Култура
Одлична соработка меѓу министерството за култура и Филозофскиот факултет

Министерството за култура и Филозофскиот факултет од Скопје одлично соработуваат, беше истакнато при денешната посета на министерката Елизабета Канческа-Милевска на оваа високообразовна институција.
„Поврзувањето на теориското знаење што го стекнуваат студентите во текот на образовниот процес со практичното знаење стекнато на терен, при обемните теренски истражувања на археолошките локалитети во Република Македонија, е особено важно за студентите на овој оддел бидејќи на тој начин тие ја практикуваат науката со целата нејзина комплексност“, рече Канческа-Милевска.
Соработката особено е значајна во делот на реализација на голем број проекти коишто имаат не само теоретско-практични резултати туку и огромна едукативна функција, особено активностите што ги засегаат заштитата, валоризацијата и презентацијата на културното наследство на Република Македонија. Во реализацијата на овие проекти се пронајдени голем број артефакти кои се презентирани пред јавноста.
Меѓу позначајните проекти од областа на археологијата беа истакнати археолошките истражувања на локалитетите Висока, с. Крушевица и Старо Бонче, Градиште, с. Црнобуки – Битолско, локалитетот Орловица-Ракотинци, Вардарски рид и многу други.
Археолошките истражувања овозможија откривање на карактеристични форми на материјалната култура од македонското поднебје – монети, разни орудија, оружје, керамика, украсни предмети.
Канческа-Милевска го посети и Археолошкиот музеј кој веќе две години успешно функционира во рамките на Филозофскиот факултет и чија музејската збирка денеска содржи околу 5.000 предмети пронајдени во текот на студиските истражувања.
Пронајдените експонати се уредно систематизирани и презентирани и имаат огромна едукативна функција бидејки им овозможуваат на студентите сето она што се изучува и се истражува на терен да може да го валоризираат и да го презентираат пред јавноста.
Министерството за култура во континуитет продолжува да го поддржува и публикувањето на голем број монографии кои се резултат на долгогодишните истражувања спроведени од групата за Историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.
Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.
Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.
„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.
Култура
(Видео) Oмилените филмови на Стивен Кинг

Мајсторот на хоророт, Стивен Кинг, е познат по своите темни романи и адаптации што го обележаа светското кино, но и по фактот дека редовно ги споделува своите омилени серии и филмови со публиката.
Стивен Кинг, познатиот мајстор на трилери и хорор, сподели листа од своите 10 омилени филмови на платформата X. Оваа листа, која ги исклучува филмовите адаптирани од неговите дела, дава увид во кинематографскиот вкус на авторот кој го обликувал хорор жанрот.
Избраните филмови вклучуваат класици од различни жанрови, од трилери и драми до комедија и научна фантастика. Кинг истакна дека листата не е по одреден редослед, нагласувајќи го богатството на квалитетни филмови достапни за публиката.
“Sorcerer”
“Godfather 2”
“The Getaway”
“Groundhog Day”
“Casablanca”
“Treasure of the Sierra Madre”
“Jaws”
“Mean Streets”
“Close Encounters of the 3rd Kind”
“Double Indemnity”
Култура
Македонскиот народен театар со „Жива досада“ гостуваа на фестивалот во Штип

На 11 септември, на 13. Театарски фестивал за деца „Малиот принц“ во Штип, Македонскиот народен театар ќе гостува со претставата „Жива досада“.
Гостувањето на МНТ е во организација на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, кој веќе традиционално обединува значајни детски театарски продукции од земјата и регионот.
Претставата, наменета за деца над пет години, се занимава со современа, но често игнорирана тема, досадата кај децата, и како може таа да биде врата кон креативноста, играта и самоистражувањето, наместо нешто од што треба да се бега. Иновативен и топол авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а во режија на Јовановска.
„Досадата не е непријател, туку креативен простор, кој им овозможува на децата да се поврзат со себе и со светот околу себе“, вели актерката Изабела Јакимова, која е и една од авторките на текстот.
Во претставата настапуваат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска (алтернација).
Преку духовита и интерактивна форма, „Жива досада“ ги охрабрува децата да ги откријат магичноста на досадата и вредноста на паузата – простор во кој настануваат најубавите игри, разговори и идеи. Истовремено, испраќа важна порака и до родителите да не го исполнуваат секој момент на детето со активности, туку да остават простор за самостојно растење.
Со ваквите репертоарски претстави ‒ МНТ продолжува да гради едукативен и инспиративен театар, а „Жива досада“ е пример за тоа дека детскиот театар може да биде уметнички сериозен, длабоко комуникативен и актуелен.