Македонија
Просечно врнежлива есен предвидуваат метеоролозите
Просечно врнежлива есен, со просечни температури меѓу 8 и 12 Целзиусови степени, предвидуваат од УХМР, врз основа на материјалите преземени од Европскиот Центар за Среднорочна Прогноза на Времето (ECMWF) во Рединг и Виртуелниот Центар за Климатски Промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC).
Тримесечната прогноза на времето во Македонија за период септември-ноември покажува просечни вредности на температурите на воздухот (8 -12°C). Вообичаено просечна врнежлива есен е прогнозирана и оваа година, но поголема процентуална веројатност за отстапување, односно за појава на малку поголеми количини на врнежи од просечните постои во југоисточна Македонија (50-100mm). Во септември температурата на воздухот се очекува да биде во рамките на просекот, 12-14°C во западните планински делови и нешто повисока во другите региони до 18°. Овој месец ќе биде малку поврнежлив на целата територија освен во североисточниот и северозападниот дел каде не се очекуваат врнежи поголеми од просечните за тие региони.Во октомври не очекуваат просечни температури 10-14°C, но постои голема веројатност дека во врнежите на целата територија на Републиката ќе бидат под просечните вредности. Особени пониски количини на врнежи се очекуваат во западна Македонија.Просечните вредности на температурата би требало да се задржат и во месец ноември 6-9°C, а во западните планински делови се очекуваат пониски температури. Врнежите и во овој месец треба да бидат под просечните, освен во источна Македонија каде што треба да се постигнат просечните количини (50-100mm).Исто така постои веројатност во есенската сезона да се јават периоди со постудено и суво време, како и веројатност за изразени позитивни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата и врнежите. Не се исклучува можноста дека кон крајот на септември и почетокот на октомври да имаме продолжеток на летото, потопол и сув период. Според историските податоци со кои располага Управата за хидрометеоролошки работи за сезона есен регистрирана е апсолутната максимална температура 39,7 °C во Демир Капија на 05.09.2015г., а апсолутно минимална температура измерена е -19,0°C во Берово на 06.11.1995г. Температурниот опсег на многугодишниот просек 1981-2010 за есента е од околу 8°C во планинските предели до 16,9°C измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период биле од 127,0mm измерени на метеоролошката станица во Штип до 326,6mm во Лазарополе. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Јавна расправа во Министерството за транспорт: се разгледуваат измени во Правилникот за урбанистичко планирање
Во просториите на Министерството за транспорт денеска се одржа стручна јавна расправа по однос на предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање.
Целта на истата е на најтранпарентен начин со стручната јавност да се продискутираат предложените измени и дополнувања, велат од министерството.
Предложените измени во Правилникот за урбанистичко планирање имаат за цел да го поттикнат развојот на туризмот, енергетскиот и здравствениот сектор, преку создавање на услови за нови инвестиции, за поефикасно планирање и искористување на просторот.
„Имајќи предвид дека туристичкиот сектор веќе бележи позитивни трендови, преку предложените измени се предвидува можност за стимулирање на изградба на големи хотелски комплекси вон градови, исто така и надвор од заштитени подрачја, надвор од национални паркови, надвор од заштитената зона на Охридскиот регион поврзана со заштитата од УНЕСКО, со што директно се поддржува растот на туризмот и привлекувањето нови туристи во државата, а дополнително се придонесува за отворање на нови работни места.
Со цел да се обезбеди целосна транспаретност и вклученост на јавноста во процесот на носење на одлуки, при носењето на сите планови ќе се спроведуваат јавни презентации. Одржувањето на денешната стручна јавна расправа по однос на донесувањето на измените на конкретниот Правилник е јасен показател за заложбата и отвореноста на Министерството за транспорт за унапредување на регулативата и вклучување на сите засегнати страни“.
Исто така измените на Правилникот за урбанистичко планирање опфаќаат и можност за урбанизација на објекти од областа на терцијарното здравство, како и изградба на батериски системи, кои се од суштинско значење за развојот на енергетскиот сектор.
Министерството за транспорт со своите политики останува посветено на создавање на одржливи решенија кои создаваат баланс меѓу економскиот развој и јавниот интерес на граѓаните.
Македонија
(Видео) Мицкоски и Тошковски ги покажаа 40 тони запленета марихуана: „Никој не е над законот“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и премиерот, Христијан Мицкоски, дадоа изјава пред просториите во МВР во кои се сместени 40 тони запленета марихуана и најавија детална истрага за случајот.
„Денес, заедно со претседателот на владата, со директорот на Бирото за јавна безбедност и остатокот од тимот од МВР, имаме прилика да ги видиме овие 40 тони марихуана запленети во првата фаза од истрагата. Марихуаната е произведувана, складирана и чувана надвор од оние утврдени протоколи, значи незаконски е истата третирана од страна на фирмите од каде што беше одземена“, рече Тошковски.
Тој кажа дека марихуаната привремено е складирана во простории на МВР со цел да се користи во доказната постапка. Тошковски кажа дека истрагата продолжува.
Мицкоски кажа дека акцијата за заплена има за цел да покаже дека никој не е над законот.
„Ова нешто зад мене е дел од 40 тони марихуана, нешто што претставува резултат на погрешна политика што не сакаме да ја повториме. Очекувам дека денес на владина седница ќе биде донесена одлука да се формира комисија и тим кој ќе ја испита работатата на неколку правни лица и ќе утврди кој работи во согласност со законот, а кои се оние што не работат според законот. Сè што се случи во изминатите неколку дена има за цел да покаже дека нема компромис со неправдата и беззаконието и дека никој не е над законот и дека МВР со сиот капацитет ќе се справи со предизвиците кои ги има“, рече Мицкоски.
Тој испрати порака дека криминалот не се исплати и дека сите криминалци ќе бидат фатени и жестоко казнети.
„Сакам да испратам порака до сите кои одлучиле дека криминалот е исплатлива работа, можеби така било во друго време, но денеска криминалот не се исплати, ќе бидете пронајдени и ке бидете жестоко казнети“, рече Мицкоски.

