Економија
Францускиот економист Пикети го одби одликувањето Легија на честа
Реномираниот француски економист од левицата Тома Пикети чијашто книга „Капиталот во XXI век“ стана светски бестселер, го одби во четвртокот одликувањето Легија на честа, највисоката почест во Франција, критизирајќи ги владејачките социјалисти.
„Само што бев известен дека сум предложен за Легија на честа. Го одбивам тоа номинирање, бидејќи мислам дека не е работа на владата да одлучува кој го заслужува тоа. Подобро им е да се занимаваат со поттикнување на растот во Франција и во Европа“, изјавил Тома Пикети за AFP.
Пикети, заедно со колегата Жан Тироле, добитник на Нобеловата награда за економија во 2014 година, е меѓу лицата на коишто им се доделува орденот Легија на честа, се наведува во францускиот Службен весник кој го објавува списокот „унапредувања од 1-ви јануари“.
Одбивањето на највисокото француско признание од страна на Пикети доаѓа откако неговото дело, во коешто прави обид да покаже дека постои спонтано тежнеење кон трупањето богатство кај мал број луѓе, е продадено досега во повеќе од 1,5 милиони примероци.
Споменатото дело, коешто е преведено на многу светски јазици, наиде на особен одек во САД, каде што авторот беше примен од советниците на претседателот Барак Обама.
Во Франција, пак, и покрај добрата продажба, книгата наиде на млак прием од јавност, во прв ред од владејачката гарнитура.
Пикети, којшто своевремено беше близок на социјалистите, редовно ја критикува политиката на нивниот челник и актуелниот француски претседател Франсоа Оланд. Неми првенствено му го забележува тоа што по изборот во 2012 година го погазил ветувањето дадено во предизборната кампања за спроведување коренита даночна реформа во смисла на поголемо прогресивно оданочување, за што овој економист жестоко се залага./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

