Македонија
Пратеничка во Бундестагот: Косово ја преплави со терор и Македонија
Пратеничката со турско потекло од германската левица Die Linke, Севим Дагделен, членка на Комисијата за надворешна политика на германскиот сојузен парламент предизвика жестоки реакции од говорницата во германскиот Бундестаг, кога ја обвини германската влада дека во нејзино присуство со Косово управуваат членови на терористичка организација којашто со терор ја преплави и соседната земја Македонија.
Дагделен изнесе сериозни обвинувања на сметка на владата во Приштина, која според неа, била составена од поранешни припадници на „терористичката организација“ Ослободителна војска на Косово (ОВК – УЧК) „во сенка на германските тенкови“ на Косово. Таа во своето обраќање на 19-ти јуни на седницата на германскиот парламент рекла дека иако Германците во состав на КФОР се присутни на Косово веќе 16 години, не е остварена ниедна од целите, Косово да стане стабилно, мултиетничко и демократско општество.Потсетила дека поранешните припадниците на ОВК, кои учествуваа во терористичкиот напад неодамна во Куманово, на Косово беа погребани како херои во присуство на високи функционери. Според неа, Косово е местото од каде најмногу од Европа, заминуваат најмногу борци кои се борат на страната на Исламската држава, во Ирак и Сирија, и тоа „пред носот“ на НАТО и „војската која ја испративме таму“.„Мислам дека Германија не може да продолжи со поддршка на големоалбанскиот национализам којшто го промовира ОВК и терористичките центри како Косово кои носат насилство не само во регионот, туку и на Блискиот исток“, изјавила пратеничката.Таа нагласила дека во изминативе неколку години Косово го напуштиле стотици илјади Срби и Роми и поради тоа демографската рамнотежата била потполно уништена. „Политиката на Германија никогаш не била неутрална. Не ни се потребни германски војници на Балканот коишто ќе поддржуваат една или друга страна и ќе застанат зад кршењето на меѓународното право. Нам ни треба враќање на меѓународното право, бидејќи само тоа може да биде основа за мирен соживот во Европа. Ова е чисто лицемерие“, рекла пратеничката.Таа на крајот порачала дека клучот за траен мир во Европа е политика без двојни стандарди. Дагделен се заложила за тоа Германија да се врати на мирољубивата надворешна политика како Велика Британија и никогаш веќе, нејзините војници да не го напуштаат германската територија./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево време со утринска магла и температури над просекот
Денешниот ден носи претежно сончево и стабилно време во целата земја. Утрото на повеќе места почна со појава на магла и зголемена облачност, особено во котлините, но во текот на денот се очекува разведрување. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Утринските температури се ниски и се движат од минус 4 до 3 степени, додека дневните ќе пораснат и ќе достигнат од 10 до 15 степени.
Во Скопје, делови од котлината утрово се зафатени со магла, но во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко, со мала до умерена облачност. Минималната температура се очекува да се спушти до минус 2, а максималната да достигне околу 11 степени.
Стабилното и сончево време ќе продолжи и во текот на следната седмица. И понатаму, во ноќните и утринските часови, по одделни котлини и речни долини ќе се задржува магла, додека дневните температури ќе останат над просекот за овој период од годината.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.

