметност „Сикомор Еншнт Арт“, која го стекнала делото, но имала сомнежи за неговото потекло, доброволно го предала по спроведената истрага.
„Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го вратиме на законската културна заедница или на земјата на која ѝ припаѓа“, изјави холандскиот министер за култура Гуке Моес, предавајќи го артефактот на египетскиот амбасадор.
Египетскиот амбасадор Емад Хана изјави дека неговата земја систематски ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.
„Тоа ни значи многу кога станува збор за туризмот и економијата, бидејќи на крајот на денот, кога туристите доаѓаат во Египет за да ги видат тие предмети, тоа дефинитивно прави разлика“, рече Хана.
Плановите на Египет за изложување на скулптурата засега не се познати.

