Македонија
ИЈЗ: Мерките против аерозагадувањето треба да се насочени кон изворите

Миење улици со хемикалии за да се намали аерозагадувањето е парцијална мерка, која е насочена кон последиците, а не кон изворот на загадувањето. Се додека така се решава овој проблем, секоја година ќе ни се повторува загаденоста, предупреди проф.д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Република Македонија.
Аерозагадувањето не влијае само на респираторниот и на кардиоваскуларниот систем, туку и на сите органи во организмот, а не постои орган кој не е загрозен од овие токсични честички. Во Македонија поради последиците од аерозагадувањето годишно умираат 1.050 до 1.060 луѓе. Околу 30 до 40 отсто има зголемување на заболувањата пред се на белодробниот и на кардиоваскуларниот систем во текот на овој зимски период, прецизираше Ѓорѓев.Болниците се преполни, а допрва ќе бидат уште пополни, затоа што таквото зголемување ги оптоварува сите сегменти на здравствениот систем почнувајќи од амбулантните возила, амбулантните установи, болниците и нивните служби за итна медицинска помош.. „Најновата бројка денеска од мониторинг системот е дека и минатите пет дена имавме континуитет на концентрации над дозволените највисоки во Тетово до 350 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, Скопје до 260 микрограми, Битола до 150 микрограми“, рече Ѓорѓев.Оваа состојба ја нарече психотична бидејќи ова е еден тип на еко психоза познат кога има голем токсичен период, а нема излез бидејќи воздухот не можеме да го смениме.„Десетина дена сме во период кога најголем дел од 17 мерни станици во државата покажуваат концентрации на честички од 10 микрони, па и од 2,5 микрони, далеку над дозволеното ниво. Има миење улици со хемикалии-тоа е парцијална мерка која е насочена кон последицата, а не кон причината. Мерките мора да се насочат кон изворите и додека примарно не ги насочиме кон изворите ова ќе се повторува секоја година“, рече Ѓорѓев.Тој рече дека идната недела на состанокот на интерсекторската група ќе расправаат и за алармни нивоа не како што е сега просекот пет дена да биде над 50 микрограми континуирано, туку и на два дена кога ќе се зголемат концентрациите на 152 и 200 микрограми на метар кубен, кои кажуваат дека состојбата е алармантна.Како причините за аерозагадување според ИЈЗ се нерационалното користење на возилата, староста и бројот на возилата, несоодветни типови горива за греење, непроверени инсталации во тие системи за греење…Некои од препораките кои се прават во некои од европските земји се затворање јавни објекти, пред се училишта и детски градинки за што ќе расправаат идната недела кога ќе се осврнат на новите алармни нивоа.„Мерките покрај тоа што се индивидуални се препорачува на отворен простор што помалку да се престојува, физичка активност да се прекине во вакви услови, активност на надворешен простор да се ограничи. Има и препораки да се носат маски во индустрии каде е загрозен белодробниот систем. Во последните пет шест години 60.000 нови возила се дојдени во Македонија и има околу 400.000 возила од кои огромен број се со категорија на пречистување која во ниту една европска земја не би биле примени“, рече Ѓорѓев.Според него, пушењето и издувните гасови од системите за греење се два главни загадувачи на внатрешниот воздух./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев во посета на ГП Дојран: Времето на чекање е намалено на половина

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денес беше во работна посета на граничниот премин Стар Дојран, каде што пренесе порака дека нашата држава се грижи, инвестира и одлучно стои на секој чекор од својата граница.
„Со отворањето две нови ленти за гранична контрола пред 2 месеца, овозможуваме побрз и поефикасен влез и излез за над 35.000 патници неделно, од кои повеќе од 21.000 се странски државјани. Брзината е зголемена, а времето на чекање намалено за половина. Ова не е само логистика – ова е безбедност, гостопримство и државничка грижа на дело! Особено се гордеам што по долга пауза, повторно е воспоставена граничната патрола по Дојранското Езеро. Тоа е доказ дека нема да дозволиме ниедна точка од нашата граница да остане незаштитена – ниту на копно ниту на вода“, рече Јанев при посетата.
Посетата беше и можност директорот да изврши увид врз донираната техничка опрема и возилата од страна на Сојузната германска полиција и потенцира дека таквата поддршка ни значи многу.
„Германските партнери преку опрема, дигитални алатки и заеднички обуки ја зајакнуваат нашата гранична полиција да биде уште поефикасна во откривање и спречување на прекуграничниот криминал. Ова е патот напред, патриотизам на дело, партнерства во пракса, безбедност за секој граѓанин и бескомпромисна борба против криминалот“, рече Јанев.
Македонија
Мисајловски: АРМ минува низ досега најинтензивен процес на модернизација и опремување

На маргините на саемот за воена индстрија во Истанбул – IDEF 25, министерот за одбрана Владо Мисајловски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се сретна со министерот за национална одбрана на Република Турција, Јашар Ѓулер.
На средбата беше истакната долгогодишната активна одбранбена соработка базирана на заедничката визија за одржување на стабилноста и безбедноста на регионот и развојот на двете земји.
На средбата е заклучено дека двете земји продолжуваат да го јакнат партнерството преку размена на знаење и стручност во сите области.
Министерот Мисајловски се осврна и на последната нова и софистицирана опрема која стана дел од арсеналот на Армијата – хаубиците „Боран“ од турско производство кои се дел од декларираната артилериска батерија на Лесната пешадиска баталјонска група, при што истакна дека „македонската Армија е убедена во квалитетот на турската воена индустрија “ и упати благодарност за континуираната поддршка од страна на Турција особено во развојот на армиските капацитети.
„Македонската Армија минува низ досега најинтензивен процес на модернизација и опремување, што несомнено е инвестиција во безбедноста на македонските граѓани. Посилна Армија значи и посигурна и побезбедна колективна одбрана во НАТО“, рече министерот.
Вчеравечер, во рамки на посетата на Турција и учеството на саемот за воена индустрија IDEF 25, министерот Мисајловски се сретна и со претседателот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун со кого разговараше за развојот на воената индустрија и потребата од зголемени инвестиции во оваа област, како начин за зацврстување на безбедноста на сојузниците.
Турската воена индустрија е од интерес за македонската одбрана, особено имајќи предвид дека Армијата веќе се опреми со шест нови хаубици 105mm и придружна опрема од компаниите „Боран“ и „Аселасан“ кои неодамна беа промовирани на македонската јавност.
Македонија
Состојбата на Гаши е стабилна, соопштија од неговиот кабинет

Здравствената состојба на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е стабилна, информираат од неговиот кабинет.
„Во врска со информациите објавени во медиумите за здравствената состојба на претседателот на Собранието на Северна Македонија, г. Африм Гаши, ја информираме јавноста дека тој вчера беше хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија. Здравствената состојба на г. Гаши е стабилна, а во моментот се вршат детаљни лекарски прегледи“, велат од Собранието.
Од таму додаваат дека сите понатамошни информации ќе бидат навремено доставени до јавноста од надлежните институции.
Гаши бил примен во болница синоќа нешто по полноќ, со сериозни болки и тегоби во стомачната регија.