Контакт

Македонија

Иванов: Со аболицијата беа растурени планови за предизвикување конфликт

Објавено пред

Мојата одлука за аболиција ги изненади сите и предизвика нервоза кај одредени центри на моќ, а гневот се насочи кон мене, но со тоа плановите за предизвикување конфликт беа растурени, со тоа беше превенирано загрозувањето на јавната безбедност, истакна Претседателот Ѓорге Иванов во средата попладнето во своето обраќање до јавноста, ден откако Собранието не го усвои предлогот за негов импичмент.

dobivaj vesti na viber

Со 35 гласови „за“ и 47 против, без ниту еден воздржан, пратениците во Собранието во вторникот попладнето по петдневна расправа не го усвоија предлогот од опозицијата за покренување постапка за утврдување на одговорноста на Претседателот Ѓорге Иванов, поради неговата одлука за аболиција на лицата во процесите кои произлегуваат од нелегално прислушуваните телефонски разговори, која подоцна под притисок на јавноста и партиите беше повлечена.

„Сето она што беше кажано од собраниската говорница ќе остане запишано како сведоштво за односот на пратениците кон сопствената држава и кон сопствените институции. Врз основа на тоа сведоштво идните поколенија ќе знаат низ што се минувала демократијата во Македонија и како оваа генерација политичари ја разбирале и практикувале политиката“, рече Иванов.

Тој потсети дека дел од тие сведоштва се помилувањата од претходни претседатели за кои воопшто не беше покренато прашање за нивна одговорност.

Иванов притоа ги спомена и наметнувањето на привременото име за прием во ОН под притисокот на Грција, што сé уште ги кочи евроантлантските интеграции на земјата, како и промената на државното знаме, Уставот и територијалната поделба на државата.

„Никој не одговараше за атентатот на еден претходен претседател и за неразјаснетите околности што доведоа до смртта на друг претседател. Наредните генерации ќе знаат дека во тоа време, на власт биле истите оние кои денес го покренаа прашањето за моја одговорност и кои го оспоруваат мојот легитимитет. Гласањето во Собранието заврши. Неоснованата иницијатива на опозицијата беше отфрлена. Затоа, денеска им се обраќам на граѓаните. Граѓаните кои двапати ми ја дале довербата да бидам претседател на Република Македонија“, порача Иванов.

Шефот на државата потсети дека подолг период предупредувал и за причините и на последиците од кризата во која се наоѓа земјата при што потенцираше дека по вторпат во последните 15 години активна е паралелна агентурна мрежа и безбедносните пропусти во системот за следење на комуникации по вторпат во споменатиот период предизвикаа политичката криза, а првата таква криза, во 2001 година, резултираше со конфликтот меѓу македонските безбедносни сили и ткн Ослободителна армија на Албанците (ОНА).

Ризиците и безбедносните закани

„Под покровителство на меѓународниот фактор, беше постигнат договорот од Пржино. Беше формирана техничка влада со претставници од власта и опозицијата. Беше формирано Специјално јавно обвинителство. Но, наместо да се разреши, кризата се продлабочи. Изборите на 24-ти април беа одложени на барање на опозицијата. Изборите закажани за 5-ти јуни беа минирани, бидејќи опозицијата се закани дека ќе ги спречи, а олеснувачите извршија притисок кај дел од партиите да се откажат од учество“, рече.

Опишувајќи го овој период Иванов посочи дека партиите и нивните поддржувачи ги користеле институциите како средство за меѓусебна пресметка, а во недостиг од време за водење квалитетни истраги. Специјалното јавно обвинителство потфрлило

„Постоеше висок ризик од поттикнување насилни акти и предизвикување меѓу-македонски судир. Се активираа криминални мрежи, антивладини активисти и олеснувачи на движењето на мигрантите. Од ден во ден, состојбата се усложнуваше. Договорот од Пржино беше de facto мртов“,додаде претседателот.

Оцени дека во тој период поради нарушениот систем на команда, безбедносните институции биле блокирани и воспоставени паралелни структури.

