Македонија
Штајнмаjер: Македонија си го блокира патот кон ЕУ и НАТО
Шефот на германската дипломатија Франк- Валтер Штајнмајер ја предупреди Македонија дека си го блокира патот кон ЕУ и кон НАТО, јавува Дојче веле. Штајнмајер вчера во Берлин се сретна со албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати, а на средбата долго се разговарало и за состојбата во Македонија.
„Се надевам дека во Македонија постои реалистичен поглед на нештата, дека растечката нестабилност и долготрајните конфликти многу ќе го отежнат патот кон ЕУ и НАТО“, рече Штајнмајер, запрашан да ги коментира најавите за можни санкции кон земјата и кон одредени политичари, кои неофицијално ги најавува ЕУ.Штајнмајер смета дека по секоја цена мора да се спречи избувнување на насилство. Иако не објасни на кого конкретно мисли, шефот на германската дипломатија ја критикуваше и блокадата на посредништвото од ЕУ.
„Жално е што завојуваните партии ги блокираат обидите за посредување од страна на ЕУ“, рече Штајнмајер.
Ова е веќе трета реакција од официјален Берлин за кризата во Македонија, откако претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за широка амнестија на политичари и нивни соработници. Цел на критики во најголем дел беше токму Иванов кому отворено му се префрла дека го нарушил Договорот од Пржино.
„Одлуката на македонскиот претседател е нарушување на Договорот (од Пржино, н.з.). Како што веќе се изјасни и министерот за надворешни работи (Штајнмајер н.з.) мора да се работи на компромис и да се почитува договореното“, изјави портпаролот на германското МНР, Мартин Шефер на 20 април годинава.
Германската влада минатата недела најави и дека постои можност да не се признаат резултатите од изборите доколку тие се одржат во актуелните околности.Сепак, што се однесува до иницијативите за решавање на политичката криза и Штајнмајер потенцира дека тие мора да дојдат одвнатре.
„Од овој аспект, мала е надежта дека ние однадвор можеме да делуваме во Македонија“.
Иако одби директно да ги коментира најавите за санкции и повлекување на препораката за почеток на преговори, Штајнмајер испрати јасна порака:„Во секој случај, ова не помага за посакуваното приближување на Македонија кон ЕУ“, вели германскиот министер./крај/дв
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

