Македонија
Груевски најави изградба на три нови студентски домови

Изградба на три нови студентски домови во Македонија, од кои два ќе бидат изградени во Скопје и нов студентски дом ќе добие Тетово, најави во сабота премиерот Никола Груевски, при посетата на скопската населба Нерези.
„Доста работевме за изнаоѓање на локации за студентски домови, баравме локации кај што има државно земјиште каде што мислиме дека може да се изградиме студентски дом. Практично на крајот излезе дека во Скопје веројатно ќе се градат два студентски дома, едниот е на местото на сега веќе руинираните бараки во Медицинар кои веќе не се во функција“, рече Груевски
Според него „Медицинар“ студентскиот дом ќе биде со капацитет од 350 до 400 места за студенти, а во склопот на студентскиот дом ќе има и спортска сала, читална, библиотека итн.
„За овој студентски дом проектот ни е готов има мали доработувања и измени кои во моментов се прават така што очекувам во декември месец да излезе јавниот повик за градба на нов студентски дом на местото на сегашните руинирани и вон употреба бараки во Медицинар. Втората локација за која се уште ги немаме потребните документи е во близина на СЦ „Борис Трајковски“ во општината Карпош, каде што планираме исто така локација за околу 500 места за студенти. За ова место ќе треба доправа да ги започнеме сите подготовки од правен аспект“, рече Груевски.
Груевски рече дека потреба од студентски дом има и во Тетово во рамките на Државниот универзитет во Тетово.
Премиерот потсети дека за два до три дена ќе излезе Јавниот повик за изведувач за Блокот А во Студентскиот дом Гоце Делчев, а реконструкцијата на Блокот Б е целосно заврши и потенцираше дека таму ќе си тече етапно реконструкцијата онака како што е дадено ветување./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски во Стразбур: Денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Стразбур присуствуваше и се обрати на свечен настан по повод одбележувањето на Денот на независноста: 34 години од македонската независност и 30 години членство на Република Северна Македонија во Советот на Европа.
Во своето обраќање, Муцунски потсети на значењето на 8 септември 1991 година, кога македонските граѓани „во еден глас се изјаснија на референдумот, определувајќи се за независна и суверена држава – кулминација на вековните стремежи на македонскиот народ за самоопределување и достоинствен живот во сопствената татковина.“
Тој истакна дека денес Северна Македонија е препознатлив и ценет актер на меѓународната сцена.
„Како членка на Обединетите Нации, Советот на Европа и горда членка на НАТО, активно придонесуваме за глобалниот мир и безбедност. Продолжуваме со борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе и шверцот на дрога – области во кои нашиот придонес е препознаен и ценет од меѓународните партнери,“ нагласи Муцунски.
Посебно беше потенцирана улогата на Советот на Европа.
„Во 2025 година ја одбележуваме 30-годишнината од нашето пристапување во Советот на Европа – организација која беше и останува витален партнер во поддршката на нашиот демократски развој, напредокот на правните реформи и зајакнувањето на институциите. Горди сме на длабоката, динамична и продуктивна соработка која зборува за сеопфатните и стратешки важни односи,“ додаде тој.
Муцунски говореше и за европската перспектива и придонесот кон европската стабилност.
„Нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија продолжува со решителност и надеж. Подготвени сме да придонесеме, како рамноправни, за стабилноста, просперитетот и споделените вредности на Унијата. Ние не сме само млада европска демократија – ние сме народ со богата историја, силен дух и јасна визија за иднината,“ потенцираше тој.
Македонија
Алиу: Се формира Здравствениот совет, здравствените политики ќе добијат стручна и научна поддршка

Денеска во Министерството за здравство се одржа првата конститутивна седница на Здравствениот совет, на која присуствуваше и министерот за здравство, Азир Алиу.
Здравствениот совет, како советодавно тело на министерот за здравство согласно Законот за здравствена заштита е составен од девет члена – еминентни професори, доктори на науки во различни специјалности, од кои дел се и меѓународно признаени експерти со импресивни биографии и стручни трудови.
– Целта е Здравствениот совет тековно и континуирано да ги анализира прашања од областа на здравството, да даде стручен придонес при подготовката на предлог-закони и подзаконски акти, како и стручни мислења и предлози во различни области од делокругот на работа на Министерството. Денешната дискусија беше иницијална, за повеќе различни аспекти кои во следниот период советот подетално ќе ги анализира. Уверен сум дека ќе имаме успешна и плодна соработка, порача Алиу.
Инаку, членови на Здравствениот совет се: проф.д-р Сашко Кедев, проф.д-р Марија Срцева, проф.д-р Азис Положани, проф.д-р Виктор Камнар, проф.д-р Светозар Антовиќ, проф.д-р Игор Кафтанџиев, прим.ас.д-р спец. Фадил Цана, спец.д-р Злате Мехмедовиќ, и доц.д-р Илир Вела. За претседател на Здравствениот совет е избрана проф.д-р Марија Срцева.
Македонија
Награда до три илјади евра за тој што ќе даде информација кој му го запали автомобилот: Галетановски со повик

По инцидентот во кој беше опожарен неговиот автомобил на социјалните мрежи се огласи поранешниот директор на Зоолошката градина во Скопје и актуелен претседател на Градската организација на СДСМ, Ѓорги Галетановски.
„За жал некогаш треба да ни се деси лоша работа за да видиме кој е до нас. Фала ви другари за поддршката и за сите пораки и повици и извинете што стварно не беше можно на сите да вратам и кренам. Не ви го заборавам ова и на сите ви должам. Ме знаете добро јас не ги делам другарите ни по вера ни по партија, никогаш не се сменив и нема да се сменам. Помагав и ќе помагам на кој можам без да се фалам така и ќе продолжам. Од денес натаму ќе направам се да дознаам и помогнам органите да спречат криминални дејствија да го зимаат мирот на граѓаните. А ќе се дознае тоа сум сигурен“, пишува Галетановски.
Повика доколку некој има веродостојна информација за извршителот или нарачателот да го контактира најавувајќи и награда за тоа.
„Доколку било кој знае веродостојна информација за извршителот или нарачателот нека ме контактира ќе биде награден со 2-3 илјади евра“, напиша галетановски