Македонија
Македонското МНР тврди дека инцидентот кај Идомени го поттикнале НВО активисти, грчкото МНР испратило демарш за интервенцијата
Македонското Министерство за надворешни работи во соопштение до јавноста тврди дека за вчерашниот инцидент на македонско – грчката граница, мигрантите биле поттикнати од активисти на невладини организации.
Според нив, обидите за илегален премин на границата наликуваат на инцидентот со масовно илегално преминување на границата што се случи на 14 март годинава во којшто беа инволвирани 2.500 мигранти.Било регистрирано и дистрибуирање на летоци кои содржеле лажни информации дека штом мигрантите успеат да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство, тие ќе можат непречено да го продолжат својот пат до земјите членки на ЕУ, се посочува во соопштението.Според МНР, македонските безбедносни сили, заедно со полициски службеници од неколку земји членки на ЕУ кои се распоредени на јужната граница одговориле брзо и согласно ситуацијата и спречиле нелегален влез и наведуваат дека не е повреден ниту еден од мигрантите кои учествуваа во насилните протести.„Употребен е солзавец со цел да се растури насилната група. Не се употребени никакви други средства на контрола, ниту физичка сила против групата. Дваесет и тројца припадници на македонските сили се повредени за време на инцидентот. Воедно, ниту еден од извршителите не е повреден на македонска територија. Утврдени се неколку оштетувања на граничната ограда“, се вели во соопштението.Македонските власти побарале вклучување на грчките полициски сили во услови кога постојано се случуваат насилни напади од грчката територија.„Постојано се упатуваат барања за соработка и размена на информации со цел превентивно да се делува во однос на насилните протести на мигрантите и обидите за илегален премин од Грција на македонска територија. Воспоставувањето ред и мир во пограничната зона, како и во и околу центрите за прифаќање мигранти е од суштествено значење за превенирање вакви инциденти во иднина“, се нагласува во соопштението од македонското МНР.Од друга страна, шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Македонија Теохарис Лалакос вчера упатил два остри демарша во врска со, како што се наведува, „неприфатливите инциденти што се случија во Идомени“.Како што стои во соопштението од грчкото Министерство за надворешни работи, амбасадорот Лалакос „јасно ставил до знаење на најкатегоричен начин дека употребата на насилство на ниту еден начин не придонесува за решавање на проблемот со бегалците и е во директен судир со сите релевантни одредби од меѓународното и хуманитарното право“.Тој, се наведува натаму во соопштението, „ги повикал властите во ФИРОМ да се издигнат над ситуацијата и да покажат соодветна одговорност, воздржаност и сериозност“.Обидот за илегален влез се случи вчера околу 10:50 часот на граничната линија помеѓу Македонија и Грција кај граничниот камен 59. Во инцидентот се проценува дека учествувале над 3.000 мигранти организирани во помали и поголеми групи во обид насилно да влезат на територија на Македонија од Грција кај нелегалниот граничен премин кај каменот 59. Сличен инцидент за масовно илегално преминување на границата се случи на грчко-македонската граница на 14 март годинава кај селото Моин во кој беа инволвирани 2.500 мигранти. /крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

