Култура
Ноќни посети во лондонски Tate Britain со роботи
Проектот кој предвидува посети на лондонскиот музеј „Tate Britain“ со помош на роботи ја доби инаугуралната награда на овој музеј IK Prize за дигитални иновации во износ од 60 илјади британски фунти што може да овозможи оваа идеја еден ден да стане стварност, пишува The Guardian.
Зад проектот под наслов „After Dark“ стои уметничкиот колектив Workers кој го сочинуваат Томасо Ланза, Рос Каирнс и Давид де Дука, чијашто идеја се состои во тоа на посетителите да им се овозможи преку ноќ, управувајќи со роботи од својот дом, виртуелно да шетаат по галериите на музејот Tate Britain, и низ „очите“ на роботите ги разгледуваат таму изложените експонати. Роботите би можеле да се движат насекаде, а посетителите би можеле да зумираат сѐ што ги интересира.
Наградата наречена по филантропката Ирене Крејтмен, којашто со години волонтираше во овој лондонски музеј и давала парични прилози за галеријата, оваа година е доделена првпат, а во иднина ќе се доделува еднаш годишно за оригиналните идеи кој предлагаат поврзување на збирката на „Tate Britain“ со пошироката публика со помош на дигиталната технологија. Покрај финансиската поддршка за реализација на идејата, наградените уметници на свеченото доделување во четвртокот навечер во Лондон и десет илјади фунти. Наградениот труд добива и изложба на готовиот проект во „Tate Britain“, а проектот „After Dark“ ќе биде изложен кон крајот на летово.
Основачот на Wikipedia, Џими Велс, еден од членовите на жирито, изјави дека станува збор за навистина возбудлив и оригинален предлог чијашто мисија е ширењето дека достапноста на уметноста со помош на дигиталната технологија. „Тој проект на луѓето низ светот на единствен начин ќе им направи достапен период од половина век британската уметност“, вели Велс.
Покрај Велс, во жирито биле и уметникот Марк Леки, директорката на технолошкиот оддел во весникот The Guardian, Џемим Кис, внукот на Ирене Крејтмен, Џон Портер, креативниот директор на креативната лабораторија на американскиот технолошки гигант Google во Сиднеј, Том Аглоу и директорот во одделот за публика и медиуми во „Tate Britain“, Марк Сандс.
Практичната страна на проектот допрва траба да биде разработена, како на пример колку долго некој би можел да има контрола над својот робот или на кој начин би се правел распоредот на посетите. Меѓутоа, уметниците истакнуваат дека за реализација на идеите не е потребно да се развива ниту да се измислува некаква нова технологија.
Уметничкиот колектив Workers е формиран пред три години откако Ланза и Каирнс во 2011 година дипломирале на лондонскиот Royal College of Art. Во потесниот избор за наградата влегле уште три проекти избрани од подолгата листа од 51 предлог. Тројцата уметници сега, покрај другото, реализираа проекти и за лондонската Олимпијада во 2012 година и за Природонаучниот музеј во Берлин./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

