Култура
„Синеплекс“ се отвара за публиката со премиерите на „Небесен пад“ и „Животот на Пи“

Првото кино „Синеплекс“ во Македонија ќе биде отворено во четврток вечер со двојната премиера на најновиот филм од серијалот со Џемс Бонд „Небесен пад“ и на 3Д авантурата „Животот на Пи“.
Вечерва киносалите со три ноќни проекции ќе бидат отворени за публиката по промотивна цена од 90 денари. По специјална цена билетите во „Синеплекс“ ќе можат да се купат и секој вторник, кој ќе важи за „ден за кино“ во понудата на компанијата. По отворањето, цената на билетот ќе биде различна, во зависност од филмот и проекцијата.
Според најавите, викендов ќе иам повеќе содржини во „Скопје Сити Мол“. Посетителите на „Синеплекс“ ќе можат да уживаат во забавна програма, 3Д анимација поставена пред самото кино, анимација со кловнови, жонглери, маскоти, танцови двојки…
Скопскиот „Синеплекс“ има девет сали, најголемата со капацитет од над 330 седишта. Втората по големина има 280 седишта, третата 200, а останатите се со капацитет од околу 100 седишта. Вкупниот број на места во сите сали е 1.465. Седиштата се поставени по стадионски принцип, така што секој гледач ќе има целосен поглед на екранот. Екранот, кој во најголемата сала е 14 на 7,6 метри, е поставен од едниот до другиот крај на ѕидот.
Во сите сали има дигитална техника и 3Д технологија. Има седишта за двојки, а поради стадионски поставените седишта, и децата ќе имаат целосен приказ на екранот. За најмалите, како интересна премиера се најавува „Гумениот Тарзан“, со синхронизација на македонски јазик. Салите ќе можат да се користат и за приватни промоции, ревии, фестивали, за родендени.
„Синеплекс“ работи во Австрија, Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора и во Италија. Има вкупно 42 кина и 271 киносала. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.