Забава
Oтворен минхенски Октоберфест
Со традиционално забивање на чепот во пивска бочва во саботата точно напладне ебеше отворено 181-то издание на Октоберфест, според организаторите, најголемиот народен празник на светот.
„Славината е во бочвата! Нека биде мирен Октоберфест!“, повика новиот минхенски градоначалник Дитер Рејтер, по забивањето на металната славни во пивската бочва, традиционален чин со кој се одбележува почетокот на празнувањето.
На Рејтер му беа потребни четири удари до државен токмак врз славината за да протече пивото. Работа на престиж е со што помалку удари да се пушти пиво од бочвата. Рејтер дури земал и часови од минхенските пивари за тоа како побрзо да ја забие славината во бочвата. Неговиот претходник, Кристијан Уде, е досегашен рекордер со само два удара.
Уште пред самото официјално отворање пред многубројните големи шатори на минхенските пиварници се создадоа големи редови и покрај тоа што на првиот ден од годинешниот Октоберфест, посетителите ги дочека лоши време со дожд и ниски температури.
До 5-ти октомври кога завршува Октоберфест, се очекуваат повеќе од шест милиони посетители од целиот свет. Тие во просек трошат по 68 евра дневно. За време на празнувањето се јада околу половина милион пилиња, а на ражен завршуваа повеќе од сто волови. Истовремено се испиваат околу седум милиони литри пиво. Минатата година, на пример, се испиени 6,7 милиони литри пиво. Годинава една традиционална еднолитарска кригла пиво чини рекордни 10 евра. Според процените на градот Минхен, Октоберфест на градот и околината секоја година му носи заработка од 1,1 милијарда евра.
Поради напнатите политичко-безбедносни ситуации во светот, годинава на Октоберфест се ангажирано 500 баварски полицајци во униформи и во цивил, на кои им помагаат и полицајци до други држави. Конкретни индиции за подготовка на терористички напад во текот на масовното празнување засега нема, според германските власти. На Октоберфест во 1980 година се сучи и најтешкиот терористички напад во повоената историја на Германија, кога од бомба којашто ја поставија неонацистички екстремисти, загинаа 13 луѓе.
Оваа година пред почетокот на Октоберфест се разви во јавноста дебата и за производството на кожените панталони (ледерхосе), традиционалниот дел од машката баварска носија. Традиционалистите, имено, се побунија кога трговскиот синџир „Лидл“ во својата понуда неколку седмици пред почетокот понуди „ледерхоски“ по цена од 49,99 евра произведени во Индија. Во традиционалните продавници во кои се продаваат баварските народни носии, ваквите панталони чинат околу 400 евра. Меѓутоа, набрзо се откри дека и „ледерхоските“ кои чинат по 400 евра за рало, се произведени на Шри Ланка, што предизвика жестоки протести на здруженијата за заштита на баварските обичаи.
Фестивалот започнува од центарот на Минхен со поворка од околу илјада лица. По прошетката на улиците на Минхен, забавата продолжува на Терезината ливада на површина од 42 хектари се поставуваат шатори во кои има пиење и јадење, а фестивалот го отвора градоначалникот.
Октоберфест се одржува повеќе од 200 години откако е основан во 1810 година како улична веселба на трки со коњи во чест на венчавката на баварскиот принц Лудвиг и саската принцеза Тереза, по која се нарекува и ливадата на која се одржува фестивалот. Во својата двовековна историја, фестивалот бил одложен само 24 пати, и тоа главно поради војна или епидемии од заразни болести.
Во 8,55 се отвораат портите на шаторите од кои најголемиот има капацитет за десет илјади луѓе, и сите со нетрпение ја очекуваат својата прва кригла пиво на којашто можат да ѝ се насладуваат по 12 часот, кога првата ја испива градоначалникот на Минхен, во најпознатиот пивски шатор Shottenhamel. Ова пиво е приготвено според рецепт кој е најмногу близок до оној според кој се правело пивото во XIX век, и според бојата и според алкохолност, речиси исто како тоа што било точено пред 200 години и го пиеле гостите на првиот Октоберфест. Сопствениците на пиварницата на одбележувањето на 200-годишнината изјавија дека вкусот на јубилејното пиво е само малку изменет од оригиналното и адаптирано на современите вкусови и традиции. Покрај шареноликоста на баварски традиционални носии кои доминираат на фестивалот, една од најживописните глетки на фестивалот е поворката на пивниците, на првиот ден од Октоберфест, кога тие минуваат низ полето во нивните свечени фестивалски униформи.
Бидејќи пивото е главниот „лик“ на фестивалот, секоја година пиварниците прават специјално празнично пиво посветено само на Октоберфест. Во Германија постои таканаречен „пивски закон“ со кој се регулира правењето и јачината на пивото. Но за Октоберфест е дозволено пивата да се малку посилни отколку за нормално производство, но не многу силни, туку треба да биде повкусно и подобро да биде апсорбирано од организмот, така што посетителите да можат да испијат по повеќе чаши./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Како да ја исчистите микробрановата печка за 5 минути без триење и мака
Британска новинарка откри како ги отстранила маснотиите и непријатниот мирис од микробрановата печка побрзо отколку што очекувала.
