Македонија
Анкета: Власта има поголема контрола врз Собранието отколку што Собранието ја контролира Владата

Перцепцијата на граѓаните е дека извршната власт има поголема контрола врз Собранието отколку што Собранието ја контролира Владата, според својата уставна надлежност, покажуваат резултатите од теренската анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Македонија што на направи Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје.
За 57 отсто од анкетираните контролата на Владата врз Собранието е голема или соодветна, а за 55 отсто Собранието има мала или нема никаква контрола врз извршната власт.Повеќе од половината од граѓаните (55 отсто) сметаат дека законите во Македонија се менуваат често или премногу често. Вработените во приватниот сектор најчесто одговараат (59 отсто) дека законите се менуваат премногу често.Kако најважни функции на Собранието ги оценуваат надгледувањето на трошењето на Буџетот, носењето на што е можно поквалитетни закони и да се грижи како се спроведуваат законите. Како најмалку важна функција го оценија носењето на што поголем број на закони и законски измени.Над две третини од испитаните граѓани сметаат дека пратениците во Собранието секогаш ги застапуваат интересите на нивните политички партии и своите лични интереси. Половина од испитаниците сметаат дека пратениците секогаш застапуваат бизнис интереси. Околу 53 отсто од анкетираните сметаат дека пратениците само понекогаш ги застапуваат интересите на граѓаните.За 56 отсто од испитаниците Собранието е целосно или делумно затворено за учество на јавноста во неговата работа. За 46 отсто пратениците се затворени за забелешките на јавноста и граѓанските организации при изработката на законите. Околу 42 отсто сметаат дека во некоја мера се земаат предвид овие забелешки.За повеќе од една третина (38 отсто) од испитаниците имињата на пратениците од нивната изборна единица/општина/регион беа непознати. Околу 47 отсто одговорија дека пратеникот од нивниот регион не е достапен за средби со граѓаните, а само 29 отстапен дека е достапен.Според 62 отсто владеачкото мнозинство воопшто или во најголем дел не ги зема предвид арументите на опозицијата при носењето на одлуките.Испитаниците сметаат дека пратеничките прашања се користат за рекламирање на Владата (60 отсто) и за критикување на Владата и другите институции (52 отсто). За 50 отсто пратеничките прашања се корисни за полагање отчет на институциите, а за 44 отсто се корисни за информирање на граѓаните за работата на Владата.Испитаниците се поделени околу впечатокот дали овој инструмент има влијание врз обезбедувањето одговорност на институциите. Еднаков дел од нив се согласуваат (45 отсто) и не се согласуваат (45 отсто).Односот меѓу пратениците во Собранието, анкетираните најчесто го опишуваат како непријателски (42 отсто), а потоа како напреварувачки (27 отсто). Мнозинство од испитаниците (56 отсто) сметаат дека Собранието има некакво влијание врз квалитетот на законите.Околу 61 отсто имаат впечаток дека пратениците на собраниските седници користат говор со кој ги омаловажуваат и деградираат своите политички противници. Перцепцијата на 72 отсто е дека пратениците во Собранието се целосно зависни од волјата на лидерите на политичките партии.Околу 51 отсто сметаат дека доволен дел од пратениците имаат минимално потребно знаење за да може да носат одлуки во име на граѓаните, 78 отсто од испитаните не знаат како можат самите да се вклучат во иницирањето или носењето на законите, а 64 отсто сакаат здруженијата на граѓани да бидат повеќе вклучени во работата на Собранието.Повеќе од половината од испитаниците (54 отсто) сметаат дека политичката криза требаше да се разрешува во Собранието наместо со лидерски преговори во Пржино.Интернетот е главен извор на информации за Парламентот за граѓаните на од 18 до 34 години. Телевизијата за доминантен дел од граѓаните од 35 до над 75 годишна возраст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска за одењето во Здравство: Ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, втор ден резервирано одвара на прашањата дали ќе стане министерка за здравство, иако албанскиот партнер во Владата јавно зборуваше за размена на ресори со ВМРО-ДПМНЕ по излегувањето од владината коалиција на Алијанса за Албанците. Денес на на поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во подрачен објект на ОУ „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче, Општина Аеродром Јаневска кажа дека за тоа ќе одлучат премиерот и преговарачкиот тим, а Премиерот, пак, побара трпение за измените.
„Оваа држава има премиер, претпоставувам дека има и преговарачки тимови. Јас ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене“, одговори министерката Јаневска на прашањето дали ќе оди на чело на ресорот здравство.
Премиерот, пак, Христијан Мицкоски, рече дека до крајот на оваа недела има настани, ќе патува и во Тирана па за кадровските решенија ќе одлучува следната недела, но синоќа добил овластување од извршниот комитет.
„Народски кажано добив дозвола од Извршниот комитет за номинирање нови имиња кои ќе ги заменат имињата на оние кои одлучија да одат во регратките на Али Ахмети и на Демократската унија за интеграција односно луѓето од партијата на господинот Арбен Таравари. Во периодот што следи многу работи ќе бидат појасни. Да бидеме трпеливи и да разговараме, а во тие разговори сигурен сум дека ќе постигнеме договор. Очекувам веќе во следната недела да има повеќе на оваа тема“, рече премиерот Мицкоски.
До следната недела премиерот Мицкоски побара јавноста да почека одговор не само на прашањата за имиња на нови министри туку и на и на прашањето дали министерските места на Алијанса за Албанците ќе бидат дадени на „Вреди“ или ќе ги земе ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Ковачки: Таравари јавно да одговори со што е уценет од СДС и ДУИ