Поради тоа, постоел, истакна Иванов, висок ризик безбедносните структури да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме како држава. „А закани имаше многу, и однадвор, и од внатре“, потенцираше македонскиот претседател.

Прецизираше дека во тој период на македонската јужна граница илјадници мигранти се обидуваа насилно да ја срушат заштитната ограда, да ја преплават територијата на државата, за да го отворат балканскиот мигрантски коридор кон Европа. Армијата и полицијата, рече Иванов, спречиле повеќе од 15.000 обиди за илегален премин на границата.

Покрај тоа, потсети Иванов, на северната граница имаше упад од четириесетчлена вооружена екстремна група.

„Оваа група имаше цел да изврши одмазднички терористички акти за полициската акција од 9-ти мај 2015 година во Куманово. Тогашниот министер за внатрешни работи од опозицијата е добро информиран за она за што зборувам. Тој можел на пратениците од опозицијата да им ги пренесе класифицираните информации за сите закани што ги имавме тие денови. Како членови на собраниските комисии за надзор и контрола тие имаат право да ја знаат вистината“, истакна Иванов.

Во изминатата година се случиле, како што посочи претседателот Иванов, десетина напади со оружје и експлозиви врз државни објекти и институции и една политичка партија.

Нагласи дека во споменатиот период постоел, и сé уште постои висок ризик и од заканата од странски терористички борци. Притоа прецизираше дека во земјата има 86 повратници од боиштата во Сирија и Ирак, каде дејствувале во екстремни групации.

Избегнат меѓумакедонски судир

Иванов ја повтори претходно веќе соопштената за јавноста информација од безбедносните служби дека двајца од лидерите на политичките партии, без да посочи за кои личности и политички станува збор, добивале закани за атентат.

„Заканите беа потврдени и од партнерските странски безбедносни служби“, нагласи претседателот .

Настаните на јужната и северната граница, заканите од странски терористички борци, мобилизацијата на криминалните структури и антивладините активисти со намера да предизвикуваат насилства и узурпирање на објекти ги зголемиле ризиците за загрозување на безбедноста во земјата, оцени.

„Во услови на прогласена кризна состојба и на длабока политичка криза, кога имавме распуштено Собрание и техничка Влада со мандат ограничен само за спроведување избори; кога имавме парализирани безбедносни институции со нарушен систем на команда, и постојани и директни закани по националната безбедност, Специјалното јавно обвинителство вршеше селективен прогон кон само една политичка структура“, рече Иванов кој оцени дека таквите активности и ситуацијата воделе неминовно кој предизвикување тензии во општеството со ризик за меѓуграѓански конфликт и насилства.

„Сé што се случуваше упатуваше на тоа дека се соочуваме со туѓа наметната игра што има за цел дестабилизација на Македонија“, заклучи Иванов изразувајќи очекување одговорот да го даде судската разрешница на предметот „Пуч“, во кој се обвинети неколку поранешни функционери и припадници на службата за државна безбедност, кои се товарат дека нелегално ја користеле инфраструктурата на тајната служба за следење на политичари и други јавно личности, кои му ги предале на челникот на најголемата опозицска партија, кој потоа познати како „бомби“ ги емитуваше во јавноста, а потоа ги предаде во СЈО.

„Сакам граѓаните да знаат дека бевме на чекор од отворен и насилен граѓански судир, најавено од обвинетите во случајот Пуч. Нешто мораше да се преземе за да се спечи најлошото“, нагласи Иванов.

Објасни дека во таквата сложена ситуација, како Претседател на државата на располагање му стојат два уставни и законски инструменти, како што рече, реактивен и превентивен.

„Првата опција беше да дејствувам реактивно. Тоа подразбираше да стојам настрана, и да чекам сé додека состојбата во Македонија не ескалира. Тогаш ќе морав да ја ангажирам Армијата за смирување на состојбата. Но, со тоа ќе ја оставев јужната граница незаштитена и отворена за илегална миграција. Тоа ќе беше сигнал за милиони потенцијални мигранти дека Балканскиот коридор е повторно отворен. Тогаш Македонија ќе беше преплавена со мигранти“, додаде.

