Македонија
Груевски: Политичката криза ќе се реши, а народот има капацитет за излез од неа

Политичката криза во Македонија ќе се реши, затоа што секој почеток има совј крај, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој додава дека народот и државата имаат капацитет да ги надминат овие проблеми.
„Политичката криза ќе се реши, а сите ќе излеземе многу посилни од сево ова, но и помудри. Нема поголема сила од народот, а секој кој тргнал против народ е осуден на пропаст“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во четврток, при претставувањето на новиот проект „Од град во село за нов почеток“.
Според Груевски, Македонија ќе се врати на патеките на напредокот на економскиот развој, на патот на ЕУ и НАТО, а акутната политичка криза во која што е Македонија подолг период, ги нарушува спокојството, мирот и секојдневието на граѓаните и се одразува на економијата, иако засега, економијата се држела солидно.
„Овој народ и оваа држава има капацитет да ги надмине овие проблеми и ќе ги надмине како што и во минатото многупати ги надминала. Сме се снашле со многу предизвици, со многу опасности и на крај сме ги надминувале предизвиците со мудрост и со правилен избор на одлуки секогаш водејќи сметка за националните и државни интереси и интересите на народот“, рече Груевски.
Порача дека народот застанува против виткањето кичми, против сценарија за дестабилизација, против рушење на мирот и соживотот.
„Македонија е многу повеќе од ова. Сево ова ќе мине и на крајот сите ќе треба да се погледнеме во огледало. и ние кои сме сега со народот, а и оние кои се од другата страна. Историјата ќе суди за улогите, а народот ќе цени“, рече Груевски./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Евроинтеграциите и трговската соработка во фокусот на работната посета на министерот Муцунски на Шведска

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Стокхолм, оствари средба со министерката за европски прашања на Шведска, Џесика Розенкранц. Во фокусот на разговорите беа евроинтеграцискиот процес на државата, поддршката од Шведска во овој процес, како и реформските процеси во земјата.
На средбата, министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната и принципиелна шведска поддршка за процесот на проширување на Европската унија, со посебен акцент на заложбите за целосно пристапување на Северна Македонија и останатите земји од Западниот Балкан. Тој ја истакна шведската посветеност на политиката на проширување како клучен фактор за интеграцијата на регионот, извести Министерството.
Македонската интеграција во ЕУ и предизвиците на тој пат беа централна тема на разговорот. Од страна на министерот Муцунски уште еднаш беше повторена неопходноста билатералните прашања да не претставуваат пречка за напредокот, при што беше потенцирано дека процесот треба да се темели исклучиво на системот на заслуги и постигнувања. Се разговараше и за повеќе актуелни прашања од значење за Унијата.
Министерката Розенкранц нагласи дека Шведска останува силен поддржувач на проширувањето на Унијата и додаде дека и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат партнерските земји, како Република Северна Македонија, со која имаат одлични билатерални односи. Во контекст на силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат, таа ја истакна и важноста на реформската агенда и Планот за раст.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари и средба со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија на Шведска, Хакан Јеврел.
Фокусот на средбата беше ставен на унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји, можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, како и справување со актуелните економски предизвици. Министерот Муцунски ги нагласи поволностите за инвестирање во Северна Македонија, со посебен акцент на автомобилската, одбранбената и фармацевтската индустрија, претставувајќи ги како клучни сектори со сериозен инвестициски потенцијал. Се разговараше и за конкретни чекори што би придонеле кон привлекување нови шведски инвестиции, со акцент на потребата од заеднички напори за унапредување на трговската и економската соработка, соопшти Министерството.
Македонија
Муртезани и Суперти со заедничка заложба за напредок на реформите и отворање на првиот Кластер

Во рамките на дводневна работна посета на институциите на Европската Унија во Брисел, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска оствари средба и со Валентина Суперти, директорка во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија.
Дискусиите се одвиваа во контекст на напреднатата фаза на подготовките за отворање на Кластерот 1 (Фундаментални вредности), при што посебен акцент беше ставен на исполнувањето на одредниците за отворање кои се предуслов за отворање на овој кластер, дефинирани во Преговарачката рамка. Министерот Муртезани информираше дека Владата на Северна Македонија веќе ги финализира суштинските стратешки документи: Патоказот за владеење на правото, како и придружниот Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците и Патоказот за реформа на јавната администрација; со што практично се заокружува исполнувањето на условите и се отвора патот кон формално отпочнување на преговорите почнувајќи со отворање на првиот Кластер, известува Министерството.
Муртезани нагласи дека овие документи се резултат на темелна координација со Европската комисија и вклучување на релевантните чинители од институционалниот, граѓанскиот и експертскиот сектор, вклучително и јавни презентации пред надлежните собраниски тела. Финалната верзија на документите се усогласува со Европската комисија, пред нивното формално усвојување од Владата.
Дополнително, на средбата беа разгледани тековните активности поврзани со имплементацијата на Реформската агенда 2024–2027 и Планот за раст за Западен Балкан, вклучително и процесот на евалуација на првото Барање за исплата на средства, доставено до Европската комисија на 14 март годинава. Се разговараше и за реформите планирани за реализација до јуни 2025 година, особено во областа на енергетиката, дигиталната трансформација, деловното окружување и владеењето на правото.
Суперти ја поздрави посветеноста на Владата во исполнувањето на своите обврски и проактивниот пристап во градење функционална институционална структура за управување со евроинтегративниот процес. Соговорниците ја истакнаа важноста од редовна и отворена комуникација, како предуслов за кредибилна европска перспектива и остварување на јасни резултати во приближувањето кон ЕУ, се наведува во соопштението на Министерството.
Македонија
МВР со апел до граѓаните: Внимавајте на лажни е-пораки – фишинг линкови

Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи периодов констатираше зачестена појава на така наречени фишинг напади преку електронска пошта во која се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании со цел неовластено прибавување на податоци од нив. Овие пораки лажно тврдат дека сте сториле повреда на авторски права и содржат фишинг-линкови до наводна документација или барања за преземање на активности, велат од МВР.
Важно и значајно е граѓаните односно компаниите да знаат дека пораката не е испратена од вистинската компанија, да не кликнуваат на линковите или прилози во пораката, да не одговараат на пораката, да не споделуваат лични информации и веднаш да ја избришат пораката.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами. Доколку сте примиле ваква порака или сте жртва на слична интернет измама, веднаш пријавите го случајот во најблиската полициска станица.
Обидите за фишинг обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС порака или со телефонски повик.
Оттаму, Министерството за внатрешни работи со цел заштита на граѓаните, на нивните лични податоци и можните злоупотреби и последиците што можат да произлезат, апелира внимателност при добивање на ваквите пораки, да не наседнуваат на измами од ваков тип и нивните лични податоци да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет, со цел спречување на нивна понатамошна злоупотреба, соопштуваат од МВР.