Култура
Изложба по повод сто години од раѓањето на Димо Тодоровски
Во Националната галерија на Македонија на 3 декември (идниот петок), во 12 часот, во објектот Даут пашин амам, ќе биде отворена изложбата по повод сто години од раѓањето на Димо Тодоровски – првиот академски образуван скуплтор во Македонија
Оваа година Националната галерија на Македонија, и целата наша културна јавност, ја одбележува стогодишнината од раѓањето на Димо Тодоровски (1910-1983). Неговото уметничко творештво го претставуваме во јавноста ретроспективно, согледувајки го по многу години, под друг агол, под друга светлина.„Сто години е убав повод за повторно да ги разгледаме уметниковиот живот и кариера и пак да го преоцениме неговото место во историјата на уметноста во нашата земја. Уметникот Димо Тодоровски е прв академски образован скулптор во Република Македонија, исто така тој припаѓа на групата први ликовни педагози во нашата држава“, Маја Крстевска директорка, на Националната акедемија на Македонија.Хриничарите на македонската ликовна уметност ќе забележат дека во малата група пионерски личности, основоположници на современото македонско ликовно творештво, спаѓа и Тодоровски. Така, во стручната литература денес ќе најдете податок дека сега јасно се профилира историската улога на Димо Тодорвоски, во една од најдинамичните области на македонската национална историја. Имено, самиот Тодоровски ја имал големата културна и историска одговорност да биде основач на модерната македонска уметност заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски.Од животописот за Димо Тодоровски ќе издвоиме дека роден на 12 ноември 1910 г. во Солун. Во 1929 г. се запишува во Уметничката школа во Белград, а во 1935 г. ја завршува Уметничката школа со академски курс на скулпторскиот отсек во класата на П. Палавичини во Белград. Од 1945 до 1979 г. учествува во формирањето на Уметничката школа во Скопје и е еден од првите професори. Таму останува до заминувањето во пензија во 1979 г. Исто така, тој е еден од основачите на Уметничката галерија во Скопје во 1949 г. Во 1969 г. е избран е за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите. Димо Тодоровски почина во 1983 г. во Скопје. Голем број дела се наоѓаат во Националната галерија на Македонија, во Музејот на современата уметност во Скопје, во МАНУ, како И голем број монументални споменици низ нашата земја, во Трница, Крушево, Велес, Струга итн. Автор на јубилејната изложба „Димо Тодоровски-100 години од раѓање“ е Мирјана Талеска, кустос-советник во Националната галерија на Македонија.Изложбата се реализира во соработка со Македонската академија на науки и уметности и е подржана од Министерството за култура на Република Македонија.За делото на Димо Тодоров на отворањето ќе говорат Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија, академик Георги Старделов, претседател на МАНУ и академик Цветан Грозданов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

