Македонија
Протестот против одлуките на претседателот продолжува
Во понеделник во 18 часот продолжува протестот на граѓаните против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги помилува сите политичари од дела кои се водат или ќе се водат против нив.
Изминатите пет дена, гласно кажавме дека нема да дозволиме крадците на нашата држава да ја украдат и нашата иднина. Секој ден, сѐ повеќе и повеќе граѓани и граѓанки излегуваа на улиците на Скопје, Битола, Струмица и други делови на Македонија,решително и во еден глас извикувајќи: „Нема правда, нема мир!“ Сплотени како никогаш досега, неуморно марширавме покажувајќи го својот револт кон злосторничкото здружение и кон нелегитимниот претседател, кој со аболиција срамно реши да ја лиши Македонија од правдата, вистината и од сатисфакцијата дека никој не е над законот и дека секој ќе одговара за стореното. Но, најтешкиот дел допрва следува! Во деновите кои се пред нас треба здружено да го кренеме гласот и да ѝ покажеме на корумпираната власт дека нема да дозволиме уште едно изигрување на интелигенцијата, уште едни недемократки избори и уште едно погазување на достоинството и волјата на народотво оваа држава“, објаснуваат организаторите.
Пишуваат дека вчера, недела, е ден што ќе го искористат за координирање и меѓусебно организирање, за од понеделник, уште помасовно и похрабро да ја пренесат нивната порака.
Во меѓувреме, дадоа целосна поддршка на нашите соборци во Битола, Велес и Вашингтон кои протестираа и вчера.
Истовремено, ги повикуваат и граѓанките и граѓаните низ целата држава да се организираат и да го покажат своето незадоволство.
На улиците на Скопје се протестираше пет дена континуирано, беше демолирана Народната канцеларија на претседателот, беа приведени 14 лица, од кои само двајца заработија пријави. Се фрлаа јајца, кон канцеларијата на Иванов, со боја се гаѓаше порта „Македонија“, на која се испишаа и некои пароли.
Протестите главно минуваа во мирна атмосфера./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

