Македонија
Спасовски: Нема прогрес таму каде што има уценети и затворани новинари
Нема прогрес таму каде што имате уценети, тепани или затворани новинари. Институционалната репресија или насилништвото, независно од каде доаѓа, не се инструменти на напредокот, туку инструменти на тоталитаризмот, на диктатурата, какво и да е пакувањето во кое тие ни се нудат, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на конференцијата на тема „ Безбедноста и слободата на новинарите во Македонија“, организирана од Здружението на новинарите на Македонија, а која се одржа денеска во Клубот на новинари.
„Сведоци сме, особено последниве две три години, дека тој евидентен притисок врз новинарството и пред се кон новинарите – кулминира, изразувајќи се и преку мноштвотото како вербални така и физички напади врз новинарите. Сето тоа, впрочем, прецизно нотирано и во сите релевантни извештаи на нашите партнери од ЕУ и САД, еве веќе неколку години наназад, ја динамизираше таа атмосфера на несигурност и страв меѓу припадниците на новинарската фела, предизвикувајќи натамошна деградација на новинарската професија и ускратувајќи ја јавноста, т.е граѓаните и општеството во целост, од клучните атрибути на отчетност, транспарентност, веродостојност. Штетата е многу голема, но не и непоправлива. Како министер за внатрешни работи, можам без никаква резерва да ја истакнам решителноста на МВР да се испочитуваат сите законски обврски и должности на институцијата во поглед на безбедноста во вршењето на новинарска дејност и истовремено да ја нагласам решителноста на МВР во расчистувањето на многуте досегашни случаи на вербални и физички напади врз новинарите“, потенцираше министерот Оливер Спасовски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Новогодишната кошничка се покажа целосно промашена, цените не се намалија, според Лазаревска
Според Жаклина Лазаревска од СДСМ и новогодишната кошничка се покажа целосно промашена.
Таа оценува дека политиката на власта со кошнички доживеа тотален дебакл.
„Наместо да се намалат цените се зголемија, затоа што власта им остави време и простор на големите трговци да ги покачат цените на производите пред да стапи мерката во сила. Зејтинот, јајцата, шеќерот, млечните производи, грашокот, гравот и леќата, се е поскапено а тоа граѓаните го чувствуваат секој ден и го гледаат во продавниците и маркетите.
И официјалните податоци на Државниот завод за статистика потврдуваат дека кошничките се промашување. Трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, а цените на основните производи пораснале за 4,3%. Се зголеми и инфлацијата, во декември 2024 година е за 4,4 проценти повисока“.
Големите трговци, додава Лазаревска, се збогатија, а десетици милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на оваа влада.
Наместо погрешни и промашени политики со кошнички, според неа, власта треба да ги профати предлозите на СДСМ за укинување на ДДВ на храната и за зголемување на платите. Само така, дополни таа може реално да се намалат цените и да се подобри животниот стандард на граѓаните.
Македонија
(Видео) Лефков: До кога мислат во СДС дека ќе бегаат без да се извинат за Артан Груби
Артан Груби направи милионски криминал во влада чиј премиер беше од СДС, во влада каде МВР го водеше СДС и влада во чие време судството и обвинителството испорачуваа под партиски притисок. Во такво време нема никаква можност СДС да не знаеле за криминалот на Груби, кажа на прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Повеќе од јасно е, како што вели, дека го одмолчеле, а сега исто како тогаш го одмолчуваат и мислат дека народот ќе им заборави.
„СДС треба да знаат дека најмалку што му должат на народот е извинување за криминалите кои дозволија да ги направи Артан Груби.
Македонија тонеше со години, затоа што Груби и таквите како него крадеа.
Одговорноста дојде и одговорност за секој има“.
Само СДС како политичка партија не сфати, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНР, дека мора да излезе и не само јавно да се огради од Груби, туку и да се извини за него.
Македонија
Владата да сакаше дијалог, денес немаше да сме на улица, рече Деаноски на третиот ден од протестите за повисоки плати на административците
Трет ден по ред вработените во неколку министерства и државни институции излегоа на получасовен протест за 30 отсто поголема плата и потпишување колективни договори со кои ќе се изедначат со колегите во министерствата кои добиваат поголеми плати. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, пред Државниот завод за статистика на Владата и одржа лекција што е штрајк, а што е протест.
„Денес сме пред Државниот завод за статистика, институција специфична по обемот и делокругот на својата работа, а вработените се со едни од најниските плати во државата. Сакам да ја потсетам Владата дека ова е протест, а не штрајк иако Владата секојдневно го кажува тоа. Штрајк значи неизвршување на работни задачи. Доколку вработените од Државниот завод за статистика не извршат само една работна задача од својот делокруг, а тоа е пресметка и објава на просечна месечна плата на ниво на држава, ќе се доведе во прашање работата на многу институции, а последиците ќе ги трпат граѓаните. Членовите на Синдикатот на УПОЗ се одлучија да го изразат своето незадоволство токму преку одржување на получасовен протест за граѓаните и приватниот сектор да не трпат никакви последици“, рече Деаноски.
Тој нагласи дека проблемот на вработените може да се реши со согласност од Министерството за финансии да ги користат средствата кои ги имаат во буџетот, а по ставот на Владата дека УПОЗ доаѓа на седниците на
Еконосмко-социјалниот совет, Деаноски јавно посочи дека на тие седници се решаваат покрупни прашања како што се општиот колективен договор и минималната плата. Барањата што ги имаат вработените кои сега излегуваат на протести се решаваат со ресорните министри и Министерството за финансии.
Деаноски и денес ја критикуваше Владата за ставовите што ги објавува по секој протест на административците откога вчера повика на дијалог за решавање на проблемот.
„Владата наместо да питува соопштенија и да негира се што ќе кажеме ние, а не е воопшто во право, треба да посвети малку енергија и да најде начин како да го реши овој проблем. Ако Владата сакаше дијалог досега ќе бевме седнати на маса, немаше да бидеме на улица“, рече Деаноски.
Тој веќе три дена, за време на секој протест, кажува дека уште пред усвојување на буџетот за 2025 година ги завршивме сите средби со ресорните министри, добиле поддршка од нив, потоа направиле колективни договори кои не се потпишани иако нема ниту правна ниту уставна пречка за нивно потпишување.
Протестираат вработените од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Утре протестот ќе биде пред Министерството за финансии каде што Синдикатот ќе ги каже следните чекори.