Втората опција, којашто ја нарече превентива, пак, подразбирала како шеф на државата да наметне нови правила „на наметнатата игра“ со Македонија, односно да ја преземе контролата „врз играта и да обезбедам предност’ за земјата.

Иванов уверува дека потполно бил свесен за ризиците од носењето одлуки, влегол во наметнатата игра и ги употребил оние инструменти со кои располага според должноста.

Поради тоа превентивно ја донел одлуката за помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза. „Помилувањата беа инструмент со кој ги замрзнав сите непријателски намери меѓу спротивставените страни“, рече

Иванов одаде дека таквата ненадејна одлука предизвикала нервоза кај одредени „центри на моќ“.

„Гневот се насочи кон мене. Плановите за предизвикување конфликт беа растурени. Со тоа го превенирав загрозувањето на јавната безбедност. Но, некои погрешно ги толкуваа моите намери“, дополни.

„Во изминатите два месец многумина упатија прашање до мене: Што сум мислел кога сум ја донел одлуката за помилувањата? На ова прашање ќе одговорам со контра прашања: Зарем требаше да бидам пасивен набљудувач додека се закануваше отворен судир меѓу двете спротивставени страни? Зарем требаше да чекам да падне крв на улиците, за да ја употребам Армијата како втор инструмент во услови на веќе прогласена кризна состојба? Зарем требаше да дозволам Македонец на Македонец да дигне рака?“, запраша претседателот на државата.

Изрази согласување дека станува збор за непопуларна одлука, поради којашто трпи критики, како и дека неговиот личен углед беше доведен во прашање.

„Точно е дека во неколку наврати, протестите станаа и насилни. Но, подобро е да бидат горени моите фотографии, отколку институциите на државата“, порача Иванов посочувајќи дека за него е најважно да не се случи отворен меѓу-македонски судир кон кој туркаа некои вжештени глави.

„Затоа, сметам дека целта е постигната. Вжештените глави се оладени. Македонија сé уште е безбедна, стабилна и мирна држава. Со други зборови, наметнатата игра за дестабилизација на Македонија не успеа“, заклучи Иванов.

Правната држава ја нарушуваат оние кои трчаат во амбасадите

Во продолжени на обраќањето, шефот на државата се осврна и обвинувањата упатени кон него дека покажал неодговорност, но истакна дека, напротив, целосно ја преземал одговорноста за неговата одлука.

„Слушам обвинувања дека одлуката поттикнала на протести и ги зголемила безбедносните ризици. Напротив. Од разузнавачки извори навремено бев информиран дека овие протести биле однапред планирани и подготвувани. Мојата одлука само го забрза нивното дејствување“, нагласи Иванов,

Ги пофали и се заблагодари притоа на припадниците на полицијата за нивниот професионален однос, бидејќи не подлегнале на ниедна од мноштвото провокации на кои беа изложени.

Се заблагодари, исто така, на македонските граѓани кои совесно се однесувале и не го прифатиле насилството на кое се повикувани сиот овој период, како и на безбедносните служби кои навремено информираат за намерите за вршење на насилни акти.

„Ме обвинуваат дека во годината кога одбележуваме четврт век независност со одлуката за помилувања сум ја поништил правната држава. Правната држава ја нарушија оние кои поради недостиг од политичка култура и култура на дијалог и компромис немаа доблест своите недоразбирања да ги решаваат во институциите на државата. Правната држава ја нарушија лидерите на СДСМ и ДУИ, бидејќи уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнеме, да седнеме и да се договориме, туку трчаа во амбасадите на странските држави“, рече Иванов.

