Македонија
Државите од балканската рута нема да ги пропуштаат лажните мигранти

Земјите кои се наоѓаат на балканската рута низ којашто минуваат мигрантите нема да дозволуваат влез на лажни мигранти и ќе се воспостават јасни заеднички критериуми кои мигрантите треба да ги исполнуваат за да транзитираат низ рутата.
Директорите на полициите и Шефовите на граничните служби на Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Австрија во средата се сретнаа во Скопје на покана на Бирото за јавна безбедност и разговараа за можните начини за натамошното продлабочување на соработката во управувањето со миграциските текови.„Лицата кои немаат патни документи а со себе носат фалсификувани патни документи или кои имаат погрешни изјави за нивната националност или идентитет нема да им се дозволи влез на границата. Тоа ќе придонесе кон подобра контрола на границите и превенција на злоупотреба на рутата од мигранти на кои не им треба меѓународна заштита и кои сакаат влез во Европа за други цели“, изјави директорот на Бирото за јавна безбедност, Горанчо Савевски.Директорите на полициите во регионот се согласиле дека соработката помеѓу полициските служби на земјите учеснички е добра, но и дека навремената размена на информации за случувањата долж миграциската рута, како и воведувањето на нови мерки и процедури со соодветен рок за имплементација е клучна за избегнување на тензични ситуации на границите долж мигрантската рута и ефикасно управување со миграциските текови како и справувањето со криумчарењето на мигрантите.Ќе се направи стандардизација на регистрацијата на мигрантите што ќе вклучува подготовка на стандардни документи кои треба да се издаваат од сите засегнати страни, внесување на личните податоци добиени преку регистрацијата во националната база на податоци и размената на тие податоци со сите засегнати страни.Распоредувањето на странски полициски службеници на македонско – грчката граница, според македонското МВР, дава позитивни резултати и претставува силна порака дека засегнатите земјите се одлучни заеднички да се справат со миграциската криза. /крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Големиот пожар кај струшко Октиси ставен под контрола

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, се присутни на терен кај селото Октиси, каде што беше активен голем пожар.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот, иако имал големи размери, е ставен под контрола, но на одредени места сè уште има чадења кои се внимателно следени од екипите на терен.
Во гаснењето дејствува и авион „Ер трактор“ од ДЗС, кој интервенира од воздух, како и шестмина пожарникари и едно противпожарно возило од ТППЕ – Струга, 10 лица од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, две возила „Пинцгауер“ од ДЗС и локални жители.
„Благодарение на навремената интервенција, координацијата на сите служби и несебичната помош на локалното население, спречено е ширење на пожарот кон населени места“, велат од ЦУК.
Македонија
Поради пожар, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила на граничните премини.
На ГП Табановце, времето на чекање за влез и излез од државата изнесува околу 15-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре и за време на викендот сончево време

Времето утре ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево време со умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во првите два дена од новата седмица времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за локално невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.