Македонија
Груевски нема намера да ја отстапи лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски кусо демантираше во вторникот дека ќе ја отстапи својата позиција и дека размислува за свој наследник.
Додека во вторник одеше на средба со неколку градоначалници од редовите на владејачката партија во порта „Македонија“, Груевски на новинарските прашања дали се подготвува да ја отстапи лидерската партиска позиција, дали се бира нов претсетадел и дали ќе застане да даде изјава, трипати одговори: „Не“.Во јавноста, по назначувањето на Никола Тодоров и Никола Попоски за нови вицепремиери, се шпекулира дека еден од нив би можел да го наследи Груевски на челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ, но дека „водите му ги мати“, поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој не многу помпезно, но сепак се зближувал со членството на терен.Пред половина година Груевски се повлече од премиерската функција, како дел од договорот од Пржино, а нов премиер стана Емил Димитриев, кој најпрво требаше да гарантира фер и демократски избори, а по одложувањето на изборите продолжи на функцијата регуларно.Сепак, и покрај повлекувањето од премиерската функција, опозицијата и натаму критикува дека токму Груевски продолжува да ги влече клучните потези во Владата. Во вторник во попладневните часови, во резиденцијата на Европската унија се одржува средба на претставници на четирите партии потписнички на договорот од Пржино, каде се договараат начините за прочистување на избирачкиот список, а се бара и решение за намалување на притисокот на власта во медиумите, нешто на што предупредува опозицијата подолго време.Деновиве интензивно се водат вакви преговори, но нема некој конкретен напредок, ниту најава за лидерска средба на која би се дефинирале решенијата за излез од предолгата политичка криза. За да се придвижат работите, изминатите месеци повеќепати во македонија доаѓаа еврокомесарот Јоханес Хан, потоа германскиот претставник Јоханес Хајндл, а во куса посета во понеделникот беше и помошникот државен секретар од САД, Викторија Нуланд, која одделно се сретна со лидерите на четирите партии, како и со претставници на граѓанскиот сектор и новинарите, по кои побара брза разврска на политичката криза и јасна насока за одржување на слободни и фер избори./крај/мф/бб
Извор: Илустрација
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓански организации за борба против корупцијата бараат итно донесување на Законт за заштита на укажувачи
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара итно донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачи.
„Платформата на граѓански организации за борбата против корупцијата изразува сериозна загриженост поради бавниот процес на донесување на Предлогот на Закон за заштита на укажувачи. Иако Платформата активно учествуваше во работната група формирана од Министерството за правда и беа одржани 15 состаноци и две јавни дебати уште во декември 2023 година, процесот и понатаму неоправдано доцни“, се наведува во соопштението.
Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија нотира дека Законот за заштита на укажувачите сè уште треба дополнително да се усогласи со ЕУ acquis и да обезбеди соодветни механизми за спроведување. Се предупредува дека индивидуите кои пријавуваат неправилности може да се соочат со вознемирување, отказ или други последици, што ја поткопува ефективноста на Законот. Според Платофмрата, ова укажува на сериозната потреба од итно донесување на Предлогот на Закон кој е подготвен, но две години не е во процедура за донесување.
„Сметаме дека со носењето на вакво законско решение, со кое се подобрува статусот и заштитата на укажувачите како вредна алатка против корупцијата, ќе се пристапи кон подобрување и функционирање на уште еден механизам во борбата против корупцијата, а за што креаторите на политики и носителите на јавни функции искажуваат недвосмислена заложба“, се наведува во соопштението.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата каде се отфрлаат и поништуваат сите аранжмани и политики на владата на Заев поврзани со мигрантите
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците од коалицијата, поднесе до Собранието на Република Македонија, Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради ширењето страв и паника кај населението, од страна на СДС и грубата политичка пропаганда од страна на опозицијата, со конструкции лаги и измислици во однос на измислената тема од страна на СДС за мигрантите, ВМРО-ДПМНЕ поднесе Резолуција со која се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
Со Резолуцијата се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
Со Резолуцијата се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада на Зоран Заев, поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
Воедно се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
Со Резолуцијата се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
Со оваа Резолуција се потврдува дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста и сигурноста на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

