Македонија
ССК: Половните возила најголеми загадувачи
Главен виновник за загаденоста на воздухот во земјава е увозот на половни возила овозможен во последните пет години со мерката на владата со која им се овозможи на посиромашните граѓани да купат превозни средства, обвини, во петок Сојузот на стопански комори (ССК).
Од таму бараат итно да се воведе еуро 4 стандардот за увоз на половни возила и воведување на регулаторната политика на јагленмоноксид при увоз и регистрација на возила.„Нашата анализа покажа дека најголеми загадувачи не се индустриските објекти и огревното дрво, туку проблемот се лоцира во увозот на половни возила интензивиран во последните 5 години. Овие возила не ги исполнуваат декларираните еуро нормативи и ја зголемуваат емисијата на штетни ПМ 10 честички во воздухот. Тие возила немаат заштитни филтери и катализатори и емитуваат огромна количина штетни честички во воздухот. Овие возила особено во последните 5 години се внесени во голем број, кога и загадувањето на воздухот покажа најголеми размери. Нивната бројка, според податоците од Царинската управа од 2010 до 2015 година, изнесува 191.639 употребувани патнички возила“, изјави извршниот директор на ССК, Митко Алексов.Анализата потврдила дека пред интензивниот увоз на овие возила немало проблем со прекумерна загаденост на воздухот, иако работеле индустриските капацитети, а граѓаните и тогаш користеле огревно дрво за затоплување.„Возилата кои се увезуваат со еуро 3 норматив се стари и по 15 години и истите го исполнувале овој норматив во периодот кога биле нови. Со нивна повеќегодишна експлоатација тие повеќе не го исполнуваат овој норматив – вели Алексов, додавајќи дека ССК бара итно воведување на ЕУРО 4 стандардот за увоз на половни возила и воведување на регулаторна политика за CO2 при увоз и регистрација.Од ССК се повикаа и на студијата „Зелен раст“ на Светска банка која констатира дека доколку Македонија се насочи кон намалување на честичките ПМ 10 и ПМ 2,5 до вредностите на европскиот лимит во тој случај со тоа ќе се избегнат 800 смртни случаи, илјадници денови во изгубена продуктивност, а тоа ќе резултира со 151 милион евра во здравствена заштита годишно.Според таа студија, во Македонија годишно во просек умираат по 1.350 луѓе поради загадување на воздухот. Загадувањето на воздухот, според истиот извештај, ја чини Македонија 253 милиони евра или 3,2 отсто од БДП-то./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во државава е поевтино да се облечеш, отколку да се храниш
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во октомври индексот на трошоците на живот забележал мала дефлација од 0,2% во споредба со септември. Тоа се должи на поевтинувањето на транспортот за 6,1%, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3%, како и на образование и култура за 0,1%. Индексот на цените на мало бележи слично благо намалување, на 98,7 поени.
Сепак, ова благо месечно намалување не го менува годишниот тренд. Во однос на октомври 2024 година, индексот на трошоците на живот пораснал за 4,5%, а индексот на цените на мало за 2,8%, што покажува дека граѓаните сè уште се соочуваат со висок инфлаторен притисок.
Највидливо поскапување е регистрирано кај храна и безалкохолни пијалаци, кои за една година се зголемиле за 7%, како и кај алкохолни пијалаци и тутун (+6,7%) и облека и обувки (+2,8%). Мали месечни зголемувања има и кај домувањето, вода, електрична енергија и гас, како и ресторани и хотели, со раст од околу 0,2%.
Минималната синдикална кошница во октомври пораснала за 467 денари, а за просечно четиричлено семејство месечните трошоци изнесувале 65.544 денари. Најмногу се зголемиле трошоците за храна и пијалоци, кои во октомври достигнале 23.772 денари, што е раст од 378 денари за еден месец.
Македонија
И денес врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне 17 степени.
Според прогнозата на УХМР, во понеделник ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 литри на квадратен метар за 24 часа) со појава на грмежи.
-Во вторник претпладне ќе има повремен локален дожд, а преку денот ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури, соопшти Управата за хитрометеоролошки работи.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.

