Македонија
Судијка што се споменуваше во „бомбите“ и судијката што му одреди притвор на Кежаровски ќе ги работат обвиненијата на СЈО
Обвиненијата што минатата седмица ги поднесе Специјалното јавно обвинителство до Основниот суд Скопје 1 се распоредени кај судијките Лидија Петровска и Татјана Михајлова од одделот Кривично полнолетни, потврдуваат за Макфакс од Основниот суд Скопје 1.
Оттаму не прецизираат која судијка кој предмет ќе го работи. Името на судијката Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“, прислушуваните разговори коишто ги објави опозициската СДСМ, во разговор за кој се тврди дека е воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Во телефонскиот разговор, гласот за кој се тврди дека е на Мијалков ѝ соопштува на Лаличиќ дека ја избрале за судијка, а таа прашува кои се другите кандидати кои ги избрале за судии.Мијалков ѝ кажува дека избрана е и Лидија Петровска, а Лаличиќ е изненадена и вели дека местото го добила со купување подароци „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова. Лаличиќ во разговорот кажува дека моминското презиме на Петровска и е Тупанчевска и му е братучетка на професотот Никола Тупанчевски од Правниот факултет.Судијката Татјана Михајлова беше истражна судијка и во јавноста беше споменувана кога му одреди притвор на новинарот Томислав Кежаровски за случајот „Ликвидација“, за којшто беше осуден на казна затвор од 4,6 години. Се товареше дека наводно го открил идентитетот на заштитениот сведок за убиството на старецот од Ореше.Михајлова потоа судеше кривични предмети и го осуди Миле Хаџиски на 20 години затвор за убиството на Мери Јошеска што се случи пред повеќе од дваесет години.По распоредувањето на обвинителниот предлог или приватната тужба, судијата има обврска да испита дали е надлежен и дали постојат услови за отфрлање на предлогот или приватната тужба или во спротивно да закаже главна расправа за која ќе ги извести странките со покана и ќе им достави примерок од обвинителниот предлог или приватната тужба.Од Судот потврдуваат дека се работи за забрзани постапки коишто можат да бидат поведени врз основа на обвинителен предлог или приватна тужба и во овие случаи е предивдена парична казна или казна затвор до пет години.„За овие предмети не е предвидено водење на предистражна постапка, туку обвинителниот предлог или приватната тужба треба да бидат комплетирани и документирани со цврсти докази кои даваат повеќе од разумно сомнение за сторено кривично дело и судот не би требало да има потешкотии за утврдување на фактичката состојба, со долго водење на главната расправа“, велат од Судот.Иако Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во петокот изјави дека судот во рок од осум дена треба да ги закаже судењата за двата случаи за кои ова Обвинителство поднесе обвинение, од Основниот суд Скопје 1 велат дека нема формално утврдени рокови за закажување на главните расправи.„Потребно е да се напомене дека за испитување на обвинителниот предлог или приватната тужба и закажување на главна расправа законот не предвидува формални утврдени рокови, освен во случај кога се работи за притворски предмет кои се води по брза постапка и за кои доколку е определна мерка притвор по предлог на јавниот обвинител, во претходна постапка, притворот не може да трае подолго од осум дена до поднесување на обвинителниот предлог, што е јасно предвидено во член 470 од ЗКП, а во овие два предлози овластениот обвинител воопшто не предложил до судот определување на некоја од мерките за обезбедување присуство“, велат од Судот.Специјалното јавно обвинителство во четвртокот поднесе две обвиненија за уништување на списи поврзани со работата на системите за следење на комуникациите и за насилните протести што се случија во јули 2013 година во скопската општина Центар.Првообвинет во првиот случај е директорот на Петтата Управа, Горан Грујевски и уште шестмина службеници од Управата за безбедност и контраразузнавање, додека за вториот случај првообвинет е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и двајцата за поттикнување на насилство. Освен нив, за истото дело обвинети се уште три лица, а девет лица се обвинети како учесници во насилните протести./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Кој оди на средба со Мицкоски легитимира криминал и изолација на земјата
Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во легитимирање на криминалот и корупцијата, во анти ЕУ кампањата за изолација на земјата, во планот за предвремени избори и мигранти за пари, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Тој обвинува дека „тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени, не сакаат реформи за ЕУ туку покритие за намерна изолација на земјата“.
„Им се брза, им ја откивме корупцијата, им ги разоткривме плановите за мигранти, нема пари во буџетот. Сакаат да ја укинат техничката влада затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија. Антикорупцискиот тим на СДСМ изнесе само дел од работите и скандалите, можете само да замислите што сè се случува таму. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерствата. Тоа е главниот проблем. Скандалот со ИПАРД 3 видовте, има и уапсен директор од ВМРО заради корупција и злоупотреба на европски пари. Можете да замислите што сè се случува во Министерството за земјоделство. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерството. Затоа не сакаат техничка влада“, вели Димитријевиќ.
Тој додава дека „злоупотребата на полицијата после целосната партизација е уште еден инструмент за притисок, сила, закани и уцени но и за заштита на криминалци“.
„Покрај оние 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 9 милиони евра тендери за трета, 1,2 милиони евра тендри во Пошта може само да замислите што се прават. Не сакаат да има техничка влада – за опозицијата да не влезе и да не види што сè правеле“, рече Димитријевиќ.
Според него, техничката влада мора да остане затоа што таа е единствена шанса, единствен обид за некакви минимални услови за фер избори.
„Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. Воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функцонери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата“, рече Димитријевиќ и истакна дека СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми, да го заштити изборниот процес и слободната волја на граѓаните.
Македонија
За новогодишно украсување, општините дале 785 илјади евра – најмногу пари потрошила Општина Штип
За новогодишно украсување, општините потрошиле 785 илјади евра, а 78 отсто од вредноста е концентрирана кај една фирма.
Ова го покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за трошоците на единиците на локална самоуправа за новогодишно украсување.
„Истражувањето покажува дека: тендери за новогодишно украсување имале 36 општини; најмногу пари потрошила Општина Штип, 81 илјада евра; Градот Скопје и пет други скопски општини заедно потрошиле 185 илјади евра – сите со една иста фирма; Штип потрошил за украсување 111 денари по жител, а Скопје 8 денари; На 81 % од тендерите за украсување немало конкуренција, односно учествувала само по една фирма; Една иста фирма, Линк Медиа Плус, добила 78 % од вредноста на сите тендери за украсување во земјава; 94 % од договорите за јавна набавка за украсување се склучени во декември, на нецели две недели од новата година“, се наведува во соопштението.
Вкупната вредност на веќе склучените и објавени договори за украсување изнесува 48.297.986 денари, односно 785.333 евра. Сепак, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации, се очекува вредноста на трошоците за новогодишно украсување да расте со доставување на информациите од преостанатите општини (Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево и Крива Паланка), како и Општина Новаци која има набавка на услугата за новогодишен огномет.
Најмногу пари за новогодишно украсување потрошила Општина Штип склучувајќи договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје во вредност од 4.998.480 денари, односно 81.276 евра.
Градот Скопје е на второ место со договор склучен со истата фирма во вредност од 4.271.600 денари, односно 69.457 евра.
Доколку кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош) произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на новата година се потрошени 17.521.584 денари, односно 284.904 евра. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.
Покрај Град Скопје и сите други 6 општини од градот склучиле договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје.
Гледано според бројот на жители произлегува дека Штип потрошил по 111 денари по жител за оваа намена, а Град Скопје 8 денари по жител.
На дното, со трошоци за украсување пониски од 10.000 евра се општините Неготино (9.590 евра), Куманово – ЈП Куманово Паркинг (9.402 евра), Ресен (9.210 евра), Дојран (8.927 евра), Свети Николе (6.407 евра), Градско (5.756 евра), Демир Капија (5.756 евра), Богданци (4.855 евра), Сопиште (4.056 евра) и Новаци (2.878 евра).
Во истражувањето е истакнато дека тендерите за новогодишно украсување се спроведувани главно без конкуренција.
„Просечниот број понуди по еден тендер изнесува само 1,15 што е далеку под препорачаниот минимум за обезбедување пазарна конкуренција. Притоа, во дури 27 од вкупно спроведените 32 тендерски постапки била доставена по само една понуда. Вредноста на договорите во кои била доставена по само една понуда изнесува дури 91 %. Отсуството на конкуренција ја доведува во прашање реалноста на трошоците на украсувањето. Од вкупно склучените 32 договори за украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 се со Линк Медиа Плус, во вкупна вредност од 37.825.726 денари, односно 615.052 евра. Произлегува дека Линк Медиа Плус добила 78 % од вредноста на сите вакви договори“, се наведува во соопштението.
Повеќе од еден договор успеале да добијат уште две фирми, ДИМЕНЗИЈА 360 од Скопје за трите општини од југот Валандово, Гевгелија и Дојран, како и фирмата ГРИН ВЕЈ од Битола, која освен со Општина Битола склучила договор за украсување и со Општина Ресен.
Останатите 12 фирми кои имаат склучено договор за новогодишно украсување се носители на по само еден договор.
Центарот за граѓански комуникации наведува дека тендерите за новогодишно украсување традиционално се склучуваат доцна во годината што сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема.
„Дури 30 од 32 договори се склучени во декември, со тоа што на дел од нив потписот е ставен нецели 2 недели пред новата година. Ваквото постапување е проследено и со непочитување на законската обврска до Електронскиот систем за јавни набавки да се достави известување за склучениот договор, најдоцна 10 дена од денот на склучувањето. Голем дел од општините не го почитувале овој законски рок. Доцното објавување на огласите за јавна набавка, и оттука склучување на договорите во декември, сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема“, се наведува во соопштението.
Македонија
Општина Гази баба ќе доделува по 8.000 денари за секое новороденче
Од 1 јануари секое семејство во општина Гази Баба кое ќе има новородено дете ќе добие финансиска поддршка од 8.000 денари, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Во 2022 година, по моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба, за прв пат ја воведовме мерката за финансиска помош од 5.000 денари за секое новороденче. Тоа беше почеток на една политика која ја става грижата за семејството и децата во самиот фокус. Во изборната кампања за последните локални избори ветив дека оваа поддршка ќе ја зголемиме на 6.000 денари, затоа што верував дека секое семејство заслужува повеќе. Но, со внимателни анализи, одговорно и домаќинско управување со буџетските средства, успеавме да направиме уште еден чекор напред и ја зголемивме помошта на 8.000 денари“, објави Стефковски.
Тој додава дека со ваквите мерки директно се придонесува за зголемување на наталитетот, охрабрувајќи ги семејствата да се одлучат на најубавиот чекор – да донесат нов живот на светот.

