Македонија
Основен суд Скопје 1 ги отфрли прислушуваните разговори поради незаконско собирање
Основниот суд Скопје 1 Скопје, во вторникот вечерта соопшти дека судија на претходна постапка од споменатиот суд донел решение со коешто забранил да се користат прислушуваните материјали, или ткн „бомби“ кои со месеци ги емитуваше најголемата опозициска партија СДСМ како наводни сведоштва за корумпираноста на челните луѓе од актуелната власт, како докази во истражната постапка, бидејќи биле собрани на незаконит начин
„По барање на одредени медиуми на кои во текот на денот им беше одговорено по писмен пат, ја информираме јавноста дека постапувајќи по барање за издвојување на докази од списи на Основното Јавно обвинителство согласно чл. 93 вв чл 12 од ЗКП, поднесено од адвокат Никола Додевски, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, донесе решение со кое се уважува барањето за издвојување на докази – снимки од телефонски разговори и транскрипти на истите од предметите на Основното јавно обвинителство оформени по поднесена кривична пријава на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, се наведува во соопштението на Судот.
Адвокатот Додевски ги искористил законските одредби кои на судијата на претходна постапка му даваат надлежност да ја цени законитоста во водењето на истрагата од страна на јавниот обвинител и прибирањето на доказите. Меѓутоа, ова решение сé уште не е правосилно, бидејќи обвинителот на тоа има право на жалба до Апелациониот суд.
„Во барањето до судија на претходна постапка, наведено е дека до ОЈО Скопје поднесени се кривични пријави и се води постапка против осомничените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Сашо Мијалков, Ирена Мишева, Мартин Протуѓер, Тони Трајковски и Коце Трајановски, а снимките од телефонски разговори и траснкрипти од истите приложени како доказ во предметите за сторено кривично дело треба да се издвојат како незаконски прибавени докази, бидејќи согласно чл. 12 с.2 од ЗКП не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука, а согласно чл. 93 од ЗКП надлежен за донесување на решение за издвојување докази од списи е судија на претходна постапка најдоцна до завршување на истражна постапка“ се појаснува во образложението на Основен суд Скопје 1.
Се додава дека постапувајќи по ова барање, судијате на претходнате постапка, со допис од 26-ти август побарал од Основното јавно обвинителство Скопје да ги достави сите оформени предмети против премиерот, министрите и другите функционери , и оти било побарано Обвинтиелството да се изјасни за секој предмет пооделно дали сé уште траат истражните постапки или се завршени, како и во прилог на секој предмет да достави известување дали од страна на обвинителството бил поднесен предлог за издавање на посебни истражни мерки за следење на комуникации на наведените осомничени лица.
„Основното јавно обвинителство Скопје до Судот достави 27 оформени предмети заведени под различни РО броеви, со прилог електронски записи снимени на ЦД-а и транскрипти во секој од предметите, наведувајќи дека за наведените осомничени лица ОЈО Скопје нема побарано примена на посебни истражни мерки – следење на комуникации, како и тоа дека истражните постапки во сите предмети сé уште не се завршени односно обвинителството продолжува со истрагата“, се истакнува натамо во судскиот допис до медиумите.
„Постапувајќи по барањето и ценејќи ја единствено законитоста на доказите без впуштање во содржината на постапката која ја води Јавното обвинителствот, а имајќи го во предвид писменото известување добиено од ОЈО – Скопје, судија на претходна постапка го уважи барањето за издвојување на аудио записите содржани на ЦД и траснкрипти од истите како доказ од списите на предметите. Аудио записите и транскриптите се затвораат и се чуваат кај сдија на претходна постапка при овој суд одвоени од другите списи при што неможат да се користат во постапка, бидејќи согласно Законот за следење на комуникации и измените на истиот, во зависност од периодот од кога се пријавуваат осомничените, посебните истражни мерки за следење на комуникации се издаваат по барање за донесување наредба за следење на комуникациите, до надлежен судија кое се поднесува од надлежен Јавен обвинител по сопствена иницијатива или друг овластен орган согласно овој закон и наредбата се издава со ограничен рок на траење наведен во наредбата. При уважување на ова барање судијата на претходна постапка ги имаше во предвид чл. 93, чл 252 и чл. 12 од ЗКП како и чл. 9, чл. 8, чл. 7 и чл. 15 од Законот за следење на комуникации“, се заклучува во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје“. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков:Дигитализацијата и човечките ресурси се клуч за ефикасно и независно судство
Зајакнувањето на ефикасноста и независноста на судството е еден од највисоките државни приоритети и предуслов за враќање на довербата на граѓаните во институциите, порача министерот за правда на конференцијата „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија.
„Ова е критичен и одлучувачки момент за правосудниот систем. Мораме јасно и објективно да ја согледаме состојбата, затоа што само преку прецизна процена можеме да дојдеме до одржливи решенија“, истакна министерот за правда Игор Филков во своето обраќање.
