Забава
14 милиони евра за ‘ферарито’ на Ален Делон
Олдатјемрите пронајдени во Франција во хангари под дебели слоеви весници постигнаа рекордна цена на наддавањето одржано во петокот во Париз, а ѕвезда на аукцијата беше многу реткиот модел „ферари“, кој е продаден за 14,2 милиони евра.
Овој модел „Ferrari 250 GT California Spyder“ од серијата којашто ја пуштил италијанскиот производител меѓу 1954 и 1964 година и се смета за најуспешната линија, кој кон средината на 1960-те години кусо време бил во сопственост во славниот француски актер Ален Делон, беше проценет на 9,5 до 12 милиони евра. Новиот сопственик, чие име не е познато, ќе мора за него да издвои вкупно 16,3 милиони евра заедно со трошоците.
Овој автомобил кој Делон го купил по снимањето на филмот „Леопард“ за кој во 1963 добил Златна палма на филмскиот фестивал во Кан, го носел со себе и во САД каде што во 1965 година заминал на снимање во Холивуд.
Многу реткиот кабриолет е бисерот од колекцијата на покојниот француски бизнисмен Роже Бејон вредна 25,1 милиони евра, која беше понудена на наддавањето на аукциската куќа Artcurial. Автомобилот во септември 2014 година е пронајден на еден имот во западна Франција, заедно со другите олдтајмери подјадени од рѓата и оставени да гнијат. Но за разлика од другите автомобили кои биле во многу лоша состојба, „ферарито“ било чувано во гаража, а меѓу другите немало ексклузивни модели. Бејон, кој беше сопственик на транспортно претпријатие, купувал олдтајмери во намерата да создаде сопствен музеј.
На аукцијата на Artcurial беа понудени 59 стари автомобили по повод одржувањето на салонот на олдтајмерите „Retromobile“ биле постигнати многу поголеми цени од предвидените, соопшти организаторот.
Наддавањето пореди ретките модели привлече многу купувачи, новинари и вљубеници од целиот свет. По бурното речиси тричасовно наддавање, водителот на аукција на новите сопственици им порача да ги „оживеат овие заспани убавици“ кои по долготрајните и скапи обновувања им се наменети „нови судбини“./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