Заоран Заев (лидер на опозициската СДСМ- з.р.) Али Ахмети (челник на ДУИ која е дел од владината коалиција –з.р.) „ја загрозија правната држава, сувереноста и независноста“, рече Иванов нарекувајќи ги „двајца неодговорни политички лидери кои придонесоа да го добиеме договорот од Прижино, и кои не се ни придржуваа кон тој договор“.

За селективноста на СЈО

„Ме обвинуваат дека сум го повредил Уставот и дека сум дал амнестија што е во надлежност на Собранието. Тие или не ја знаат разликата меѓу амнестијата што ја дава Собранието и помилувањето што го дава Претседателот, или ја знаат, но намерно шират конфузија меѓу граѓаните“, појасни Иванов.

Негираше дека одлуката ја донел за да го поништи Специјалното јавно обвинителство. Толкуваше дека тоа е институција формирана ад-хок, со точно определна наменска цел, согласно договорот на политичките партии, од која се очекува со својата работа да биде во функција на решавање на политичката криза, а не нејзино продлабочување.

„За жал, наместо инструмент за правда, СЈО се покажа како инструмент за уцена. Од сите милион фајлови кои кажуваат дека ги имаат, ги одбра само оние кои се однесуваат на претставниците на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството. Јас и јавно прашав по која методологија се одбрани само тие случаи. Одговорот го даде лидерот на опозицијата Заев кој изјави дека Специјалното јавно обвинителство постапува исклучиво по пријави доставени од опозицијата. Значи, наместо специјално обвинителство добивме селективно обвинителство, кое е исклучиво во функција на опозицијата“, беше категоричен Иванов.

Иванов го повика Заев да не блефира

На обвинувањата дека со помилувањата сакал да заштити политичарите, и дека пратил порака дека политичарите се недопирливи, оценувајќи ги за неосновани одговори дека кога беа донесени измените на Законот за помилувања и кога беше создадена нова реалност, ги повлече сите помилувања за политичари.

„Денес, единствениот аболициран политичар во Република Македонија е господинот Зоран Заев. Доколку не блефира, го охрабрувам, врз основа на законските измени да го одржи дадениот збор и да поднесе формално барање за повлекување на неговото помилување“, му порача шефот на државата на челникот на опозицијата.

Иванов негира и дека со повлекувањето на помилувањата признал дека направил погрешна процена, дека го повредил Уставот и законите.

„Напротив. Одлуката за повлекување ја донесов затоа што, за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Вратена е првобитната состојба. Имаме функционални институции, кои можат да се справат со сите предизвици и закани со кои се соочува државата. Наместо техничка имаме политичка влада што може да носи одлуки и да предлага закони. Собранието повторно работи и носи закони, дури и водеше расправа за предлогот за импичмент на Претседателот“, додаде.

За специјалната војна

Во Македонија се води специјална војна како дел од стратегиите за предизвикување тензии и воспоставување постојани политички кризи со технички влади за неможност во справување со закани и доведување во положба на потчинетост, оцени Иванов и предупреди дека договорот меѓу лидерите сé уште не е целосно исполнет и оти договорените парламентарни избори не се спроведени.

„Во недостиг од политичка програма и решенија за граѓаните, гледаме циркус во Собранието, театар на улиците од оние кои не ги признаваат и ги бојкотираат институциите, повикуваат на безредие и безвластие. Никому не му е забрането да протестира, да го искаже своето незадоволство од власта. Никому не му е оспорено правото јавно да го искаже своето мислење за кое било прашање во државата“, продолжи.

„Но институциите мора да воведат ред. Никаде не се толерира хулиганство, вандализам и уништување на туѓиот имот. Секаде тоа се санкционира. И кај нас таквото насилство мора да престане. Затоа, сакам да упатам порака до сите оние кои придонесоа кон оваа криза. Лидерите на партиите да внимаваат што договараат, олеснувачите да внимаваат какви пакети предлагаат, пратениците да внимаваат за какви закони гласаат“, рече Иванов.

