Македонија
За 24 часа издадени потврди на 1.661 мигрант
Во средата од страна на Министерството за внатрешни работи биле издадени потврди за влез во земјата на вкупно 1.661 странски државјани, од кои 736 се од машки пол, 308 се од женски, 503 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 114 деца кои патуваат без родител. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 842, Авганистан – 582, Ирак – 237.
Во периодот од 19-ти јуни до 25-ти ноември издадени се потврди на вкупно 281.575 странски државјани, од кои, 163.571 се од машки пол, 43.697 се од женски, 59.220 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 15.087 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 169.838, потоа Авганистан – 65.388, Ирак – 24.916, Иран – 6.231, Пакистан – 5.416, Палестина – 2.158, Сомалија – 1.276, Бангладеш – 1.253, Мароко – 1.311, Конго – 514, Либан – 434, Алжир-453, Нигерија – 277, додека останатите се во помал број.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 25-ти ноември, до Секторот за азил се поднесени 80 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 53 барања се од државјани на Сирија, од нив 17 за деца, потоа 13 барања од државјани на Авганистан со нив се и 14 деца кои го придружуваат родителот, три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Либан, Палестина, Алжир и Ирак (четири од барањата се за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 25-ти ноември евидентирани се вкупно шеснаесет баратели на азил од кои пет баратели на азил се мажи, две барателки на азил се жени, осум баратели на азил се малолетни лица со придружба на старател и еден барател на азил е малолетник без придружба на старател. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита, десет баратели на азил (две малолетни лица со придружба на старател, шест малолетни лица без придружба на старател и двајца мажи) се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Доделени 138 стипендии во науката, спортот, културата и социјалната поддршка
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска додели 8 стипендии за ученици кои доаѓаат од социјално загрозени семејства.
„Секое дете заслужува еднаква шанса. Продолжете да учите, да се трудите и да ги следите своите соништа. Успехот доаѓа кога веруваме во себе и кога не се откажуваме,“ порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Со ова, вкупниот број на доделени стипендии во учебната 2025/2026 година достигна 138, во области на наука, спорт, култура и социјална поддршка.
Македонија
Мицкоски: ФЗО беше институција со сериозно разнишан кредибилитет, преку реформи ја претвораме во стабилна институција
Фондот за здравствено осигурување беше институција со сериозно разнишан кредибилитет, преку реформи и правилни политики ја претвораме во стабилна и модерна институција, изјави премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 25-годишниот јубилеј на ФЗО.
„Оваа институција во минатото имаше сериозно разнишан кредибилитет. Граѓаните гледаа директори со пари, непресметани расходи, нетранспарентни одлуки и систем кој повеќе личеше на поле за лични привилегии отколку на сервис на граѓаните. Тоа создаде недоверба, сомнеж и разочарување. Но денес тоа не е случај. Денес ФЗО функционира со јасни правила, силни механизми на контрола, со транспарентно управување и со ревидирани процедури. Денес ФЗО е институција која го врати својот интегритет на единствениот начин на кој тоа е можно – со работа, со ред, со дисциплина и со јасна одговорност. И морам да кажам дека Сашо Клековски заврши одлична работа“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека кога дошле на власт, затекнале здравствен систем во целосна деградација: со дефицит на кадар, со нефункционални установи, недоволна опрема, долги листи на чекање и сериозно нарушена доверба кај пациентите.
„Наместо тоа да биде изговор, ние го претворивме во мотив. Во изминатата година и половина Владата на Република Македонија покажа што значи вистинска посветеност кон јавното здравство. Од првиот ден тргнавме со јасна цел: да го обновиме, модернизираме и хуманизираме здравствениот систем“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека власта ја води најсилната кадровска политика во последната деценија. „Во изминатиот период 1.500 договорци добија можност да преминат на сигурни работни места. Имаме 600 нови специјализанти, од кои 300 веќе се вработени. И потпишавме долгорочен договор за раст на платите во јавното здравство секоја година до 2028 година. Ова не е трошок – ова е инвестиција во срцето на здравството, во луѓето“, рече Мицкоски.
Дополнително, додаде тој, Владата обезбеди историски најголем буџет за ФЗО до сега – 53 милијарди денари. „Тоа овозможи 33% зголемување на капитацијата за општите лекари и гинеколозите, 23% зголемување за стоматолозите, 17% кумулативен раст на платите во јавното здравство од кои 9.5% е реален раст, и 107% зголемување на условениот надоместок за нови иновативни лекови. Ова не се бројки на хартија. Ова се бројки што ја менуваат реалноста на пациентите, на здравствените работници и на целиот систем“, рече премиерот.
Македонија
Општина Ѓорче Петров одбележа 81 година од ослободувањето
Со пригодна свеченост во реонскиот парк, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 14 ноември – Денот на ослободувањето на општината, ден кога пред точно 81 година слободата го пронашла својот пат и го означила почетокот на новото поглавје во историјата на оваа заедница.
На настанот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, членови на делегации, советници, вработени во општината и бројни граѓани, кои со пиетет се потсетија на храброста и жртвата на борците кои ја донеле слободата.
Во своето обраќање, градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека 14 ноември е ден на гордост, благодарност и обврска кон минатото и иднината.
-Ова е денот кога слободата го пронајде својот пат и ја запечати судбината на ова место како симбол на отпор и достоинство. Нашата должност е нивната жртва да не се заборави, нивните имиња да останат врежани во колективната меморија, а нивниот дух да не води и во современите времиња – рече Стојкоски.
Тој додаде дека современо Ѓорче Петров денес е општина на развој и можности.
-Денес Ѓорче Петров е симбол на развој, на нови можности, на заедништво и човечка срдечност. Го градиме како современа и просперитетна општина, каде што секој граѓанин има право на достоинствен живот, безбедност и квалитетна инфраструктура – нагласи Стојкоски.
Градоначалникот потенцираше и дека љубовта кон татковината не се мери со зборови, туку со дела.
-Љубовта кон својата земја се покажува со секојдневна посветеност, со секое засадено дрво, секоја изградена улица, училиште, градинка и секој проект што го подобрува животот на граѓаните. Слободата не се подарува – таа се заслужува, се брани и се гради секојдневно – подвлече Стојкоски во своето обраќање пред присутните.