Чистењето на микробрановата печка е една од оние домашни работи што многу луѓе ги одложуваат до последен момент – обично додека не почнат да се шират непријатни мириси од неа, а внатрешноста е покриена со слој маснотии и суви остатоци од храна. Иако често се чини дека темелното чистење бара силни хемикалии и многу триење, има сè повеќе совети што покажуваат дека решението може да биде изненадувачки едноставно и природно.
Токму ова е трикот што британската новинарка Софи Лоу, заменик-уредник на рубриката „Слободно време“ во издавачката куќа Reach Plc, која пишува за патувања, недвижности, домашни трикови, градинарство, готвење и рецепти, реши да го проба.
Нема хемија
„Без спрејови, без хемикалии, без триење – само лимон и сад со вода. Звучеше речиси премногу добро за да биде вистина“, забележа таа.
Сепак, со оглед на состојбата на нејзината микробранова печка, таа решила да се обиде.
Таа го опиша процесот како многу едноставен. Прво, пресекла лимон на половина, го исцедила сокот во сад со вода погоден за микробранова печка и ги ставила двете половини од лимонот во водата. Потоа го ставила садот во микробрановата печка и ја вклучила на полна моќност три минути.
„По само неколку секунди, кујната беше исполнета со свеж мирис на лимон“, вели таа.
Откако завршила програмата, ја оставила вратата од микробрановата печка затворена уште неколку минути, што се покажало како клучен чекор. Во тој период, пареата останала во внатрешноста и дополнително ги омекнала стврднатите наслаги.
Таа ја потопила крпата во топлата вода со лимон, осигурувајќи се дека не е премногу жешка, и ја избришала внатрешноста само еднаш.
„Маснотијата буквално се лизгаше, без никаков отпор“, напиша таа.
Дури и тврдокорните дамки на горниот дел од микробрановата печка, за кои вообичаено се потребни неколку обиди, исчезнале за неколку секунди.
За особено тврдокорната нечистотија, таа открива дополнителен трик: можете да додадете лажичка сода бикарбона во водата со лимон, која, како блага киселина, дополнително помага во разградувањето на маснотиите без оштетување на површините.
На крајот, таа заклучи дека овој едноставен трик пријатно ја изненадил, бидејќи микробрановата печка била чиста за само неколку минути, без триење или користење агресивни средства за чистење.
фото/Depositphotos
Забава
Памела Андерсон испрати силна порака на црвениот тепих: едноставноста може да биде поефикасна од гламурот
Памела Андерсон испрати силна порака на 83-то доделување на наградите „Златен глобус“, придржувајќи се до ставовите за природниот изглед, дека едноставноста може да биде поефикасна од гламурот.
Овогодинешното доделување на наградите „Златен глобус“ одржано во Лос Анџелес беше успешно и за познатата Памела Андерсон, која ја имаше улогата на презентерка на наградата за најдобра актерка во комедија, а со нејзиното појавување на црвениот тепих привлече внимание поради нејзиниот ненаметлив стил.
Во последните години, Памела промовира едноставен и природен изглед, далеку од сè што сме виделе од неа со децении и по кое беше препознатлива кога ја носеше титулата секс симбол, па во морето од гламурозни и драматични изданија се појави во бела, „обична“ и сосема ненаметлива комбинација што совршено ѝ одговара во ерата кога негува само минимализам.
Таа носеше бела, мека, лелеава кошула со широк крој и макси здолниште со спуштен струк од модната куќа Ferragamo, и покажа дека едноставноста може да биде исто толку ефикасна како и смелата комбинација.
Таа го заокружи изгледот со едвај видливи сандали и црвен лак за нокти, како и елегантен накит Pandora. Покрај тоа, таа имаше незабележлива шминка, доволно за да се каже дека е нашминкана, а нејзината фризура предизвика посебен ентузијазам. Таа повторно ја има својата препознатлива руса коса по нејзиното „патување“ кај црвенокосите, која едноставно беше стилизирана во ниска пунџа и накратко го оживеа духот на стариот Холивуд.
фото/епа
Забава
(Видео) Василичарски оган под вода во Охридското Езеро
Нуркачите од Нуркачкиот центар АМФОРА традиционално кај Музејот на вода го запалија василичарскиот оган под вода и ја најавија Стара нова година.
Со ова нуркачите од АМФОРА на православните христијани им ја честитаат Стара нова година и Василица и се вклучуваат во организацијата во празнување на претстојните празници Богојавленије Водици и Св. Јован крстител – денот на рибарите во Охрид.
фото/facebook/Diving Center Amfora

