Македонија
Македонија слави 25 години независност
Република Македонија во четврток прославува 25 години независност, кога на денешен ден во 1991 година македонските граѓани се изјаснија за самостојна независна држава.
„Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“, изјави тогаш првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, соопштувајќи ги резултатите од референдумот.На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Пред референдумот, во Собранието беше изгласана Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Потоа на 17 ноември следеше усвојувањето на новиот Устав, чие изгласување го бојкотираа Албанците во македонското Собрание. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор. Во однос на воспоставувањето на меѓународно-правниот субјективитет, и по неуспехот на Конференцијата за мирно решавање на кризата во Југославија, клучна е Декларација за дисолуција на Југославија што ја донесе Советот на министри на Европската заедница на 16 декември 1991 година со која се упати повик до југословенските републики да се изјаснат дали сакаат да станат независни и меѓународно признати држави. Македонија беше меѓу четирите од шесте поранешни југословенски републики заедно со Словенија, Хрватска и БиХ кои позитивно се изјаснија по Декларацијата. Иако само Македонија и Словенија добија позитивни оценки од специјално формираната Бадинтерова комисија дека ги задоволуваат условите за стекнување независност, Европската заедница во средината на јануари, 1992 година, ги призна само Словенија и Хрватска. Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна државноста на Македонија. Следуваа признавањата од Турција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина… Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Во изминатите 25 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата и интеграција во евроатлантските структури. Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со над 190 држави во светот, а под уставното име е признаена од 124, меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност – Кина, Руската Федерација и САД.
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик прими припадници на ромската заедница
По повод 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, претседателката Сиљановска-Давкова, денеска прими претставници на Ромите: средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници, како и поети.
Соговорниците постигнаа консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум републиката.
На настанот беше прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф. Исто така, беа прочитани стихови од делото „Бели патишта“ на авторот Селим Азис. Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”).
Претседателката изрази особено задоволство што првата граматика на ромски јазик, којашто е од непроценлива вредност за милиони Роми ширум светот, е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф.
Таа упати порака учениците да си го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

