Македонија
ГДОМ најави дека граѓаните ќе влезат во Судот, ако одлучува неправедно
Граѓани од цела Македонија во понеделник претпладне се собраа пред зградите на Судовите на повик на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), организација којашто ги поддржува политиките на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, на протест против одлуката на Основниот суд Скопје 1 да му одреди куќен притвор на градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
На протестот дојдоа претставниците на ова движење, како и градоначалници на повеќе општини во Македонија, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски, градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.Активистот на ГДОМ, Александар Пандов, изјави дека судската власт изминатиов период работи под притисок на СДСМ и на Соросовите организации и предупреди дека доколку Судот не суди правично, граѓаните ќе влезат во Судот за да бараат одговори. Неколкумина активисти од ова движење доставија Декларација во Основниот суд Скопје 1, за поддршка на судовите за нивно професионално работење.„Во судовите изминатиот период се зборува повеќе на странски отколку на македонски јазик. Има луѓе кои дошле таму да вршат притисоци и да ги уценуваат судиите какви одлуки да носат. Ние сме тука да го поддржиме судот и да ги охрабриме судиите да не подлегнуваат на притисоците. Сега неколкумина од нас ќе влезат во судот и ќе достават декларација, но доколку нашите повици не дадат резултат, следниот пат ќе дојдеме во поголем број пред судот, а во него нема да влеземе само неколкумина“, рече Пандов.Актерот Тони Михајловски кој е активист во Граѓанското движење за одбрана на Македонија, на протестот рече дека дошле пред судот без фантомки на главите и без боја во џебовите, алудирајќи на протестите на „Шарената револуција“. „Оваа наша земја докажа во овие 10 години дека знае да трае и дека знае да оди по вистинскиот пат и нема да дозволиме некои така наречени револуционери кои од револуција добиваат про*ив, а од секоја друга борба се плашат и бегаат, да им порачаме дека револуција не се води така, за револуција треба народ и еве еден дел од народот да им порача дека секогаш сме спремни да ја одбраниме Македонија и она што Македонија за овие 10 или 25 години успеа да го направи“, рече Михајловски.Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во името на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, од кои поголем број беа присутни на протестот, рече дека дошле пред судот за да го искажат својот револт од работата на Специјалното јавно обвинителство, кое, како што велат, селективно постапува по предметите.„Сметаме дека работата на СЈО не е во ред бидејќи осудува и пресудува само членови на една политичка партија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, додека за други осомничени не бара ниту притвори ниту води постапки. Секој што се огрешил пред законот треба да одговара, но во една редовна судска постапка. СЈО работи за Социјалдемократскиот сојуз, кој врши притисок врз Основниот и Апелацискиот суд да ги донесат оние одлуки што ним им одговараат“, рече Трајановски.Апелациониот суд се уште нема донесено одлука за тоа дали на градоначалнмикот на Битола ќе му биде одреден куќен притвор. Решението за притворот од Основниот суд Скопје 1 денеска, по пет дена, конечно пристигнало во битолската полиција која најави дека ќе постапува по решението. Кривичниот суд во четвртокот ја преиначи одлуката за Талески и наместо одземање на пасошот му одреди куќен притвор. Талески се уште е на слобода, а за одлуката за притвор се очекува да се изјасни Апелациониот суд. Тој е еден од осомничените за случајот „Транспортер“ којшто е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство за малверзации со транспортот на ученици во Битола./кај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

