Македонија
Дождовите го зголемија нивото на реките, Црна се излеа

Новите врнежи од дожд предизвикаа нови излевања на реките во некои делови на земјата.
Според најновите информации, дождовите предизвикале излевања на Црна Река на неколку места, на Луда Мара, Раечка, Слупчанка, додека нивото на Пчиња е зголемено, а надлежните ја следат состојбата.
„Поради дождовите е зголемено нивото на Црна Река и на две места кај селата Тројкрсти и Тополчани Црна Река е излеана од коритото и се поплавени земјоделски површини во атарот на селото Лознани, општина Могила. Засега нема пријавено дека вода има во некои објекти“, изјави Илко Петкоски од прилепскиот Центар за управување со кризи. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Девет лица завршија во притвор поради злоупотреби со инвалидските пензии и туѓа нега

На деветмина осомничени од уапсените 23 во акцијата за туѓата нега, судот им одреди мерка притвор од 30 дена.
Едно лице сè уште е недостапно за органите на прогонот.
Притворот за деветмината осомниченни е определен поради опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото, информираа од Кривичниот суд.
Петмина завршија во куќен притвор, додека за девет лица, судот определи мерки на претпазливост, односно обврс да се јавуваат во судот и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова.
Во истрагата на Обвинителството се опфатени вкупно 49 лица. Се работи за две криминални групи чии членови разработиле шема преку која на лица баратели на социјални услуги им овозможувале да добијат право на туѓа нега и инвалидска пензија. Меѓу осомничените има и лекари специјалисти кои биле претседатели Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице.
Македонија
На Онкологија стигна терапијата за болните од рак, пациентите ќе бидат известени кога да дојдат

На Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија пристигна биолошката терапија, којашто од денес и сукцесивно во текот на наредната недела ќе биде дистрибуирана.
Од тука информираа дека пациентите ќе бидат известени кога да дојдат за апликација на терапијата, како и за подигање на таблетарната терапија.
Македонија
„Вреди“: Цените паѓаат, семејствата заштедуваат речиси 2.000 денари месечно

Врз основа на податоците од ССМ – Сојузот на синдикати на Македонија, трошоците за храна и пијалоци за четиричлено семејство се намалиле од 23.427 денари во февруари на 21.280 денари во април – намалување од 1.947 денари. Падот на цените е резултат на мерката за замрзнување на цените и ограничување на трговските маржи, која беше во сила од февруари до април 2025 година, истакнуваат од „Вреди“.
Ова достигнување, како што велат, е резултат на неуморната работа на министерот за економија, Бесар Дурмиши кој, како член на коалицијата ВЛЕН, го води Министерството за економија и труд.
„Според пресметките на ССМ, трошоците за храна и пијалоци за четиричлено семејство се движеле на следниов начин:
Февруари – 23.427 денари
Март – 21.838 денари
Април – 21.280 денари
Според ССМ, од февруари до април 2025 година, трошењето за храна и пијалоци се намалило за 1.947 денари. Ова намалување на потрошувачката, заедно со намалувањето на инфлацијата (која во март изнесуваше 2,7%), јасно го покажува успехот на мерката на Владата и нејзиното директно влијание врз намалувањето на трошоците за живот“.
Според нив, важно е да се напомене дека Владата, од почетокот на својот мандат, континуирано работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните преку низа социјални и економски мерки.
Министерството за економија и труд, соопшти „Вреди“ изготвува нов модел на потрошувачка кошничка, кој ќе се базира на реални податоци од институциите и ќе ги одразува реалните трошоци за живот на граѓаните.