Македонија
Големо обезбедување за процесот на оценување на обвинението од Дива населба
Блокот околу скопските судови е под силно полициско обезбедување, а во присуство на многу роднини, се очекува почетокот на јавната седница за оценка на обвинението за настаните во Дива населба во Куманово од мај годинава.
Во секој момент се очекува да почне седницата која ќе се одржи во салата во Врховниот суд поради тоа што на неа треба да присуствуваат сите обвинети, адвокати, а бидејќи е од отворен карактер има и огромен интерес од медиумите и секако роднините на учесниците, јавува репортерот на Макфакс од терен.
Обвинетите, кои се наоѓаат во притвор, се товарат за кривичните дела „терористичка организација” и „тероризам”.Во престрелката во кумановската Дива населба која траеше речиси два дена, загинаа осум припадници на македонската полиција и десет припадници на вооружената група.
Во полициската акција беа уапсени триесетина лица под сомнение дека се дел од вооружената терористичка група. Во последните неколку месеци, полицијата спроведе неколку нови акци во кумановски и во скопски села, при што беа уапсени повеќе лица за кои постоело сомневање дека биле јатаци и помагачи на членовите на групата./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УХМР издаде портокалов аларм за снежна бура во Македонија – обилен снег и силен ветер од вечерва
Голема промена на времето во Македонија.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека денеска во ноќните часови ќе има врнежи кои почнувајќи од север ке преминуваат во снег и во пониските места, а пообилни ќе бидат во втората половина од ноќта. До изутрина на повеќе места ќе се формира снежна покривка.
Утре (12.01) во текот на целиот ден ќе има врнежи од снег, а на места, особено во западните делови ќе бидат обилни (локално над 40 л/м²).
Снежната покривка ќе се зголемува, особено на планините (локално и за над 50 см).
Позначителна снежна покривка (над 20 см) ќе се формира и во југозападните делови. Поради ниските температури и засилениот северен ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси.
Повремени врнежи од снег ќе има и во понеделник, а потоа во следните денови ќе преовладува студено време со услови за провејување на слаб снег
Во Скопје почнувајќи од денеска во ноќните часови и во текот на утрешниот ден ќе има врнежи од снег, повремено пообилни. До утре изутрина ќе се формира снежна покривка која во текот на денот ќе се зголемува. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Повремен снег ќе има и во понеделник.
Поради ваквите временски услови УХМР издаде портокалов аларм за најголем дел од територијата на земјава.
Македонија
Јавното обвинителство ниту еднаш не дало позитивно мислење и не се согласило со условен отпуст на Сашо Мијалков
Поради интересот на јавноста во врска со условниот отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков и неговото право да ја напушти државата, Јавното обвинителство појаснува дека ниту еднаш не дало позитивно мислење и не се согласило со условен отпуст на осудениот, информираат од ЈОРМ.
„Надлежниот јавен обвинител при првостепеното одлучување за условен отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков даде негативно мислење. По донесената одлука со која му беше одобрен отпустот, обвинителот вложи и жалба, меѓутоа таа беше отфрлена како недозволена, бидејќи во меѓувреме, со измени на Законот за извршување на санкциите објавени во Службен весник на 2 април 2024 година, од членот 254 е избришана одредбата која предвидуваше обврска решението за условен отпуст да се доставува до јавниот обвинител, а со членот 256 практично целосно беше одземена можноста на јавниот обвинител да се жали на одлуката за условен отпуст. Тоа значи дека од тие измени, јавниот обвинител ниту е известен ниту има можност да се жали на условниот отпуст. Со оглед на тоа, во мај 2024 година, кога Сашо Мијалков добил конечна одлука за условен отпуст, јавниот обвинител воопшто не можел да има никакво влијание врз таквата одлука ниту врз заштитениот надзор врз условно отпуштениот. Тој надзор го одредува исклучиво Судот и согласно закон (член 255) може да се состои во посебни мерки на помош, грижа, надзор или заштита кои ги спроведува надлежен орган согласно со закон.
Кога станува збор за предметот “Трезор”, надлежниот јавен обвинител и таму ниту еднаш нема дадено позитивно мислење за враќање на патната исправа. Напротив, на 31.05.2024 година обвинителот даде негативно мислење за враќање на пасошот на обвинетиот, а потоа на 19.06.2024 година вложи и жалба на решението на Кривичниот совет со кое беше укината таа мерка на претпазливост. Позитивно мислење во во тој предмет е дадено само во однос на укинување на гаранцијата и тоа по донесена правосилна ослободителна пресуда од Апелацискиот суд.
Позитивно мислење на јавниот обвинител за определените гаранции во сосема друга кривична постапка која завршила правосилно со ослободителна пресуда на Апелацискиот суд не може да однесува на мерките потребни за надзор над условниот отпуст за правосилно осудено лице“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.
Македонија
ЗНАМ oчекува опозицијата да предложи нов претседател на Комисијата за социјална политика по интерпелацијата за Даути
„За Движењето ЗНАМ – За наша Македонија сосема е нејасно на што се темели соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието дека со изгласувањето на интерпелацијата не следува и разрешување на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и спорт, госпоѓа Даути“, велат од ЗНАМ.
„Од вчерашната седница на Собранието на која беше изгласана интерпелацијата за г-ѓа Даути, за нас исходот е многу јасен. Собранието на Република Македонија утврди одговорност кај госпоѓа Даути, таа несомнено го прекршила Деловникот, а санкцијата за прекршувањето на Деловникот е разрешување за оној што го направил тој прекршок. За Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, со усвојувањето на интерпелацијата, Илире Даути е разрешена и таа повеќе не може да ја извршува претседателската функција во работното тело на Собранието. Очекуваме опозицијата, на која, според претходната распределба, ѝ припадна претседателското место во оваа комисија, веднаш, уште в понеделник, да предложи нов кандидат за оваа позиција“, стои во соопштението на ЗНАМ.
Претходно, Кабинетот на претседателот на Собранието преку соопштение појасни дека гласањето за интерпелацијата нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство.
И пратеникот на коалицијата ВЛЕН, Халил Снопче на пленарната седница во Собранието изјави дека Илире Даути не е разрешена, па и понатаму останува претседател на Комисијата.
Со 61 глас од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ, Собранието ја изгласа интерпелацијата за Илире Даути од ДУИ. Taa не го почитувала Собранискиот деловник со тоа што не го ставила Законот за правата на бранителите на комисиска расправа и ги лишила пратениците од дебата за него.