Тој нагласи дека состојбите во правосудството се темелно анализирани и документирани во релевантни домашни и меѓународни документи, меѓу кои Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, Реформската агенда 2024–2027, Националната стратегија за спречување на корупција и извештаите на Европската комисија.
Посебен акцент беше ставен на Патоказот за спроведување на стратегијата за човечки ресурси за судската мрежа.
„Ова не е само теоретски документ, туку практичен и применлив водич кој нуди јасен и остварлив пат за справување со најитните предизвици во судството“, нагласи министерот.
Министерството за правда, во рамки на своите законски надлежности, во текот на 2024 и 2025 година утврдило алармантни состојби во правосудството, кои директно кореспондираат со идентификуваните слабости во Патоказот.
„Предложените мерки мора сериозно да се разгледаат и да се имплементираат, доколку навистина сакаме резултати што ќе бидат мерливи, видливи и одржливи. Реформите мора да обезбедат пополнување на работните места, модернизација на инфраструктурата, зајакнување на институционалниот интегритет и зголемување на довербата на јавноста преку транспарентност и високи етички стандарди. “, порача министерот Филков.
Како еден од клучните столбови на реформите беше истакната дигитализацијата на правосудството.
„Инвестициите во интегрирани системи за управување со предмети и целосно дигитални судски досиеја не се иднина – тие се сегашност и реална потреба“, рече министерот, додавајќи дека дигиталните алатки ќе овозможат поефикасна распределба на ресурсите и подобар пристап до правдата.
Во делот на законодавните активности, министерот информираше дека во изминатиот период се подготвени околу триесет закони со кои се спроведуваат системски реформи во правосудството.
Законот за Судскиот совет веќе е донесен, а Законот за јавното обвинителство наскоро се очекува да влезе во собраниска процедура. Подготвени се и други закони како дел од целосното ресетирање на правосудниот систем.
,,Наша обврска како Министерство за правда е да создадеме јасни и применливи закони кои ќе бидат инструмент за правда и правичност. Реформите во судството и унапредувањето на законската рамка не се брзи процеси кои се случуваат за еден ден. Тие не се лесни, но се неопходни. Продолжуваме посветено и заедно да работиме на системски решенија”,потенцира Филков.
Македонија
Европската интеграција останува стратешки приоритет, порача Сали на средбата со еврокомесарката Кос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска во Брисел оствари работна средба со европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Средбата беше фокусирана на текот на процесот на европска интеграција на земјата, реформските приоритети и актуелните предизвици во рамки на европската агенда.
Во текот на разговорите, заменик-претседателот Сали повторно потврди дека членството во Европската Унија останува стратешки приоритет на Владата, оценето како долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Тој нагласи дека создадениот позитивен моментум треба да се искористи преку тесна и континуирана соработка со европските институции, со цел конкретно унапредување на интегративниот процес.
Во својство на министер за европски прашања, главен преговарач, национален координатор за Инструментот за реформи и раст (RGF), како и НИПАК, Сали ја истакна посветеноста за одржување на фокусот на државната администрација на реформите поврзани со ЕУ и за обезбедување континуитет на реформското темпо, во согласност со европските стандарди и најдобрите практики.
Во овој контекст, се разменија мислења за спроведувањето на Планот за раст и Реформската агенда, како и за други актуелни прашања од заеднички интерес, при што беше потенцирана важноста од континуирана координација и конструктивен дијалог со институциите на Европската Унија.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска: Секое дете мора да се чувствува безбедно во училиште
Денес во Општина Кисела Вода беше потпишан трипартитен меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево и Обединета Македонска Дијаспора – Подружница Македонија, со кој официјално се воспоставува рамка за унапредување на образованието преку иновативни, инклузивни и холистички програми.
Со оваа соработка започнува имплементацијата на проектот „STAR FOR LIFE“. Проектот предвидува обука на наставниците од четврто, петто и шесто одделение, како и директна работа со учениците преку стручни обучувачи, нивни претставници во Македонија, со фокус на една од најчувствителните теми во училиштата – булингот и врсничкото насилство, информираат од општината.
Градоначалничката заедно со директорот за Македонија и Европа од Обединета Македонска Дијаспора, Гордан Јорданов, заменик-директорката Маја Сталеска и директорката на училиштето, Елена Симоновска, дискутираа околу програмата, која има за цел да ги оспособи наставниците и учениците навремено да препознаваат ризични ситуации, да реагираат соодветно и да придонесат кон создавање побезбедна училишна средина.
-Со потпишувањето на овој меморандум воспоставуваме конкретна и значајна соработка која директно ќе им користи на нашите ученици и наставници. Преку проектот ‘STAR FOR LIFE’ обезбедуваме едукација, навремено препознавање и соодветно реагирање на булингот и врсничкото насилство. Наш приоритет е секое дете да учи и расте во безбедна средина, во која ќе се чувствува прифатено и поддржано. Општина Кисела Вода останува посветена на превентивни мерки и партнерства од ваков тип, затоа што веруваме дека само со заедничка работа можеме да спречиме несакани последици. Ова е инвестиција во иднината на нашите млади- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