Таравари мора јавно да одговори со што е уценет од криминалното дуо СДС и ДУИ. Таравари дојде на власт со ветување пред граѓаните дека заедно ќе ги испратиме ДУИ во опозиција. Што се случи за само 10 месеци, за Таравари повторно да се врати во прегратките на ДУИ, праша Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Неговото неразумно однесување, вели Ковачки, мора да се должи на уцена и диктат на криминалното дуо, СДС и ДУИ.
„За нештата да бидат појасни, граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината. А таа е следната.
Таравари на состаноците во Владата, никогаш не бил слушнат да зборува за застојот во ЕУ интеграциите, кој се случи благодарение на неговите старо нови партнери, СДС и ДУИ.
Таравари не беше слушнат да говори за тоа дека не биле добро третирани албанските прашања, затоа што и самиот тој многу пати има говорено дека Владата и тоа како се грижи за Албанците.
Во недостаток на факти и аргументи, Таравари своето алиби за напуштање на владината коалиција, го темели на ЕУ интеграциите и на албанските прашања, кои за разлика од порано и тоа како се променети“.
Иако неговите констатации немаат никаква врска со реалноста, Таравари, додава Ковачки, треба јавно да одговори со што е уценет од СДС и од ДУИ?
Праша дали е нешто поврзано со бизнис или некаков друг вид на мотив.
„Таравари докажа дека не е стабилен човек. Таравари сега треба јасно да каже пред граѓаните, како тоа ДУИ за 10 месеци од криминална и корумпирана партија, за него стана правата и вистинска опција“.
Македонија
Документ кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за вистинска поддршка: Петрушевски за предлог-законот на СДСМ за настраданите во Кочани

Најновиот предлог-закон што во Собранието го поднесе опозициската СДСМ – Законот за поддршка на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани – требаше да биде сериозен, одмерен и одговорен обид за системска поддршка. За жал, тој е далеку од тоа, вели пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Најпрвин, како човек, ја изразувам својата најдлабока почит и сочувство кон сите семејства што ги загубија своите најблиски во оваа трагедија. Но како пратеник, имам обврска да проговорам за начинот на кој СДСМ се обидува да ја злоупотреби болката на тие семејства за дневно-политички цели.
Овој предлог-закон е делумно неприменлив, делумно влегува во колизија со сопствените одредби, а делумно се преклопува со постоечки законски права. Сето тоа укажува дека станува збор за документ кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за вистинска поддршка“.
Дополнително, според него, законот експлицитно ги фаворизира настраданите од одредени настани, игнорирајќи други слични трагедии. Со тоа, вели Петрушевски, се воспоставува опасен преседан – правата се темелат на конкретен настан, наместо да се воспостави универзален и праведен систем за сите жртви на несреќи или катастрофи, што го нарушува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред законите.
Нагласува дека продолжува континуираната поддршка од страна на Владата за сите погодени граѓани, како што беше случај, како што рече и веднаш по трагедијата, кога беа преземени сите потребни мерки за покривање на трошоците за лекување и медицински транспорт во странство.
„Во продолжение ги истакнувам клучните слабости на законот:
Член 11 и член 21 предвидуваат различни институции како надлежни за иста постапка – Министерството за здравство, односно Комисијата – што создава правна неусогласеност.
Член 25 остава впечаток дека треба да се формираат повеќе комисии („комисии од наведените несреќи“), што е спротивно на концептот на една, централизирана Комисија утврдена во член 17.
Законот предвидува финансиски надоместоци, без никаква анализа на бројот на корисници, ниту наведен извор на финансирање од соодветна програма во Буџетот. Ова е особено проблематично ако се земе предвид дека со членот 25 законот се проширува и на претходни трагедии.
Предвидените права дуплираат веќе постоечки права од Законот за социјална заштита, Законот за здравствено осигурување и други акти, без обид за нивно усогласување или надградба.
Проширувањето на примената за трагедии од 2019 и 2021 година е ретроактивен потег со спорна правна основа, кој може да предизвика правна несигурност и нееднаквост.
Не се предвидени санкции за институции што ќе постапат неажурно или ќе ги прекршат своите обврски.
Во член 13 не е јасно дали стипендиите важат само за државни универзитети, или и за приватни и странски, што може да резултира со нееднаквост во пристапот до ова право.
Не е дефиниран механизам за утврдување дали некое лице веќе примило поддршка по друг основ, ниту како ќе се пресметува разликата според новиот закон.
Комисијата има прешироки надлежности и значителна дискрециона моќ без јасно утврден надворешен надзор, што отвора простор за бирократизација и евентуални злоупотреби“.
Од сите овие причини, ВМРО-ДПМНЕ, додава Петрушевски, нема да дозволи оваа трагедија да биде злоупотребена за политички маркетинг преку лошо напишани, неусогласени и политички мотивирани закони. „Законот, во ваква форма, нема да добие наша поддршка“.