Култура
Доделени годишните награди на СОКОМ

На концертот на Македонската филхармонија во рамките на Деновите на македонска музика во четвртокот навечер беа доделени годишните награди на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ)
Наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело ја доби музикологот Јелица Тодорчевска за својот придонес во областа на музикологијата и музичкото библиотекарство. Тодорчевска е првиот музички библиотекар во првата музичка библиотека во Македонија, која е основана во 1969 година во рамките на НУБ „Свети Климент Охридски“.Творечкиот опус на Тодорчевска брои 778 наслови кои што припаѓаат на музичката историја на Македонија и на музичката критика за концертната и сценската дејност, сите објавувани во македонската и некогашната југословенска периодика.Најзначајната валоризација на музиколошкиот труд на Јелица Тодорчевска е нејзиното учество во три значајни проекти: Музичка енциклопедија на СФРЈ, Лексикон на југословенската музика и Македонска музичка енциклопедија. Одлуката за доделување на наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело ја донесе комисијата во состав проф. Благој Цанев, проф. Стојан Стојков и проф. Живојин Глишиќ.Комисијата во состав Сони Петровски, Марко Коловски и Бранка Костиќ наградата „Панче Пешев“ за најдобро премиерно изведено дело од македонски автор во текот на 2010 година ја додели на композиторот Живојин Глишиќ за делото Кончертино за гитара и оркестар. Делото беше изведено на минатогодишните Денови на македонска музика на концертот на Македонската филхармонија со солистот на гитара Дарко Багески, а под диригенство на Верислав Шипуш од Хрватска.„Делото е создадено пред 25 години, но во него не отсуствува зрелоста на денешните творби на авторот, туку демонстрира раскош на оркестарските бои со специфичен канонски јазик во кој се обединуваат класичните и современите изразни средства, и инструментално – техничкото мајсторство во користењето на солистичката гитара“ – е нагласено во образложението на комисијата за доделување на наградата.Наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски автор во текот на 2010 година, е доделена на „Нов лондонски камерен хор“ од Велика Британија. Наградата ја додели комисијата во состав Томе Манчев, Јана Андреевска и Дамјан Темков. „Нов лондонски камерен хор“ настапи на минатогодишните ДММ со програма во која беа изведени композиции од Ристо Аврамовски, Евдокија Данајловска, Мирослав Спасов и Јана Андреевска.СОКОМ годинава додели и специјална награда на германскиот состав „Саксоквадрат“ од Берлин, за особени заслуги за афирмацијата на македонското музичко творештво.Претходната вечер, 23 март, на Деновите на македонска музика триото „E.A.R Unit“ од амбасадорот на САД Филип Рикер доби признание за меѓународната презентација на американската култура. На програмата „E.A.R. Unit“ беа изведени дела од македонските композитори Панде Шахов, Дарија Андовска и Стојан Стојков, и американските автори Клеј Чаплин, Дејвид Дворин и Ејми Ноулс.Во петок на програмата на 34-тите Денови на македонска музика е настапот на Клавирското дуо „ЛП“ од Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.