Култура
Италија ќе прима донации за обнова на спомениците, се стравува од комерцијализација

Италијанската влада поради тешката економска ситуација е принудена да прима донации од приватни компании за обнова на спомениците на културата кои се повеќе пропаѓаат, што од друга страна во Италија предизвика страв од „дизнификација“ на нивното културно наследство, посебно тоа во Рим.
Бидејќи Италијанците тагуваат поради состојбата на нивните споменици, модните гуруа изразија подготвеност да дадат милиони ера за потребната реставрација, во замена за различни спонзорски права. Обновата на „Колосеумот“, на пример, ја спонзорира луксузниот бренд „Тодс“.
Во Италија се води расправа за комерцијализацијата на историјата поради прифаќањето на приватни пари за спасување на некои од најпознатите реликвии од античкиот свет.
Италијанците сакаат да го избегнат американскиот стил на „ребрендирање“, за да избегнат во иднина спомениците да се викаат „Прада Помпеја“ или „Кривата кула Гучи“.
Поради ова, италијанската влада ги избегнуваше приватните донации за одржување и реновирање, но поради економските тешкотии сега е приморана да ги прифати. Сите се согласуваат дека треба нешто да се направи со културното наследство бидејќи загадувањето е големо, а во некои случаи дошло и до распаѓање, така да голем број на места се загрозени.
Погодени од ерозија, паднаа камените листови од фонтаната Ди Треви, а оригиналната боја, слонова коска, на Колосеумот, потемнела од издувните гасови на автомобилите.
Иако со реставрацијата многумина би можеле да добијат работа, граѓаните велат дека Италија во потрага по спонзорства, би можела да ја продаде својата душа. Некои фирми за својот придонес ќе добијат дискретни признанија во близина на спомениците, кои би можеле да изгледаат како модни додатоци на знаменитостите.
Претседателот на Стопанската комора на Рим, Џанкарло Кремонеси предупреди дека
Рим е на работ на пропаста поради долготрајното запоставување на знаменитостите на градот, имиграционата криза и корупцијата.
Кромонеси истакна дека не е само културното наследство во опасност, проблем е и управата на градот која е корумпирана, со слаба економија и со лоша јавна администрација.
Рим по квалитет на јавната администрација, според истражувањето на Европската комисија од 2013 година, падна на крајот на листата на престолнини во ЕУ. Градоначалникот на Рим, Игнасио Марино истакна дека безуспешно се обидел да воведе длабоки и радикални реформи.
Минатата година беше откриен скандалозен случај на корупција во градот, кога беше утврдено дека локални политичари во соработка со криминални кланови краделе пари од комунални служби./крај/мф
Извор: Tanjug
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сашко Мицевски e новиот директор на Агенцијата за филм

Владата го именува Сашко Мицевски за нов директор на Агенцијата за филм.
Тој доаѓа на местото на Вероника Бучковска, која беше именувана на 17 декември минатата година.
Мицевски на оваа позиција доаѓа од филмската бранша, а во текот на годините работеше како филмски и ТВ-монтажер и дизајнер на звук. Студирал филмска и ТВ-монтажа на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а во 2015 година како добитник на стипендија од Министерството за образование и наука заминува на постдипломски студии на престижната National Film and Television School во Англија, каде што учи од етаблирани професионалци, како Graham V. Hartstone (Blade Runner, Aliens), Andy Kennedy (The Crown, Game of Thrones, Harry Potter) и Roger Deakins (Sicario, Skyfall, „1917“) и работи на филмови прикажани на реномирани меѓународни фестивали.
Неговото професионално искуство опфаќа работа во Англија на проекти за Би-би-си и филмови во продукција на Pinewood Studios (Sherlock Gnomes, Mowgli, Fantastic Beasts: The Crimes of Grindelwald и Birdbox), како и авторски ангажмани во постпродукција на македонски аудиовизуелни дела, меѓу кои и ТВ-сериите „Преспав“ и „Куќен притвор“.
Добитник е на многубројни награди, меѓу кои награда од Royal Television Society и номинација за Daytime Emmy.
Во 2020 година со сопствени средства го обновува тонското студио на НУФЦ „Вардар филм“, а од истата година е и член на Филмскиот совет на Агенцијата за филм.
Култура
„Вечер на шлагери“ на Скопско лето 2025

На 22 јуни, недела, во рамки на 46. издание на фестивалот „Скопско лето“ ќе се одржи концерт „Вечер на шлагери“ – 20 години СПОНА, со почеток во 20:30 часот на Платото пред Македонскиот народен театар.
Диригент ќе биде Иван Еминовиќ, а водител на настанот Вера Јанковиќ.
На сцената ќе настапат Оркестарот на „Полифонија“, а изведувачи се Денис Димоски, Оливер Њего, Васко Здравков, Андријана Јаневска, Вера Јанковиќ, Теа Пејиќ, Ана Петановска, Маја Г. Панчева и Александар Тарабунов.
Култура
Отворање на Скопско лето 2025

На 21 јуни, сабота – првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката – ќе се отвори 46. издание на фестивалот „Скопско лето“.
Во 19 часот во Музеј на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ на нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски.
Трагајќи по топосите на источноевропската авангарда, авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија. Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первентираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па сè до денес. Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“ рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери. Утопија среде антиутопија, вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена, а собраните средства ќе бидат донирани на Здружението за заштита на животните „Anima Mundi“.
Во 20:30 часот во Салата на Македонската Филхармонија ќе се одржи концерт насловен „Мостови на музиката: Софија – Скопје“. На сцената ќе настапат Академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија – Софија, како и млади диригенти и музички уметници од Македонија и Бугарија.
Диригенти: Ана Спасовска и Николаи Хилендаров
Солисти: Јана Каевска – флејта, Марија Магдалена Желјазгова – флејта, Санја Јович Джорджевич – виолина, Тодор Иванов – виолончело, Искра Атанасова – Митуш – пијано и Николај Маринов – пијано.
На концертот ќе бидат изведени дела од А. Вивалди, В.А. Моцарт, Ф. Лист, П.И. Чајковски.
Една сцена. два града, еден заеднички јазик – музиката. Концерт што го слави музичкото пријателство и креативната соработка меѓу млади уметници од регионот. Очекувајте вечер исполнета со енергија, инспирација и уметност без граници!
Влезот е слободен.