Цивилниот сектор да се дистанцира од профитерите, да се деблокираат интеграциите

Неопходно во овој момент, смета Иванов, автентичниот невладин сектор кој со години конструктивно придонесува кон решавање на бројни проблеми во општеството да се дистанцира од поединци и групи кои протестираат само за да профитираат.

„Ги повикувам партнерите да не ја користат состојбата за остварување свои интереси. Блокирањето на европска и евроатлантска иднина придонесе кон блокирање на политичките процеси во Македонија. Затоа, ги повикувам Европската унија и НАТО да го деблокираат патот на Македонија. Процесот на преговори и затворање на поглавјата досега ќе ги научеше политичките елити на културата на дијалог и компромис“, порача македонскиот претседател.

Македонските политичари да не бидат зависни од надворешни фактори

Иванов им се обрати и на политичките лидери коишто не го признаваат неговиот избор за шеф на државата. Оцени дека тие иако на ја признаваат институцијата Претседател, должни се да не ја загрозуваат независноста и суверенитетот на земјата „со доведување во состојба на потчинетост и зависност „кон други држави, центри на моќ или недржавни актери“.

„Не смее да се дозволи целата држава и народот да биде заложник на карактерите, егото и личната омраза на овие неодговорни политичари. За такви не треба да има место на политичката сцена. Ако во остварување на која и да е цел се водите од омраза и деструкција, тогаш неуспехот е гарантиран“, смета претседателот

На крајот од обраќањето Иванов порача дела тој има одговорност кон граѓаните кои го избрале и му дале легитимитет и оти и во иднина натаму ќе постапува според Уставот и Законите во заштита на државните интереси и националната безбедност./крај/мф

Извор: Макфакс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

Зајкова: Имаме искуство што гарантира успех – во недела да го заокружиме бројот 1 и да ставиме крај на поделбите

Објавено пред

Со пораки за обединување на центарот и успех на претстојните локални избори во недела, финишираше завршниот митинг на коалицијата „Искуство за успех“.

dobivaj vesti na viber

Пред полната сала за последен пат пред почетокот на изборниот молк се обратија лидерите на партиите кои ја сочинуваат коалицијата, ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР со поздравни говори, во кои го повикаа своето членство на мобилизација и ги споделија своите очекувања за изборите во недела.

„Се воздржував цела кампања да не влезам во дебатата која се трудат да ја наметнат лидерите на двете бивши најголеми партии. Наместо да се бават со локалните проблеми на граѓаните, упорно се занимаваат со теми кои се однесуваат на национални прашања. Престанете со изговори, на народот му требаат резултати. Затоа оваа Коалиција на овие избори се занимаваше со идентификување на клучните проблеми и понуда на решенија. Народот се гуши во смрдеа, умира од карциноми, заглавен е во сообраќаен метеж. ЛДП заедно со оваа коалиција ја презема опозиционата палка на оние во државата кои што се водат од разум и идеја да се направи нешто, а не само да се критикува, плука и навредува. Доста е“, порача во својата изјава претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, додавајќи дека „големите партии“ 20 дена се рекламираат со народни пари, без да понудат ништо конкретно.

Во својот говор Зајкова вели дека не е точно дека гласот за малите партии е изгубен. Напротив, секој глас е силен и вреден и тоа совршено добро го знаат, затоа и се противат на воведување една изборна единица и отворени листи. Тие, ‘големите партии’, зад себе имаат цели машниерии, имаат милиони народни пари, имаат платени од вас граѓаните аналитички центри, имаат платеници во разни општествени слоеви.

Но, ние имаме искуство, имаме дела, имаме храброст, имаме визија, имаме сон за подобро утре и на крајот и најважно ве имаме вас, драги сограѓани. И вашето присуство вечерва тука е доказ дека сме успеале, сме успеале да создадеме здраво ткиво спремно на борба за промени, спремно за работа, за подобра иднина“, посочува претседателката Зајкова и побара поддршка за бројот 1 да биде нов почеток на граѓанско-политички центар во државата.

