Македонија
ДИК го усвои роковникот за предизборниот период

Државната изборна комисија (ДИК) го усвои роковникот за предизборниот период, но без членовите на СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, за кои не се знае дали си дале оставка или има друга причина за нивното отсуство.
Претседателот Александар Чичаковски кој вчера заедно со Дума и Милев ја напушти седницата за 24 вести вели дека неговото присуство на седницата не значи дека го сменил мислењето дека Избирачкиот список е чист за одржување на избори туку само присуствувал за нејзино техничко одржување.
Инаку Државната изборна комисија одлучи, Избирачкиот список јавно ќе биде одјавен на 25 април во рок од 15 дена.
Партиите пак кандидатските листи ќе треба да ги заклучат на 11 мај за веќе од 16 да започне изборната кампања. Крајниот избирачки список треба да биде готов на 19 мај. Инаку ДИК побара Министерството за информатичко општество да достави податоци за административните работници кои ќе бидат избрани во општинските комисии, а од МНР побара список на персонал кои ќе го спроведат изборниот процес во дијаспората, од Министерството за внатрешни пак побараа да достават материјали за сомнителни гласачи, додека пак од МВР велат дека нема доволно време до 5 јуни да се проверат сите податоци кои од нив ги побарала ДИК и велат дека има огромна разлика во некои бројки, па на пример од 71 илјади сомнителни гласачи, 18 илјади никогаш од министерството не побарале издавање на лични документи. Досега, над 300.000 граѓани беа предмет на теренска и административна проверка, а ДИК дополнителна побара проверка на 30.000 граѓани. Со сигурност од избирачкиот список се бришат само 1.135 лица кои се починати.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски побара од НАТО, ОБСЕ и Европската унија да учествуваат во набљудувањето на изборите./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Притвор за седумте полициски функционери поради издавање на согласност за дискотеката во Кочани

Определен е 30-дневен притвор за седумте службени лица од Штип и Кочани, кои се осомничени за тешки дела против општата сигурност, а во врска со издавањето на согласности за функционирање на диско клубот „Пулс“ во Кочани каде се случи пожарот во кој 59 лица го загубија животот, а околу 200 луѓе се здобија со тешки телесни повреди.
Од Кривичниот суд попладнево информираа дека притворот е определен поради опасност од бегство, околности кои укажуваат дека ќе ја попречат истрагата со влијание врз сведоци и околности кои укажуваат дека може да го повторат делото.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет. Со почит, Основен кривичен суд Скопје.
Македонија
Погребот во Кочани без дронови, новинарите во посебна зона на 300 метри од влезот на капелата

Владата во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), како и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од трагичниот настан што се случи на 16 март во Кочани.
За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови).
Овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.
Имајќи ја предвид чувствителноста на оваа трагедија и универзалните етички стандарди за професионално известување, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи:
Почитување на личната болка и достоинството – Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите.
Избегнување на сензационализам – Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа.
Објавување на проверени информации – Треба да се пренесуваат потврдени факти за да се спречат дезинформации.
Зачувување на баланс и непристрасност – Медиумите треба да се осигураат дека нивното известување не придонесува за јавна вознемиреност.
Меѓународната федерација на новинари (IFJ) во своето соопштение од 18 март за оваа трагедија, исто така ја истакна важноста на етичкото известување. Глобалната повелба за етика на IFJ ја подвлекува должноста на новинарите да го почитуваат достоинството на луѓето и да ја стават точноста над брзината при пренесувањето на вестите од овој трагичен настан.
Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе ПРЕСС обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи.
Македонија
Андовски и Муцунски во посета на болниците во Белград каде што се хоспитализитани повредени од трагедијата во Кочани

Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, ги посетија Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) и Клиничкиот центар во Белград.
Во рамки на посетите, тие остварија средба со директорите и медицинските тимови, при што одблиску се запознаа со здравствената состојба на пациентите и условите во кои се лекуваат.
Во ВМЦ се хоспитализирани 10 пациенти, од кои 6 се на одделот за интензивна нега, а 4 на одделот за пластична хирургија.
Во Клиничкиот центар во Белград се хоспитализирани 17 пациенти.
Дополнително, претставниците остварија средба со родителите и роднините на пациентите, при што ја пренесоа поддршката од страна на државата и ги уверија дека институциите остануваат посветени на обезбедување соодветна помош.
„Во овој тежок период, секој збор на охрабрување и секоја форма на поддршка се од непроценливо значење за семејствата што се соочуваат со предизвици. Голема благодарност до медицинските тимови на ВМЦ и Клиничкиот центар во Белград за нивната професионална грижа, посветеност, несебичен ангажман и хуманост во грижата за нашите пациенти“, велат од Министерството за здравство.