Македонија
ЈО: СЈО не достави ниеден доказ за тврдењето дека имало притисок врз Крпач
Специјалното јавно обвинителство не доставило ниту еден доказ, ниту, пак, каква и да е релевантна информација за нивното тврдење дека се вршело притисок врз наводниот сведок на ова Обвинителство кој беше пронајден мртов во својот стан во центарот на Скопје, тврдат од Јавното обвинителство кое го истражува овој случај.
„Основното јавно обвинителство Скопје испрати барања до повеќе институции, меѓу нив и до тоа обвинителство, во кое се бараше да му се достават сите податоци и документација на која во изјавата тоа обвинителство алудираше, односно да ги достават сите докази за релевантни факти, вклучително и за притисокот под кој се наоѓало лицето Коста Крпач. Неопходно е да истакнеме дека од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите не е доставен ниту еден доказ ниту, пак, каква и да е релевантна информација во таа насока, но и покрај тоа Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува да го истражува случајот. Издадени се голем број наредби за вршење вештачења, анализи, прибирање податоци и документација. Во тек е повикување и се извршуваат разговори со лица за кои може да се очекува дека имаат одредени податоци за расветлување на настанот. Се преземаат и други истражни дејствија кои се во тек“, се вели во Обвинителството.Засега од Јавното обвинителството нема официјална информација дали се работи за убиство или самоубиство, единствено најавуваат дека штом ќе добијат конкретни податоци за случајот, јавноста ќе биде известена.Од Јавното обвинителство соопштуваат дека со оглед на тоа што смртта на Крпач во јавноста предизвика голем интерес, поради што се шират бројни шпекулации што и попречуваат на истрагата и создаваат притисок врз институциите, обвинителството со должно внимание ги следи и истражува сите објавени и добиени информации за целосно да го истражи настанот и да не дозволи резултатите од истрагата да остават простор за сомнеж на кого било и за чии било интереси и цели.Специјалното јавно обвинителство пак во соопштение објавено во четвртокот соопшти дека ги доставиле до Јавното обвинителство сите релевантни докази коишто можат да помогнат во расветлување на случајот со смртта на Крпач и се пожалија дека Јавното обвинителство одбивало меѓуинстутиционална соработка со нив.Крпач беше најден мртов на 27-ми април откако беше пукано во комбе што беше паркирано пред неговата зграда. Тој наводно бил сведок на Специјалното јавно обвинителство, како што тврдеше во писмена изјава СЈО, а се најде на списокот на аболицирани лица што го објави Претседателот, Ѓорге Иванов./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