„И додека останатите се надвикуваат меѓусебно објаснувајќи кој е повеќе виновен за денешната катастрофа, а всушност сите они се највиновни, ние сме тивки и вредни. Додека останатите ветуваат автопати и авении, ние скромно, со системски решенија чекориме по нашиот пат. Но, убедена сум и како жена и како млада личност, дека веќе во понеделник ќе станеме сериозно гласни, дека нашиот пат, на 19 октомври ќе нѐ одведе на светлата страна на успехот. Затоа што ова општество мора да се помрдне од статус-квото што го живееме повеќе од три децении“, изјави Зајкова, завршувајќи го своето обраќање со повик до граѓаните да стават крај на поделбите и во недела да го заокружат бројот 1.

На митингот се обрати и Стевчо Јакимовски, лидерот на ГРОМ, ги поздрави присутните граѓани и ги претстави проектите за наредните 4 години во Општина Карпош. Со поздравни говори се обратија и носителот на советничката листа за Советот на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Ристо Пенов, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски, и лидерите на Интегра и ПЦЕР, Љупчо Ристовски и Самка Ибраимовски.

Прикажи повеќе...

Македонија

Меџити: Милиони евра се инвестираат за развојот на Чаир

Објавено пред

Чаир, како историско и академско средиште на Скопје, доживува значајна фаза на развој благодарение на поддршката од Владата.

dobivaj vesti na viber

Кандидатот на коалицијата „Влен“ за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, во дебатната емисија на МРТ соопшти дека во последните 15 месеци се инвестирани околу 100 милиони евра, што претставува само почеток на трансформацијата.

Меѓу главните проекти, Меџити ги спомена:

  • Универзитетот „Мајка Тереза“ – инвестиција од 40 милиони евра за изградба на најголемиот и најмодерниот универзитетски кампус во земјата, со што Чаир станува академско средиште со околу 20.000 студенти вклучени во четири универзитети.
  • Стар Чаир – инвестиција од 25 милиони евра за реновирање на најстарата чаршија на Балканот, која не била обновувана од османлискиот период.
  • Плоштадот „Скендербег“ – проект кој ќе создаде паркинг простор за 800 возила, модернизирајќи ја и функционализирајќи ја централната зона.

Меџити истакна дека Чаир за првпат се трансформира не само со зборови, туку со конкретни проекти и реални инвестиции, кои ќе го донесат овој дел на Скопје во ерата на развојот и ќе ја зајакнат неговата улога како академско, културно и историско средиште.

Прикажи повеќе...

Македонија

Шукова: Отпадот е ресурс, време е Скопје да добие чист и одржлив систем за управување со отпад

Објавено пред

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во гостување на телевизијата Алсат М, зборуваше за проблемите со отпадот, нечистотијата и дивите депонии во градот, нагласувајќи дека потребни се два паралелни процеси итно чистење на градот и долгорочна поставеност на систем по европски стандарди.

dobivaj vesti na viber

„Мора веднаш да се почне со расчистување на отпадот пред секоја куќа, пред секоја зграда, по целиот град, како и со дивите депонии, каде што ќе воспоставиме контрола за да не настануваат повторно”, истакна Шукова.

Според неа, проблемот со Вардариште е еден од најакутните во Скопје.

„Таму мора да имаме 24-часовна заштита, да го преземеме просторот и да започнеме со постепено расчистување. Вардариште, според сите стратешки документи, треба да биде претоварна станица – затоа што мора да имаме претовар на отпадот пред неговото носење во Дрисла“, објасни Шукова.

Таа подвлече дека градот мора итно да воспостави одржлив систем за управување со отпад, кој ќе ја намали количината што завршува на депонии и ќе ја зголеми повторната употреба и рециклирањето.

Прикажи повеќе...

Најново

Регион10 часа

Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета...

Свет13 часа

Трамп: Царината од 100 отсто за кинеска стока не е одржлива, но бев принуден на тоа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата најавена царина од 100 проценти на кинеска стока не е одржлива, но дека...

