Европа
Напаѓачот од Минхен злосторството го планирал една година

Осумнаесетгодишниот Али Давид Сонболи, Германец со иранско потекло кој во петокот во Минхен уби девет луѓе, почнал да го планира нападот пред една година, кога посетил училиште во југозападна Германија каде во 2008 година беа убиени 15 луѓе и не го копирал Манифестот на Брејвик, а во петокот во полицијата го пријавил неговиот татко кој го препознал на снимките емитувани на социјалните мрежи и медиумите.
На прес-конференцијата во неделата шефот на полицијата на обвинителството на федералната земја Баварија, Роберт Хајмбергер, соопшти дека „Таткото на напаѓачот го видел видеото и заминал во полициска станица каде што кажал дека речиси е сигурен дека тоа е неговиот син“.
Рајмберг изјави дека доказите најдени во домот на Сонболи, син на доселеници од Иран, покажуваат дека бил страстен играч на насилни видео игри. Додаде дека родителите уште се во шок и оти не можат да дадат официјална изјава.
Утврдено е исто така дека револверот „Glock 17“ го купил на црниот пазар, односно преку интернет страници достапни само преку посебна програма.
Овој пиштол се доведуваше во поврзаност со норвешкиот десничарски екстремист кој на истиот датум пред пет години уби 77 луѓе, револтиран од доселеничките политики на владата. Притоа, се споменуваше податокот дека и седум од деветте жртви на Сонболи се деца на странски имигранти.
Меѓутоа, Хајмбергер за новинарите рече дека се претпоставува дека Сонболи имал свој „манифест“ кој не бил копија на познатиот манифест на Брејвик објавен пред неговиот смртоносен поход.
„Сакам да истакнам дека имаше извештаи оти на неговиот компјутер е најден ткн Манифест на Брејвик, но тоа не соодветствува со вистината“, рече додавајќи дека истрагата уште треба да ги изучува информациите од компјутерот на минхенскиот убиец и оти не е исклучено тој да оставил некој вид своја порака.
Портпаролот на обвинителството на Баварија, исто така, кажа дека меѓу жртвите нема колеги на Али од училиштето. Претходно медиумите објавија дека тој бил малтретиран од врсниците од турско и арапско потекло во соседството, како и дека пред неколку години бил ограбен и притоа претепан.
Според портпаролот на обвинителството на Минхен, Томас Штајнкраус-Кох, лекарите кај Сонболи дијагностицирале социјални фобии и оти тој минатата 2015 година два месеца минал во психијатриска болница. Претходно во неделата весникот Bild am Sonntag, повикувајќи се на извори од истрагата објави дека кај него бил дијагностициран синдром од недостиг од внимание и хиперактивност.
„Според нашие податоци, во 2015 година тој минал два месеца во болница, а потоа бил на амбулантно испитување. Психичкото растројство, за коешто претходно зборував, се социјални фобии: што значи дека осомничениот се плашел да комуницира со други лица. Тоа се совпаѓа со сликата којашто родителите можеа да ја опишат кога уште беа во можност да одговараат на прашањата на иследниците….“, изјави Штајнкраус-Когх на прес-конференцијата, пренесе телевизијата N-24.
Сонболи отвори оган во петокот попладнето пред трговскиот центар „Олимпија“ при што уби девет луѓе, а потоа во паркот оддалечен еден километар се застрелал. Според последните податоци, повредени се 35 луѓе, при што се сметаат сите кои се здобиле со некакви повреди во паниката која започна низ целиот Минхен по објавувањето за „активна терористичка ситуација“ во градот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Франција и Германија се мобилизираат; Макрон: Му дадов ветување на Туск

Франција денес соопшти дека одлучила да мобилизира три борбени авиони „Рафал“ за заштита на полскиот воздушен простор и источна Европа заедно со НАТО, по руските упади со беспилотни летала во Полска, додека Германија изјави дека ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО.
„Вчера му го дадов ова ветување на полскиот премиер Доналд Туск“, објави францускиот претседател Емануел Макрон денес на Икс, додавајќи дека разговарал и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со британскиот премиер Кир Стармер.
„Нема да попуштиме пред зголеменото заплашување од Русија“, рече тој.
Германија, исто така, ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО по инцидентот со дроновите во Полска, изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус.
Тој рече дека војската на германскиот Бундесвер ќе го прошири и продолжи својот воздушен надзор над Полска. Два борбени авиони „Еурофајтер“ на Бундесвер веќе извршуваат извидувачки летови над Полска, кои беа планирани до 30 септември. Тие полетуваат од нивната база во близина на северниот германски град Росток.
Мерц: Ова е сериозен инцидент, а не несреќа
Бројот на авиони сега ќе се удвои на четири, а извидувањето е продолжено најмалку до 31 декември, соопшти германското Министерство за одбрана. Канцеларот Фридрих Мерц вчера изјави дека не верува дека нарушувањето на полскиот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала е несреќа, туку инцидент што претставува многу сериозна закана за мирот во цела Европа.
Варшава регистрираше 19 нарушувања на својот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала завчера и вчера. Русија негираше одговорност за инцидентот. Полска беше поддржана од своите сојузници во НАТО во соборувањето на беспилотните летала, прв пат членка на воениот сојуз да отвори оган за време на војната на Русија во Украина.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како обид на Русија да го тестира одговорот на Варшава и НАТО. Советот за безбедност на Обединетите нации ќе се состане утре за да разговара за упадите на беспилотните летала во полскиот воздушен простор.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: Размислете внимателно за вашите капацитети за воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика сојузниците на Киев да ги преиспитаат своите капацитети за воздушна одбрана откако беспилотните летала, за кои Варшава тврди дека се руски, влегоа во полскиот воздушен простор.
Зборувајќи во Киев заедно со финскиот претседател Александар Стаб, Зеленски рече дека Украина е отворена и подготвена да ги поддржи сојузничките напори. Украина одби многу руски воздушни напади користејќи украинско и странско оружје, од митралези до напредни ракети.
Зеленски рече дека земји како Полска треба да размислат за слични повеќеслојни пристапи бидејќи ракетните системи како што е американскиот систем „Патриот“ се премногу скапи за употреба против поевтини руски беспилотни летала.
„Никој во светот нема доволно ракети за да собори сите различни видови дронови“, рече тој. Полска, со поддршка на сојузниците од НАТО, вчера собори неколку дронови што влегоа во нејзиниот воздушен простор.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како руска провокација насочена кон тестирање на одговорите на Полска и НАТО. Зеленски рече дека Украина, која развила софистициран домашен пристап за одбивање на руските напади, е во позиција да им помогне на своите сојузници во тоа.
Тој рече дека полскиот премиер Доналд Туск веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина за таа цел. Полските воени претставници ќе бидат обучени да соборуваат дронови, изјави извор запознаен со ова прашање.
фото: принтскрин
Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.