Економија
Македонија со поддршка за Украина за нормализирање на економската состојба
Македонија го поддржува процесот на реформи за нормализирање на економската состојба во украинското општество, порача македонскиот вицепремиер за економски прaшања, Владимир Пешевски, во своето обраќање на „Меѓународната конференција за поддршка на Украина“ која се одржа во вторникот во Олимпискиот национален спортски комплекс во Киев.
Пешевски притоа рече дека потполно ја разбира моменталната политичка и економска ситуација во Украина и дека меѓународната поддршка во оваа фаза е особено значајна, но она што е позначајно е владата на Украина да ги преземе работите во свои раце и што е можно побрзо да изнајде решение за излез од економската криза.
Македонија во последните шест години има одлични економски резултати по спроведените реформи и дека за разлика од 2007 година, кога Македонија беше рангирана на 96 место од Светската банка, денес во 2015 година таа е рангирана на 30 место, што е подобро од повеќе од половината земји членки на Европската унија, рече Пешевски. Во истиот тој период туризмот бележи двоен раст, инвестициите и извозот на стоки се зголемени тројно, а конкурентноста на економијата само во 2014 година во однос на претходната година е подобрена за 10 позиции.
Зборувајќи за искуството од Македонија, вицепремиерот Пешевски, истакна дека вистинските реформи во Украина мора да ги рефлектираат потребите на граѓаните и позитивно да влијаат на животот на луѓето, но и на подобрување на условите за водење бизнис и за привлекување на странски инвестиции во земјата.
„Реформите во Украина мора да се координираат и спороведуваат директно од Владата на Украина, користејќи ги искуствата, пред сé, од домашните експерти, а политичкиот врв мора да биде подготвен на напорна работа, посветеност и одрекувања, со цел брзо изнаоѓање на најсоодветно решение за излегување од кризата“, истакна вицепремиерот Пешевски.
Тој го заврши своето излагање нагласувајќи ја поддршката која Македонија и ја нуди на Украина, истовремено потенцирајќи ја отвореноста и подготвеноста на владата на Македонија за споделување на своите искуства во процесот на реформи на Украина.
Целта на оваа Конференција е координацијата на меѓународната поддршка кон Украина и обезбедување на стабилен проток на информации помеѓу украинската администрација и земјите кои обезбедуват помош и поддршка.
За време на Конференцијата се дискутираа теми кои се однесуваат на постконфликтното обновување на источна Украина, бизнис климата и инвестициските можности во Украина, аграрните политики и реформите во оваа област, како и енергетска ефикасност.
На Конференцијата присуствуваа над 270 меѓународни претставници од органите на државната управа од 56 земји.
Конференцијата е организирана од Европската комисија и владата на Украина. На конференцијата свои излагања имаа претседателот на Украина, Петро Порошенко, Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, украинскиот премиер Арсениј Јатсенук, и неговиот летонски колеги Лаимдота Страујума, и Јоханес Хан, еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, и американскиот потпретседател Џозеф Бајден, како и други високи официјални лица./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од 1 декември поскапува парното: сметките повисоки за околу 130 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми за дел од потрошувачите.
Според одлуката, за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – цената се зголемува во просек за 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е во просек 7,6%, а за корисниците на Скопје Север – Енерџи Еко Линк во просек 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за 130 денари – од 2.200 денари на 2.330 денари“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека во следниот период е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа. Според него, овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување и ќе овозможат проширување на мрежата, што би довело до зголемување на конзумот.
Бислимоски повтори дека греењето на парно и понатаму е најекономично, додавајќи дека анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи се вратат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%.
Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.