Македонија13 часа

Контролорите за летање нема да штрајкуваат, но обвинуваат за незаконска одлука и лоши услови за работа без вода и систем за греење

Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија соопшти дека ќе ја почитува одлуката на Граѓанскиот суд во Скопје со...

Македонија14 часа

Одобрено обвинението против сопственикот на фирмата за обезбедување на „Пулс“

Кривичниот суд информира дека е одобрено и второто обвинение за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со што предметот преминува...

Топ16 часа

Штитеници во установа за згрижување деца имале сексуален однос пред 12-годишно дете

Вчера во 16:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека во август 2025 година во соба во установа за згрижување...

Топ16 часа

Пукање во Ѓорче Петров, жител пријавил дека му е скршен прозорецот од дневната соба, а во куќата нашол две зрна од оружје

Доцна синоќа во 03:00 часот во СВР Скопје, М.Ј.(39) од Скопје пријавил дека околу 02:50 часот, додека бил во неговиот...

Македонија17 часа

Се гледаме во вториот круг, рече Шукова и повика недела да биде празник на демократијата и на слободата на одлучување

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, ја заокружи кампањата за првиот изборен круг со повик до граѓаните...

Македонија18 часа

Секој изгубен ден во политички престрелки е изгубена можност за Скопје, в недела масовно да излеземе, повика Ѓорѓиевски

На последниот ден од изборната кампања за првиот круг на локалните избори, кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО- ДПМНЕ,...

Македонија19 часа

Андоновски: Македонија добива современ и сеопфатен план за дигитален развој

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ја претстави новата Национална стратегија за информатичко-комуникациски технологии – „СМАРТ/МК 2030“, со што,...

Свет20 часа

Нема моќно оружје за Украина: Трамп ја менува приказната по разговорите со Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп денес ќе го угости украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, но има сè повеќе знаци...

Македонија20 часа

(Фото) Министерот за здравство се вакцинира против грип: Апелирам граѓаните навреме да се заштитат

Министерот за здравство Азир Алиу денеска го посети одделението за епидемиологија во Гостивар, каде и тој прими вакцина против сезонскиот...

Европа22 часа

(Видео) Русија: Нападнавме украински аеродром, каде што беа стационирани авиони на НАТО

Руските сили извршија напад врз воениот аеродром во Криви Рих, каде што наводно биле стационирани авиони на НАТО, објави руската...

Свет22 часа

Зеленски реагира на најавениот самит Трамп – Путин: тој денес пристигнува во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп денес е домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон за да разговараат за иднината на...

Европа22 часа

(Видео) Трамп: Го прашав Путин дали би имал ништо против ако им дадам неколку илјади „томахавки“ на Украинците

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека за време на разговорот со рускиот претседател Владимир Путин ја споменал можноста Украина...

Регион23 часа

Пицула ја критикува ЕУ за пофалбите што ги дава на Србија: „Наместо тоа, барајте вистински реформи“

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека претставниците на ЕУ треба да се воздржат од прекумерно фалење...

Свет24 часа

Дописник на Би-би-си: Заборавете на „томахавките“, состанокот Трамп – Путин е ладен туш за Украинците

Доналд Трамп повторно се обидува да ги комбинира дипломатијата и политиката на моќ – овој пат помеѓу Москва и Киев....

Македонија24 часа

Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека...

Свет1 ден

Трамп по телефонскиот разговор: Ќе се сретнам со Путин во Будимпешта

Американскиот претседател Доналд Трамп денес разговараше по телефон со рускиот претседател Владимир Путин, еден ден пред најавената средба со украинскиот...

Македонија2 дена

МВР со детали: Поткопан е темелот на куќата на Владо Малески, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава

Се огласи полицијата по случајот со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна....

Македонија2 дена

Очекувам победа во првиот круг, не за да добијам политичка круна, туку за да не се пролонгираат сегашната голгота и хаосот, рече Ѓорѓиевски

Кадидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, е убеден во победа, а вели дека искрено очекува тоа да...