Македонија
Димитриев очекува избирачкиот список наскоро да биде прочистен

Разговорите што ги водат политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, околу прочистувањето на избирачкиот список, премиерот Емил Димитриев очекува наскоро да завршат, со услогласување на нивните ставови и ова прашање да биде конечно затворено.
Одговарајќи на пратеничко прашање, поставено од независната пратеничка Солза Грчева за текот на преговорите околу избирачкиот список тој рече дека бил информиран дека предмет на разговори помеѓу политичките партии е и новиот обид за дополнително прочистување на избирачкиот список, кој претходно беше ставен и на јавен увид и доставуван до политичките партии за евентуални забелешки.
„Во овој момент, сумарно што можам да кажам е тоа дека политичките партии отприлика се приближуваат во ставовите, дека треба да се проверуваат околу 40.000 граѓани кои во моментот не биле најдени при теренската проверка, а блиските роднини дале одговор каде се наоѓаат и околу 170.000 граѓани кои се претпоставува дека се на привремена работа надвор од Македонија. Се разгледуваат различни модалитети тие да бидат ставени на посебен извод од избирачкиот список. Тоа се параметрите за кои разговараат политичките партии и во согласност со договорот што ќе го имаат, Државната изборна комисија (ДИК) ќе пристапи кон прочистување на списокот“, рече Димитриев.
Грчева го праша премиерот и за спроведувањето на пописот на населението и зошто обидот тој да биде спроведен во 2011 година завршил неуспешно, на што Димитриев рече дека прв услов за одржување попис во земјава е да има политички конзенсус меѓу партиите за тоа прашање.
„Добро е за почеток да имаме консензус кај сите политички партии околу начинот на спроведување на пописот и евалуација на резултатите. Да се обидеме, оваа операција да биде издвоена надвор од сето ова што сега го имаме како политичка криза и екстремна поларизација на политичките односи. Влегување во ваква операција за мене е прилично неизвесно. Политичкиот момент е многу важен за одржување на една ваква операција“,рече Димитриев./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Маж од Косово добил македонски пасош со лажен идентитет – се гонат две вработени во МВР

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против М.А.(43) од Куманово и М.И.(41) од Липково, поради несовесно работење во службата.
М.А. – вработена на работно место помлад референт за управни работи во Отсек за управни работи Куманово, на 30.08.2017 примила барање за издавање на патна исправа поднесено од Х.Ј.(50) од Косово, по што во системот, во задолжителниот дел за потполнување од приложена важечка лична карта или друг важечки јавен документ во графата ја внела само таксата, без ниту еден личен податок. Потоа, извршила фотографирање за издавање на патна исправа на лицето Х.Ј.(50) од Косово без приложен важечки личен документ за идентификација со внесување и искористување на податоци на идентитет од друго лице и на тој начин му овозможила да се стекне со лажен идентитет и патна исправа од РСМ.
Додека пак, второпријавената М.И., вработена на работно место помлад советник за управни работи во Отсек за управни работи Куманово, пропуштила да изврши должен надзор и на тој начин извршила повреда на законските прописи за издавање на патна исправа. На 30.08.2017, таа го одобрила барањето за изготвување на патна исправа за лицето Х.Ј. со внесени податоци од идентитет на друго лице.
Македонија
Усје добива нова улица поплочена со павер-елементи место асфалт

Привршува изградбата на нова улица во населбата Усје, која се очекува да го унапреди квалитетот на живот на жителите во овој дел од општина Кисела Вода. Се работи за сосема нова улица со должина од 180 метри и површина од 900 квадратни метри, која е целосно поплочена со бехатон, односно павер – елементи. Оваа улица се гради во делот каде што никнуваат нови домаќинства, како директен одговор на потребите и барањата на жителите од оваа населба.
Покрај новата улица, во завршна фаза е и реконструкцијата на сите улици во населбата Усје, што се реализира како дел од стратегијата за инфраструктурна обнова на општина Кисела Вода. Пред почетокот на овие градежни активности, беше изградена и фекална канализација, со што се создадени подобри услови за урбан развој на оваа населба.
„Оваа нова улица во Усје е доказ дека кога жителите имаат јасни барања, а локалната самоуправа има слух и визија – резултатите се видливи. Градиме таму каде што досега немало ништо, создаваме услови за достоинствен живот и ја спроведуваме нашата стратегија за целосна инфраструктурна трансформација на Кисела Вода. Усје добива нов лик. Во завршна фаза е и комплетната реконструкција на останатите улици во населбата, која претходно доби и фекална канализација. Со оваа и многу други завршени или започнати интервенции, Општина Кисела Вода ја потврдува својата заложба за модерна, инфраструктурно уредена и функционална локална самоуправа. Преку планска работа, реализација на ветените проекти и одговорност кон секое населено место, како локална власт градиме подеднакво подобри услови за живот за сите свои граѓани“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Петрушевски: Венко Филипче и СДС молчат за трет партиски активист фатен со дрога

Венко Филипче и СДС молчат за трет партиски активист фатен со дрога во последните неколку месеци, обвини Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во што се претвори СДС? Здружение на наркодилери и конзументи? Или нивен заштитник? Имено пред 3 дена, Слаѓан Марковски од Гостивар, активист на СДС, е фатен со 12 пакувања кокаин и кеш. Ова е трет партијаш по Јон Фрчкоски и Андон Стојков кој за само неколку месеци е фатен со дрога“, рече тој.
Петрушевски прашува дали СДС и Венко Филипче ќе се откажат од Слаѓан Марковски или ќе се кријат како што се криеја за Андон Стојков?
„СДС е партија која се претвори во заштитник на криминалци. Венко Филипче има шанса и денес да се откаже од наркодилерите во неговите редови. Ако тоа не го стори, повеќе од јасно е дека нема интерес од тоа, и дека интересот се крие во нешто друго“, изјави Петрушевски.