Култура
Блескаво деби на Симон Трпчески со славниот Бостонски симфониски оркестар
Уште еден од водечките светски оркестри триумфално се најде на листата соработници на нашиот пијанист Симон Трпчески, кој три вечери по ред беше солист на матичната сцена на Бостонскиот симфониски оркестар (третиот настап директно беше пренесуван во живо на радио и интернет).
Под насловот „Во своето деби со Бостонскиот симфониски оркестар Симон Трпчески откри свежи премини низ Лист“, Џереми Ајхлер, критичарот на угледниот Boston Gloub се осврнува на настапот на нашиот пијанист од светски глас: „… меѓу другите дела беше изведен Концертот за пијано и оркестар број 2 од Лист, што за мене беше врвниот дострел на изведбата во Симфониската сала во четвртокот, во голема мерка поради свежото и блескаво исполнение на македонскиот пијанист Симон Трпчески. Вториот пијано концерт на Лист ги става на тест не само техничкиот арсенал на пијанистот, туку и неговата поетска вештина, а Трпчески, веќе докажаниот млад пијанист кој го имаше своето можеби малку задоцнето деби со Бостонскиот симфониски оркестар, се покажа достоен на секоја поставена задача од Лист. Фразирањето во неколкуте лирски моменти на делото беше мошне креативно, исполнето со воздух и светлина, со јасно чувство на елан во звукот. Дури и ненадејните пасажи што понекогаш можат да звучат само виртуозно, овде беа испорачани на карактерно различни начини и многу моменти во кои пијаното се надоврзува на оркестарот беа извезени со непогрешлива чувствителност. Оттука и надежта дека кога веќе дојде до Бостонскиот симфониски оркестар, Трпчески ќе се врати многу брзо…“ пишува угелднито американски весник.Со оценката на својот колега се сложува и Дејвид Ален од АНПРЕДИКТАБЛИ ИНEВИТАБИЛИТИ, кој пишувајќи за настапот на, како што вели, „националниот херој на Македонија“ го истакнува своето воодушевување од „сериозно компетентниот пијанист, многу поинтересен и со многу повеќе интерпретативни моќи од многумина млади пијанисти на денешнинава“. Во пресрет на концертите, нашиот пијанист даде и интервју за интернет-журналот БОСТОН МЈУЗИКЛ ИНТЕЛИЏЕНСЕР, во кое, под насловот „Македонското чудо“, зборува за своите успеси, за честа да се изведе концертот на Лист во годината на јубилејот токму со Бостонскиот симфониски оркестар, за непопуларното правило да не се изведува бис на сцената на овој престижен ансамбл, а особено се задржува на објаснувањето за традиционалната македонска музика и задоволството да ја изведува на светските сцени.БОСТОН МЈУЗИКЛ ИНТЕЛИЏЕНСЕР не остана имун и на изведбата, што ја одбележа со рецензијата во која ја истакнува моменталната врска на „ѕвездата со метеорски успех од Македонија“ остварена со публиката и оркестарот. Со суперлативи и во детали е опишано отсвирувањето на концертот на Лист, а задоволството од слушнатото го тера авторот на текстот Мајкл Роха на неколку пати на читателите да им помогне во изговорот на името и презимето на Симон Трпчески. По трите концерти во Бостон, Трпчески во мај започнува серија оркестарски, камерни и рецитални настапи во Велика Британија, а до крајот на сезоната го очекуваат и повторните средби со публиката во Австралија и Нов Зеланд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

